Достапни линкови

Селишкар и Ферро со „Мојот превртен свет“ - лауреати во Лос Анџелес


„Мојот превртен свет“ (My World Upside Down), филм на режисерката Петра Селишкар и на снимателот Бранд Ферро.

„Мојот превртен свет“ (My World Upside Down), топлата и поетична документарна сторија на режисерката Петра Селишкар и на снимателот Бранд Ферро, ко-продукција меѓу Словенија, Македонија и Хрватска, на годинашното 12. издание на Фестивалот за филмови од Југоисточна Европа (SEEfest) што се одржа неодамна во Лос Анџелес се закити со две значајни признанија: Специјална награда од жирито за најдобар документарен филм и награда за најдобра фотографија во документарен филм.

Креативното дуо Петра Селишкар и Бранд Ферро деновиве има причини за радост. Нивниот документарец „Мојот превртен свет“ (My World Upside Down), дело потпишано од „Петра Пан Филм Продукција“, инаку словенечко – македонско - хрватска копродукција, на штотуку завршениот 12-ти Фестивал за филмови од Југоисточна Европа (SEEfest) во Лос Анџелес, доби две престижни признанија: Специјална награда од жирито за најдобар документарен филм и награда за најдобра фотографија во документарен филм. Со тоа филмот и неговите творци застанаа рамо до рамо до реномираните балкански уметници како Рајко Грлиќ, Горан Капетановиќ, Анка Мируна Лазареску, Костас Гикас, Маја Претнер, Фисник Махуни...чие творештво беше бележано како посебност на оваа значајна манифестација.

Инаку, SEEfest или Фестивалот за филмови од Југоисточна Европа е случување основано во 2002 година во Градот на ангелите , чиј што концепт е да ги промовира филмовите од овој дел на светот, особено оние што ја раскажуваат пошироката приказна за неа. Фестивалот на овој начин се обидува да ѝ ги отвори вратите на американската публика кон регионот, промовирајќи ја културната различност на мапираниот дел на Стариот континент преку годишна презентација на филмови и организирајќи конференции и ретроспективи за студенти и филмски работници со цел да се создадат можности за културна размена меѓу Јужна Калифорнија и Југоисточна Европа.

​Во тој контекст „Мојот превртен свет“ е приказна базирана на музиката и поетиката на култниот словенечки актер, режисер, поет, писател и кловн Фране Милчински – Јежек и во него, покрај останатите ( финскиот хармоникаш Кимо Похјонен, Јосипа Лисац, Крис Екман, бендовите ВИЛАРД ГРАНД КОНСПИРАСИ и ХУГО РЕЈС...)настапуваат и македонските величини - Тони Китановски со оркестарот „Черкези“ и „Бернајс пропаганда“.

А, на десеттина дена по соопштувањето на веста дека тој е добитник на наградата за најдобра фотографија во документарен филм, а Петра Селишкар на специјалната награда од жирито за најдобар документарец, Бранд Феро знае да каже дека делото било селектирано без тие да знаат за тоа и дека кога веќе ја дознале информацијата било предоцна да се организираат за патувањето во САД.

„Проекцијата на филмот се случи кога јас бев во Атина, а Петра веројатно во Словенија. И јас некако потајно очекував и се надевав дека ќе добиеме некаква награда, но не мислев дека тоа ќе биде за документарен филм. Меѓутоа приказната како да се повторува. Мене ми е некако изгледа пишано да добивам награди за снимател на американскиот континент. Минатата година добив во Њујорк, годинава еве во Лос Анџелес...така што доаѓам до заклучок дека нашите документарни филмови таму врват, ги почитуваат, ги ценат.“

Бранд дополнува дека од премиерата во август на минатогодишното издание на МАКЕДОКС тие со филмот аплицирале на сите релевантни фестивали по Европа, но дека на ниту еден не поминал, па така се решиле да се обидат надвор од Стариот континент... и еве признанијата стигнале.

„Се надевам дека филмот ќе има добар живот бидејќи зборува за универзална тема, така што е близок до сите народи и нации. Очекувам филмот уште долго да патува и еве ќе кажам дека му претстојат уште неколку прикажувања по фестивалите на американскиот континент, а истото очекувам да се случува и на Исток. „мојот превртен свет“ ќе има убав фестивалски живот.“

Петра Селишкар, од своја страна, пак, истакнува дека нема човек што не се радува на некоја награда, посебно кога се работи на нешто со години како што тие работеле на „Мојот превртен свет“ - дури цели осум лета. Вели дека ним конечно им се случил тој филм и дека станува збор за прилично амбициозен проект.

„Долго време чекавме на некој поголем фестивал, но тешка е темата...Говори за уметник, за некој човек којшто креира. Не е политичка, не е атрактивна, не е сега во тренд...туку зборува за суштински работи за кои нема толку простор на „А“ - фестивали, но без оглед на тоа гледам дека оваа награда некако ни даде потврда дека сме кажале вистински работи и дека филмот е добар.“

Режисерката смета дека во секоја една работа има политика и не само овде на Балканот туку и воопшто во Европа, но дека тие како творци сакаат да го вратат авторот, уметникот на неговото вистинско место. Да го извадат малку пред политиката. Да говори некои работи од кои можеби луѓето би требало да добијат некои идеи. Да биде неколку чекори пред политичките случувања.

„Да не се занимава само со тоа што се случува сега и овде. Да не живее на Фејсбук, туку да понуди нешто посуштинско, поинтересно. Да може нештото подолго време да го мисли, а не да нуди само инстантни информации какви што секојдневно се пласираат во медиумите. Тоа е некоја идеја кон која ние се стремиме, темите што ние ги бираме.“

Селишкар појаснува дека во денешнинава луѓето како да се опседнаа со тоа сè да им се случува на телевизија. Да бидат исклучиво политички битија. Според неа сето тоа предолго трае и дека не можеби веднаш, но сепак еден ден ќе мора да се смени оти стана прездодевно. И тогаш политичарите, како што вели, ќе мора да им го вратат приграбениот ореолот и шоуто на вистинските ѕвезди. На творците на кои денес им стана тешко да креираат и да живеат само од сопственото дело, туку се принудени да се кријат и да стануваат „невидливи“ во сопственото општество.

„Колку и да мислиме дека е ова демократска средина убаво би било да може секој да каже што мисли и притоа воопшто да не биде важно дали е во право или не. Едноставно тој да има сила да се конфронтира со светот. Тоа мислам дека е правилно. Би сакала што повеќе младите луѓе да присуствуваат на дебати, да полемизираат, да не се кријат зад Твитер и другите социјални мрежи...едноставно да бидат дел од целиот тој процес на менување на светот околу нас.“

Инаку, доследни на сопствената студиозност и на потребата да го потпишуваат само она во што силно веруваат, Феро и Селишкар деновиве се фокусирани и на проектот на кој му посветиле безмалку цела една декада од сопствените креативни потенцијали. Како што велат, станува збор за филмот чиј работен наслов е „Тело“ и во кој се снимени неколку ликови од Македонија и уште толку од Словенија и каде обработуваат „една навистина инттересна, малку суптилна тема“. Но, тоа и не е се бидејќи тие веќе го започнале и снимањето на документарецот за легендарниот словенечки кант-автор Томаж Пенгов.

„Тоа ќе биде исто така еден поетичен, убав портрет за еден одличен кантавтор каков што беше Пенгов и кој почина пред една година. Инаку и тој учествуваше во реализацијата на филмот „Мојот превртен свет“, така што тоа се тие два проекта на коишто во моментов работиме. Всушност, во последно време некако се обидуваме да ги сплотиме уметностите. Тоа се обидуваме да го направиме и на нашиот фестивал, на МАКЕДОКС. Сакаме да врземе што е можно повеќе уметници и уметности – филм, музика, сликарство ...Тоа ни се топици на коишто работиме во дадениот миг и не само во филмската продукција туку и во проектите што ги реализираме вон филмот“, вели Бранд.

Притоа дополнува дека во сферата на нивното интересирање покрај словенечката е и современата македонската музичка сцена, „дека таа е толку голема и возбудлива“, и истакнува дека од неодамна со Саша Павловиќ се договараат да работат еден филм на таа тема, но дека чекаат идејата да созрее за да го дефинираат концептот и да започнат со снимањето (...„можеби и ова лето“...).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG