Достапни линкови

Битола по 19 пат ќе го чествува „соголувањето“ на актерот


Интернационален фестивал на монодрама во Битола, постер
Интернационален фестивал на монодрама во Битола, постер

Десет актуелни монодрамски остварувања на актери од Естонија, Хрватска, Русија, Холандија, Полска, Израел, Словенија, Германија и од Република Македонија ќе се најдат во конкуренција за наградата „Гран при“ на 19 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, што од 5 до 9 мај, ќе се одржи во Битола. Манифестацијата ќе започне со олбиевата „Брачна игра“ што ја потпишаа Игор Џамбазов, Весна Петрушевска и Тони Михајловски, а на затворањето во чест на наградените ќе биде претставен проектот со театарска музика „На светов убавина“ од композиторот Горан Трајковски.

На Битола и воопшто на македонската културна сцена, од 5 до 9 мај, по 19 пат ќе и се случи Интернационалниот фестивал на монодрама, манифестацијата која низ годиниве се обидува и успева да ги претстави современите стремежи во оваа специфична драмска форма. А, во случајов понудата е сочинета од десет актуелни остварувања на актери од Естонија, Хрватска, Русија, Холандија, Полска, Израел, Словенија, Германија и од Република Македонија кои се во конкуренција за наградата „Гран при“ и кои ќе бидат прикажани на трите сцени на Битолскиот театар и Центарот за култура.

Своевидниот натпреварувачки театарски маратон започнува в сабота, во 18 часот, со „Семјон Захарич“, претставата работена по мотиви од романот „Злосторство и казна“ од Достоевски во изведба и режија на Вјачеслав Рибникот и во продукција на Театар од Талин, Естонија. Два часа подоцна ќе биде прикажана „Десница: Игри на пролетта и смртта“, претстава работена според елови од романот „Пролетта на Иван Галеб“ од Владан Десница со Јурај Арас од Театро Верди, од Задар – Хрватска, а долгата театарска ноќ ќе биде заокружена со „Солзи поголеми од очите“ на Драмски театар од Орел Русија, проектот базиран на мотивите од „Повест за Соњечка“ од Марина Цветаева, зад кој стојат актерката Валерија Зилина и режисерот Александар Микаилов.

В недела, љубителите на театарот најнапред ќе имаат можност да ја видат силно емотивната „Количка“ на холандско-турската авторка и актерка Фунда Мујде што заеднички го стокмија Вими Вилхелм и Челиз Токзус. Потем следува „Дива“ на Магдалена Гауер во изведба на Виолета Комар што во Театар Рондо од Слупск, Полска, го режираше Станислав Мјеџиевски.

Истата вечер на програмата се „Голгота“ од Шмуел Рефаел што ја одбра актерот Виктор Атар и воеден од театарите во Тел-Авив, Израел, ја режирала Гела Јефет-Атар, за да конечно некаде пред полноќ биде одигран и авторскиот проект „Бог е жив“ на Драгана Босниќ, кој е поддржан од град Скопје и МНТ.

И, тука не завршува наметнатото силно програмско темпо. В понеделник, на претпоследниот ден на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2017“, најфанатичните вљубеници во театарот ќе имаат можност да проследат уште четири претстави од кои дури три во конкуренција. Започнува Словенечкиот театарски институт од Љубљана кој ќе ја претстави својата продукција „Ирена или не можам повеќе“ на авторот и актер Мирел Кнез, а каде како режисер е потпишан познатиот Нико Горшиќ. Следува „Одисеј“ на Лим Норевиг што Вили Шлутер ја донел на сцената на Театарот на листата од Хановер, Германија, за да потоа Народен театар од Битола, на големата сцена, ревијално го понуди своето видување на „Дупло дно“, класиката на Горан Стефановски во режија на Ангелчо Илиевски. И, конечно одбирот ќе биде крунисан со набоковата „Лолита“ што како продукт на битолското драмско студио „Солза и смеа“ го обмисли и го изведува актерот Александар Димитровски.

„Како селектор, пред сè, се раководев од квалитетот на претставите на оние коишто аплицираа за Фестивалот и мислам дека навистина ќе имаме претстави за сечиј вкус на програмата. Мислам дека од година во година овој фестивал добива на квалитет и тоа навистина ме радува. Се надевам дека на следното јубилејно издание ќе биде поголем бројот на монодрамите што ќе се јават на отворениот конкурс и на тој начин ќе биде посилна конкуренцијата за награди на манифестацијата“, вели актерот Петар Мирчевски, кој во изминативе четири години беше селектор на програмата на Интернационалниот фестивал на монодрама.

Кон ова само уште информацијата дека за најдобрата монодрама или за наградата „Гран при“ на манифестацијата ќе одлучува интернационално жири предводено од познатиот турски режисер Емре Ердем, а во кое се и Полет Смит актерка од Холандија, Нина Мазур од Германија и македонските актери Игор Џамбазов и Атила Клинче.

Според досегашната практика, воведот во случувањата на Интернационалниот фестивал на монодрама овојпат ќе биде сторен со изведбата на претставата „Брачна игра“ со Игор Џамбазов и Весна Петрушевска во главните улоги, а на затворањето во чест на наградените композиторот Горан Трајковски со своите бројни музички собеседници по трет пат ќе го претстави својот уникатен проект со темите од тетарските претстави што досега ги работел насловен како „На светов убавина“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG