Достапни линкови

Заев ја презеде функцијата и го осуди нападот врз Тодоров


Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата ја презеде функцијата од досегашниот премиер Емил Димитриев. Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет.

Заев откако ја презеде функцијата изјави дека уште денеска ќе даде насока да се отворат портите на зградата, оти, како што вели, верува во отвореноста на Владата. Запрашан како ќе постапи во случајот со директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој се посочува како директно одговорен за организираното насилие во Собранието, Заев вели дека ќе постапуваат по закон и дека намерата им е да ја преземат власта за да може да ја гарантираат безбедноста и иднината на сите граѓани. Заев изјави дека го осудува начинот на кој е нападнат поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Премиерот вели дека не ги знае сите детали за случајот, објаснувајќи дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го информирал дека напаѓачот е физичко лице кое со пиштол посегнало по Тодоров.

„Драго ми е што поранешниот министер е безбеден и сигурен, затоа што ние сме луѓе треба да си помагаме, не треба да испраќаме лоши пораки“, рече Заев.

Претходно членовите на Владата беа примени од претседателот Ѓорге Иванов. Премиерот вели на средбата констатирале дека треба да соработуваат, оти од соработката интерес ќе имаат граѓаните.

Запрашан дали кабинетот е проверен да не има уреди за прислушување, Заев вели дека има служби кои си ја вршат работата и верува дека ќе биде осигурана професионалноста на функционирањето на премиерот.

Заев вели дека викендот со своето семејство ќе дебатираат за користењето на премиерската резиденција. Заеви живеат во Струмица. Премиерот од неговиот претходник дознал, како што вели, дека состојбата со буџетот е стабилна, дека не е нешто блескава, ама не е ниту драматична.

Новата Влада беше избрана во Собранието на Република Македонија ноќеска пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“

XS
SM
MD
LG