Достапни линкови

И вработените кумановци би избегале во странство


Голем дел од оние што останале, и покрај тоа што се вработени, не се задоволни и некои се обидуваат да заминат, а мал дел велат дека со мислите се преку граница, но тешко им е да го напуштат родниот град.

Иако статистиката говори дека во Куманово, со владините мерки за поволности при вработување, бројката на невработените е намалена, со тоа што околу 12 илјади граѓани до 58-годишна возраст се вработени главно во приватни фирми, сепак голем дел од младите и високообразовани својата иднина ја гледаат некаде преку граница. Трендот за барање подобар живот во туѓина понекогаш е само тренд, а често пати и незадоволство од околностите во кои живеат младите, а кои пак не коинцидираат со нивните потреби, желби и замисли.

Во Куманово се чини никој не се занимава со тоа зошто градот се празни, ниту пак дека има закана можеби за една деценија да стане град на стари лица. На тоа укажува и фактот што одамна нема семејство во Општината од кое барем еден член не е заминат во странство и тоа со билет во една насока. Се иселуваат и цели семејства, главно млади луѓе. Голем дел од оние што останале, и покрај тоа што се вработени, не се задоволни и некои се обидуваат да заминат, а мал дел велат дека со мислите се преку граница, но тешко им е да го напуштат родниот град. Одамна Куманово е печалбарски град. Некои по неколкугодишна печалба се враќаат, се обидуваат да се снајдат во државава, понекои со семејства да се иселат некаде во Европа, или во многу подалечните земји, на други континенти. Ретки се и тие што се откажуваат од нови печалбарења.

„Би заминал првенствено поради финансиите и несреденоста, неорганизираноста, како млад човек сигурно повеќе би имал просперитет во друга држава отколку тука.“

„Би заминал поради подобри финансиски услови во странство. Работам, но сепак финансиите се мали. Би заминал во Европа и мислам дека таму ќе ми е подобро“, велат анкетираните кумановци.

Меѓутоа за среќа или не, не можат сите да заминат. Некои не сакаат, некои се трпеливи и чекаат подобри времиња во државава, некои немаат можности или како што велат, немаат храброст да се соочуваат со носталгија. Разни луѓе, разни причини.

За оптимистите во Куманово е добро, оти се надеваат дека мора да биде и подобро.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG