Достапни линкови

Хојт Ји oчекува нова реформска влада


Хојт Ји- Алармантни инциденти во Парламентот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Хојт Ји- Алармантни инциденти во Парламентот

Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји попладнево порача дека треба да се овозможи формирање влада со нова владина програма за да тргнат реформите. СДСМ ветува избор на нова влада, а ВМРО-ДПМНЕ го смета изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието за нелегитимен.

На сите состаноци денеска од сите лидери и претставници слушнав дека се посветени на демократска унитарна држава и на основните демократски принципи, на мирен трансфер и мирно решение на конфликите и на барање решенија што се инклузивни и нема да остават никој изолиран. Ова го изјави заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји по дводневните средби со политичките лидери.

Порача дека треба да се овозможи формирање влада со нова владина програма за да тргнат реформите, да се одвива бизнисот, редовно да се земаат плати. Ова е ставот што го делат САД, ЕУ, НАТО и Берлин, нагласи Ји. Сите прашања за програмата на новата влада треба да се дебатираат внатре во Парламентот, врз основа на нормални демократски принципи, додаде американскиот функционер.

„Со други зборови, ако мнозинството од пратениците се задоволни од Џафери, тие треба да имаат право да го изберат. Ако постои некаква загриженост за програмата на Џафери, или како си ја одработува работата како спикер во Собранието, мислам дека партиите имаат право да го покренат тоа прашање во Собранието и да го адресираат таму, во Парламентот“, вели Ји.

Загрижувачки и аларманти ги оцени инцидентите во Парламентот, од четвртокот, каде пратениците беа насилно, и како што рече кукавички нападнати. Побара целосно расчистување на инцидентот.

Иванов бара гаранции од Заев

Средбите денеска тој ги започна со претседателот Ѓорге Иванов. Во соооштението од претседателскиот кабинет по средбата се наведува дека тој побарал американска помош за да се отстранат пречките и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот. Според Иванов, доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи.

„Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“, е посочено во соопштението.

Во соопштението е наведено дека Иванов го осудува политичкото и физичкото насилство и повика граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог.

Во таканаречената Охридска сала во Собранието, под силно полициско обезебедување, се одржа средбата на Ји со Талат Џафери, кого парламентарното мнозинство го избра за претседател на парламентот.

По средбата Џафери кусо изјави дека присуство на Ји во Парламентот уште еднаш ја потврдува поддршката на САД за избор на претседател на Собранието и како и поддршката на нивните следни чекори за враќањето на стабилноста и функционалноста на Собранието и другите институции.

„Од моја страна ги осигурав нашите пријатели дека јас како претседател на Собранието ќе се потрудам да бидам сеопфатен претседател на сите пратеници, без оглед на тоа од која политичка или етничка група доаѓаат и како се изјасниле по однос на изборот на претседателот на Собранието. И во тој контекст уште од утре па натаму ќе се обидам да ги ставам во функција работите во Собранието без оглед на последиците кои се видливи и денеска“, изјави Џафери на скалите во собранискиот хол.

Заев вети формирање нова влада

Во Собранието Ји се сретна и со лидерот на СДСМ Зоран Заев, по што во писмена реакција од партијата беше пренесено дека Новиот собраниски спикер Талат Џафери е законски и легитимен, а Иванов треба да го додели мандатот.

„Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада“, се вели во писменото соопштение.

СДСМ најавува дека претседателот Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада.

На средбата Заев беше придружуван од потпретседателската на СДСМ Радмила Шеќеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски. По средбата со Ји во Собранието, Заев седна во едно од локалните кафулиња на разговор со Џафери и неколку партиски претставници од СДСМ И ДУИ.

Инаку изјавата попладнево Ји ја даде пред американската резиденција, а на неа дојде од средбата што со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други партиски претставници ја одржа во Клубот во пратениците.

ВМРО-ДПМНЕ - нелегален обид за избор на Џафери

ВМРО-ДПМНЕ, како што наведуваат во соопштението испратено по средбата, истакнале дека не поддржуваат физичко насилство, но во исто време го осудуваат и политичкото насилство кое, како што пишуваат го направило СДСМ врз институциите, деловникот, законите и Уставот.

„За ВМРО-ДПМНЕ политичкото насилство врз Уставот, законите и деловникот од страна на СДС предизвика гнев, а дополнителна провокација беше и интонирањето на албанска химна во македонското собрание. Сето тоа заврши со нелегален обид за избор на претседател на собранието надвор од сите процедури, на веќе официјално завршена седница, без официјален записник, без стенограм, без право на збор на пратениците, надвор од Деловникот за работа, законите и уставот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека за нив е неприфатлива тиранската платформа и дека најдобро решение се брзи избори.

Американскиот функционер е во дводневна посета на Македонија, пристигна еден ден пред најавеното. Тој во неделата се сретна со лидерите на партиите на Албанците во Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG