Достапни линкови

Насилство во Собранието по изборот на нов спикер


Насилства во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Насилства во Собранието

Неколкумина се повредени во насилството во Собранието по изборот на Талат Џафери за претседател на институцијата. Демонстрантите, од кои дел со фантомки, го запоседнаа Собранието, кршеа и тепаа пратеници и новинари. По настаните во Парламентот амбасадорите повикуваат насилството да запре. На смиреност, преку Фејсбук, повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Полицијата со шок бомби се обидува да ги истера демонстрантите од Собранието, кои ја запоседнаа зградата по веста дека Талат Џафери е избран за собрансики спикер. Од МВР информираа дека до 20:43 часот биле евакуирани 30 пратеници. Полицијата соопшти и дека се повредени 10-тина полициски службеници.

Седум луѓе со повреди на главата и еден со повреда на колено се примени вечерва во Градската болница во Скопје, по насилството во Собранието. Директорката на Градската болницата, за МИА вели дека еден од повредените имал потрес на мозокот, но е во добра општа состојба. Во Ургентниот центар и во Градската општа болница „8 Септември“ вечерва не е донесен ниту еден повреден, изјавија од тие две јавни здравствени установи за МИА.

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, во вечерашното кусо обраќање, ги повика лидерите на политичките партии на состанок утре кај него, со цел да се смират тензиите. „Никој друг од надвор нема да ни ги реши проблемите, ако самите не си ги решиме“, рече Иванов.

Сè започна кога пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието. Додека пратениците од парламентарното мнозинство гласаа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „Ова е пуч“. Тие ја окупираа говорницата, па изборот на претседател се изведуваше на среде сала. Пратеници му честита на Џафери за изборот за претседател, по што тој положува заклетва.

Откако демонстрантите ја дознаа веста насилно влегоа во собраниската зграда.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пратениците Радмила Шеќеринска и неколку други од СДСМ, пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села се повредени вечерва во Собранието. Во салата во која беа тие упадна поголема група луѓе со фантомки кои почнаа да кршат и да тепаат. Новинарите и снимателите беа избркани од просторијата, а доколку некој се обидуваше да снима му беа одземани и кршени микрофоните и камерите.

Во денешното насилство нападната е и новинарка на Радио Слободна Европа, а одземена и скршена е и редакциската камера.

Демонстранти претходно најавија дека нема да си одат од таму, оти како што велат, тоа е Народно собрание. Ја пееа химната, извикуваа „Македонија“ и „Избори“, а пееа и песни со навредлива содржина за Албанците.

По настаните во Собрание реагираа и амбасадорите

Не е време на насилство, ова се вознемирувачи вести, рече амбасадорот на Шведска, Матс Стефансон, како најстар амбасадор во земјава во името на ЕУ и САД во своето обраќање по настаните во Собранието.

„Ова е време за дијалог, не за насилство. Апелираме до сите страни да се воздржат од потпалувачки реторика и активности кои може да ги разгорат работите, исто така апелираме дека полицијата има одговорност за воведување на редот“, рече тој.

Дипломатскиот кор загрижен за состојбата во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Осуда за денешниот напад и порака дека насилството во Собранието е неприфатливо упатија шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и европскиот комерсар за проширување Јоханес Хан во заедничко соопштение. Могерини и Хан порачаа дека е неопходно смирување и воздржаност и побараа Министерството за внатрешни работи и полицијата да ја осигураат безбедноста на Парламентот и пратениците.

Амбасадорката на ОБСЕ во Македонија Нина Соумалаинен побара запирање на насилствата. Таа на Твитер напиша дека полицијата треба да ја осигура безбедноста на парламентот и на пратениците. Претседавачот на ОБСЕ, Австрија, исто така на Твитер ги осуди и повика на итно запирање на насилствата. „Потребно е да се врати редот и мирот“, велат тие.

Груевски - Насилството не е решение

Насилството не е решение и потребно е смирување на страстите, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

„Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да го исполнат нивното сценарио. Потребно е смирување на страстите“, пишува тој.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротистави на овие антидржавни постапки на СДС преку правни и политички демократски средства, додава во статусот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG