Достапни линкови

Охрид: богатство или бетон – изборот е наш


Драгана Велковска, активистка во Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Охридското Езеро е единствен во светот милиони години стар еко систем преполн со ендемски видови кој ќе биде уништен и заменет со бетон, бетон и бетон. Дали ќе се откажеме и ќе дозволиме или ќе се бориме до крај – само ние одлучуваме, пишува Драгана Велковска, активистка во Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

1979 година. УНЕСКО го прогласува охридско-струшкиот регион за светско природно наследство. Зошто? Затоа што го имаме најстарото езеро во Европа. Имајќи ја предвид површината, Охридско е најбогатата копнена вода со растителни и животински видови. Од нив над 212 видови не постојат на ниедно друго место на Земјата! Природна реткост несвојствена за езера и поголеми и подлабоки во светот!

1980 година. УНЕСКО го впишува регионот на Листата на светско културно наследство. Зошто? Затоа што ги имаме најстарите човечки населби во Европа, најстариот словенски манастир и втората најбогата збирка на икони во светот! Со тоа, Македонија станува една од првите комбинирани локалитети прогласени едновремено и за природно и за културно светско наследство. Дури и денес постојат само 35 такви во целиот свет!

2017 година. УНЕСКО статусот на регионот е загрозен. Зошто? Затоа што се планира градење на марина и целосно бетонирање на Студенчишко Блато – последните бели дробови на Езерото. Се планираат ски-центар и експресен пат што ќе ја распарчат и распараат Галичица – национален парк од светско значење како дел од Прекуграничниот биосферен резерват, само 16 такви резервати постојат во светот. Се планираат 10.000 м2 (и со зборови – д е с е т илјади метри квадратни!) платформи во Езерото што ќе ги уништат ендемските видови и малкуте останати појаси трска – филтерот на Езерото. Се планира кинески ѕид долж крајбрежјето што ќе ја смени микроклимата во градот Охрид и комплетно ќе го блокира протокот на воздух!

Дали е очигледна фрапантната неспоредливост? Единствен во светот милиони години стар екосистем преполн со ендемски видови да биде уништен поради бетон, бетон и... хммм, бетон. Има логика, нели?

А што правиме ние? Што прави секој од нас како поединец за да се спречи ова злосторство, оваа незапаметена агресија врз сè што е непроценливо вредно, врз сè што е скапоцено во нашата земја? Информирани ли сме барем, дека ние, жителите на Македонија, нема да добиеме ништо од тие „проекти“? Дека Македонија нема да добие ништо од тие „проекти“. Дали ние воопшто знаеме кој ќе добие од тие „проекти“? И дали сме спремни да му дозволиме неповратно да го уништи ова огромно богатство само за еднократната наплата да си ја пикне во сопствениот, веќе одамна преполн, џеб? Дали сме спремни да продолжиме да дозволуваме наши сограѓани масовно да ја напуштаат Македонија? А ја напуштаат зашто за нив Македонија е земја на заспани луѓе, а не на луѓе кои сонуваат.

Во Охрид луѓето одамна престанаа да сонуваат. Одамна се движат само по инерција, незаинтересирани за можностите кои регионот ги нуди. Ниту имаат волја ниту имаат надеж за нешто да сменат. Делумно вината е и кај нив, но всушност е кај сите нас. Охрид не е само на охриѓани, ниту само на Македонците. Охрид е на светот! И сите имаме должност да го заштитиме. Сите имаме должност да не дозволиме да биде уништен засекогаш. Сите имаме должност да му обезбедиме третман каков што заслужува. Мора веднаш како знаеме и умееме да ги најдеме начините да ја воспоставиме речиси изгубената врска со природата што нè опкружува. Да ја воспоставиме речиси изгубената врска со нашата сопствена природа како свесни и интелигентни битија кои имаат должност да се однесуваат одговорно и несебично кон сè што ги опкружува.

Дека сме скршнале е несомнено. Прашањето е си го знаеме ли патот за назад и што е поважно, дали сме доволно храбри да се вратиме назад за конечно да можеме да тргнеме напред?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG