Достапни линкови

Колку чини самостојниот живот на младите?


Колку подолго остануваме амеби во домот на родителите, други да мислат за нас, други да средуваат по нас, други да се грижат и одлучуваат за нас, толку потешко и покасно ќе влеземе во светот на возрасните, пишува за младинската колумна Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.

Ве опседнала ли некогаш желбата да живеете по сопствени правила и услови? Да имате свој кров над глава? Да донесувате самостојни одлуки? Да се грижите самите за себе без ничија помош?

Мене искрено, да. Секојдневно се борам со желбата да имам услови за младешки живот како на младите од далечната Европа. Но, ниски плати , високи цени , несигурност , невработеност. Неповолни услови до бескрај. Да не те казни Господ да ја живееш младоста во Македонија. Е така се чувствувам. А не сум само јас, туку добар дел од младите во Македонија. Барем се надевам...

Осамостојувањето и стекнувањето независност се пролонгира додека може , па и тогаш. Од повеќе фактори. Едно, немаме финансиски услови за да живееме сами, под кирија, со цимери и сл. Разбирливо до некаде. Имаме ниски плати, честопати и пониски од самата кирија (без другите трошоци). Сакаме луксузен живот, викенди, скапи телефони, таблети, лаптопи, одмори, брендирана облека и сл. Кафиња, кафиња, кафиња. Несигурна работа. Друг важен фактор е традицијата согласно која сме воспитани, општеството, и нормално, муабетот, што ќе кажат комшиите! При стан ти ќе одиш кирија да плаќаш! Да не те тепаме што ти толку лошо ? што не ти дозволено , што сакаш да си одиш? И вака до бескрај. Прашањата се најчесто за наше добро, да не освестат, да не си ги трошиме малкуте пари што ги заработуваме залудо. Трето, и да имаме желба и пари за да живееме под кирија, какви услови има таму. Добар дел од становите што се издаваат се со мебел од пред Втора светска војна. Регалот за чејз шо и го дале на бабата од нејзината прабаба.

И сега каде? Да се биде или не ? Родителите не чуваат ко бубрежиња во лој, државата не угнетува од секој можен агол, и на крај ние не сме упорни, храбри и сл. Криви сме и ние, или барем дел од нас , коишто имаат услови за тоа, но сепак избираат да почекаат со растењето и превземањето одговорности на себе.

Колку подолго остануваме амеби во домот на родителите, други да мислат за нас, други да средуваат по нас, други да се грижат и одлучуваат за нас, толку потешко и покасно ќе влеземе во светот на возрасните. И да се разбереме, можеби со наполнети 18 години законски сме возрасни, но ментално... далеку подоцна.

Реткост е кога родителите ги “фрлаат” своите 20 годишни деца во светот. Бескрајно благодарна сум им на моите родители за тоа. Што никогаш не ме спречија да пораснам, да ми биде тешко, да работам, честопати и по 2 работи, да го живеам животот со свои пари и по мои правила. Не велам дека не се мешаат, далеку од тоа, секогаш имаат коментари. Понекогаш се и од корист и ќе помогнат.

Но најчесто младите се на чатал помеѓу сопствените желби и потреби и да им угодат на своите родители. Родителите пак, кои ненамерно, во процесот на нашето растење и воспитување, се изгубиле себе и своите сопствени потреби, ако ги оставиме за да ги бркаме своите соништа, ќе изгубат се за што живееле. Да бидеме на чисто, тоа се случува во скоро секое трето семејство. Ги врзуваат со папочна врвца и на 30 години уште ги ословуваат со „мајкино“ и „сине“. Нема многу јунаци што ќе го напуштат семејното огниште и ќе се мачат да сврзат крај со крај.

Поедноставно е да си живееме сите топтан. И така малце ни ги имаат измешано вредностите и брзините во животот. Како додадена вредност на ваквиот однос е, нели, дека сите треба да станеме директори/ки , зашто нели за тоа учиме факултет. Ништо помалку од тоа не треба да прифаќаме. До тогаш ќе не одгледуваат мама, тато, баба, дедо... а кога ќе навршиме 26-27 години и сфатиме дека уште немаме ни ден работен стаж, се паѓа во депресија, се размислува на селење и сл. Секогаш е поедноставно да си отидеме од тука и да бараме спас во белиот свет. А овде ни под разно не би се бореле за тоа што сметаме дека го заслужуваме. Тука чекаме среќата да ни тропне на врата. Со писмо на домашна адреса да не замолат да бидеме директори/ки додека во меѓувреме играме видео игри, броиме лајкови иживееме во виртуелна реалност.

Среќата моја била друга. Ме пуштиле да работам и да студирам, да згрешам и да си ги сносам последиците од сопствените одлуки и постапки. Да патувам,да живеам по сопствен терк.драги мои мене ми е забавно. Некогаш мајка ќе прати убави посни сармички, некогаш ќе ми се погоди леќата, а има денови кога маргаринот ми е поскладок и од баклава… зашто е мој избор, моја одлука. А кој е вашиот избор…?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG