Достапни линкови

Се ближи ли разрешницата на кризата?


Архивска фотографија - Средба на претседателот Ѓорге Иванов со американскиот дипломат Хојт Ји, март 2016.
Архивска фотографија - Средба на претседателот Ѓорге Иванов со американскиот дипломат Хојт Ји, март 2016.

Дел аналитичари во средбите на лидерите на ДУИ и СДСМ и во најавената посета на американскиот дипломат Хојт Ји гледаат индиции за скорешна разврска на политичката криза.

Средби на лидерите на ДУИ и на СДСМ, изјави дека секој ден е можен избор на претседател на Собранието, средби на амбасадори со челниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и најавената посета на американскиот дипломат Хојт Ји даваат слика дека можеби работите се забрзуваат, оценуваат аналитичари.

Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, сите индиции во последниве неколку дена се дека во многу скоро време ќе се најде решение за политичката криза во која се наоѓа земјава. Неговите очекувања се дека конкретни чекори ќе има по понеделник.

„Мислам дека по средбите на Хојт Ји со претставниците на политичките партии во понеделник сè поизвесно ќе биде дека излезот од кризата ќе се најде по институционален пат, односно преку избор на претседател на Собранието, а потоа и влада“, вели Гаџовски.

Според него, по средбите со заменик-помошникот државен секретар на Стејт Департмент за Eвропа и Eвроазија и ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, ќе попуштеле. Гаџовски ваквиот став го темели врз претходните искуства, споменувајќи дека по една од посетите на Ји во 2015 година, неколку министри во тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ си поднеле оставки.

Ји на први мај ќе се сретне со партиските лидери, а последната негова изјава минатиот месец од Загреб беше дека потребно е што поскоро формирање влада за да може да почне претпристапниот процес за приклучување кон ЕУ.

Но, политичкиот аналитичар Алајдин Демири не е убеден дека ќе има брз развој на настаните. Според него стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, е како што вели, парламентарното мнозинство да направи нешто, па тие да имаат аргумент да ги прогласат за нелегитимни. Единствено решение за излегување од оваа криза, според него, се локалните избори. Ако не се најде решение за нив и за исплата на сите што се во локалната власт тогаш ќе дојде до, како што ја нарекува, Демири вистинската криза.

„Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе има пресметка со народот и ќе дојде до основна, социјална бомба, барање на плати итн.“, вели Демири.

И додека од Собранието претставници на СДСМ изјавуваа дека секој ден е можен избор на спикер на Собранието, а претседателите на ДУИ и на СДСМ Али Ахмети и Зоран Заев имаат средби, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ вчера на средба беа неколку амбасадори. Партиската делегација на чело со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на амбасадорите на Германија, Обединетото Кралство, Шведска и Холандија, им пренеле дека најдобар начин за излез од кризата се брзи избори, а дека дебатата во парламентот е користење на сите законски и деловнички можности од ВМРО-ДПМНЕ за искажување на ставовите и позициите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG