Достапни линкови

Фосфорот наместо да го храни, го јаде родот во Пелагонија


Пелагонија,
Пелагонија,

Земјоделците велат дека до сега не знаеле оти почвата содржи толку многу фосфор, па ја прихранувале секоја година. Додаваат дека не правеле агрохемиски анализи, оти немаат пари.

Прекумерни концентрации на фосфор содржи почвата во најголемата житница во Македонија, Пелагонија. Ова го откри истражувањето „ТЕРА МЕД“ за загаденоста на воздухот и почвата во пелагониско, во кое беа вклучени Факултетот за биотехнички науки од Битола и универизитетот „Аристорел“ од Солун.

Експертите сметаат дека зголемените концентрации на фосфор се должат на прекумерното ѓубрење на почвата кое се применува со години наназад. Зголемени количини на фосфор се откриени во почвите во битолско и прилепско.

Земјоделците велат дека до сега не знаеле оти почвата содржи толку многу фосфор, па ја прихранувале секоја година.

„Секоја година по неколкупати ја прихрануваме почвата со фосфорни препарати. Такви мерки ни останале од претходно од татковци, дедовци. Мислиме дека земјата нема доволно фосфор. Инаку кој има пари да прави агрохемиски анализи“, вели Миле Дојчиновски, земјоделец од Новаци.

Професорот Иван Кунгуловски, експерт за микробиологија, вели дека во рамки на истражувањето зеле примероци од почвата кои покажале зголемено присуство на фосфор. Мал дел од него, вели тој, доаѓа од загадувањето до РЕК, додека поголемиот дел е последица на прекумерно ѓубрење.

„Овие информации се многу значајни за околината и јавноста, зашто преку нив земјоделците можат да дознаат дали е воопшто потребно да се прихранува земјата со калиум, фосфор, зашто можно е земјата да има доволни количини, а на некои места гледаме дека ги има и прекумерно, па она стандардно ѓубрење годишно по пет до шест пати не мора да го прават“, вели Кунгуловски.

Кога земјата се ѓубри повеќе од потребното, човекот самиот ја закиселува што се одразува врз родот на земјоделските производи.

„Не влијае врз здравјето на конзументите, туку влијае на самиот квалитет на производите. Далеку подобар принос би имале и квалитетот на земјоделските производи би бил поголем доколку се одржи тој баланс и се следат мерките за безбедност“, додава професорот.

Во Пелагонија се произведуваат најголемите количини на пченица во земјава, а се одгледуваат и пченка, сончоглед и многу градинарски култури. За да се избалансираат количините на фосфор во почвата потребно е да и се даде пробиотик, посочува професорот.

„Има начини на биоремедијација каде микроорганизми го врзуваат фосфорот со себе и го врзуваат со други соединенија, па нема да биде толку штетен за почвата и земјоделството. Се прават различни раствори од концентрати, кои се распрскуваат низ почвата и го враќаат балансот. Тоа е еден вид на пробиоток за почвата“, вели Кункуловски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG