Достапни линкови

„Партизанување - траги на борбата“ наспроти повампирениот фашизам


„Партизанување - траги на борбата“ е насловена едновечерната мултимедијално-изложбена поставка, што ќе се одржи на 30 март, во 19 часот, во Сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Градски одбор Скопје. Учесници се уметниците Игор Грубиќ од Загреб, Здружение КУРС од Белград и нашите Ивана Драгшиќ и Филип Јовановски, кураторка е Ивана Васева, а идејата е да се потенцираат вредностите на народноослободителната борба наспроти повампирените фашистички тенденции.

„Партизанување – траги на борбата“, според учесниците и кураторката Ивана Васева, е замислена како едновечерна продукција во перформативен формат. Во една целина се поврзани културните придобивки на народноослободителната борба. Така Ивана Драгшиќ, во својот перформанс на импресии „Сребрени соништа“ зборува за трагичната но уникатна личност и поет Ацо Караманов. Белградското здружение КУРС, во кое се Тања Увериќ, Јелена Грујчиќ Готје и присутните во Скопје - Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ, кои ќе ја сторат промоцијата на книгата „Предавања за одбраната: прилози за анализа на културната дејност на Народноословодителното движење“, која се бави со едно важно поглавје од историјата на српското народноослоботелно движење.

Од друга страна, мултимедијалниот уметник од Загреб, продуцент и автор на документарни, телевизиски репортажи и општествено ангажирани рекламни пораки - Игор Грубиќ, во својот филм „Споменик“, зборува за поетичноста, грандиозноста и велелепноста на спомениците од југословенскиот модернизам кои ја чествуваат народноослободителната борба.

Филип Јовановски, пак, во перформанс-есејот „Предлог за споменик на комунистичката курва“, во чија изведба учество ќе земе актерката Кристина Леловац, презентира една друга страна на читањето за НОБ. Уметникот, како што е појаснето, се надоврзува на современите толкувања и вулгарности кои произлегуваат од толкувањето и поврзаноста на комунизмот со НОБ и различните јазични и материјални манифестации во современиот македонски контекст.

Спојувањето на овие автори во една целина, како што пишува Васева, на едно генерално ниво ги потенцира вредностите на народноослободителната борба против фашистичките тенденции и ги повикува на идентификување современите манифестации, со скриена или јасна визија и апелира на нивна демистификација како и соодветна реакција. Таа потенцира дека културната политика на партизанската уметност и на народноослободителното движење како и културната политика на Југославија кон тоа наследство наспроти денешните форми на агресија и бришење е во фокусот на овие дела но тие зборуваат и за начините на кои оперираат ревиозионистичките, националистички и капиталистички ориентирани влади за кои е многу важно подетално и покритички да се согледаат во овој контекст. Дополнува дека делата се обединети и во една именска изведенка – партизанување, од партизанува или партизан уште еднаш посочувајќи на револуционерното минато но и на первертираните и силно политизирани приврзаници на партија кои криејќи се позади големи идеи кријат ситно партиски интереси и дека токму во оваа дихотомија постои денешното македонско општество.

„Идејата за потегнување на оваа иницијатива во форма на една целовечерна изведбена поставка потекнува од појавата, односно од влечењето на некои современи фашизоидни форми во нашето општество и од неможноста тие да се протолкуваат на најсоодветен начин“, вели Васева.

Според неа, она што генерално оваа поставка го прави е да даде поголема видливост на значењето на НОБ во Македонија и во земјите од регионов. На тој начин, смета дека би бил даден поттик за повторно разглобување на овие современи форми на пројава на фашистичко однесување.

„Затоа она што ќе се одвиткува пред публиката не е класичен изложбен формат во „бела коцка“, туку излегувајќи од овие рамки се обидува да покаже една жива, трансформативна и процесуална идеја, која се проследува директно во моментот и пред „учесниците“ во неа. Публиката е вклучена активно во процесот на поставување прашања и тези – која е националната борба и за кого е наменета и се соочува со две контрадикторности – која е националната борба во минатото и сега. Таа исто така, на еден поетичен и спутилен начин, потсетува на вредностите на НОБ кои се одразуваат и во самите почетни цитати“, ќе рече кураторката.

Од таму, во дадениот контекст и не случајно постановката ќе се обистини во просториите на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Градски одбор Скопје, а интересно е и тоа што и тие ќе се вклучат со сопствени искажувања за етиката на борците од НОБ и како таа е третирана во денешното македонско општество.

Конечно, „Партизанување – траги на борбата“ како настан е продуциран во рамки на проектот „Траги на борбата“ во организација на Плоштад Слобода од Скопје и нивните партнери „Креативен синдикат“ од Загреб и „Теорија која хода“ од Белград како и нивниот партнер Кооператива Регионална платформа за соработка од хрватската метропола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG