Достапни линкови

Колку вреди академското достоинство?!


Теодора Столевска, Програмска координаторка на Дебатната програма во МОФ.

Додека едните самостојно се бореа против професорите да организираат протест и одржат окупација со школото, другите се присилени од истите професори да излезат на протест; кога едните се гордееја на различностите другите повикуваат на етничка омраза. Ваквите разлики се поттикнати од индиректната и директната кампања која влијае на средношколците малолетници, пишува Теодора Столевска од МОФ во младинската он лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Академските кругови во поширока и потесна смисла од секогаш биле бастионот на социјалната свест и политичката прогресивност во едно општество. Факултетите се или треба да бидат простор на лична и општествена либерализација, место каде владее критичката мисла и место каде секоја идеја заслужува дебата.

Токму и најголемата застапеност на прогресивни и либерални идеи има во оваа средина. Ова се должи најнапред на степенот на образование, земајќи го предвид фактот дека образуваната младина повеќе ги разбира демократските процеси и вредности, има помала тенденција да дискриминира врз било која основа, ги разбира и сочувствува со проблемите на маргинализираните заедници и знае да препознае популизам. На моменти се чини дека македонската академска заедница не е имуна на овој глобален феномен.

Студентските протести во 2014 се доказ дека македонскиот академски граѓанин знае да препознае проблем со кои се соочува неговото општество и е доволно храбар да застане на „барикадите“ да го одбрани. Но ова беа похрабри времиња.

Денес, македонскиот студент е на „барикадите” на протест кој ја негира суштината на нивната улога во општеството. Место каде прогресивните, либерални идеи се заменети со националистички песни и конзервативни идеали и место каде секој обид за дебата води до осуда на неистомисленици. Иако срамна, единственото нешто што може да направиме со оваа појава е само да ја осудиме.

Сепак, студентите се полнолетни граѓани кои „самоволно” одлучуваат дали ќе дозволат да бидат користени за партиски цели. Она што не смееме да оставиме само на општествена осуда е злоупотребата на членовите на помладата академска средина. Велам поширока дефиниција на академските кругови сметајќи дека секој кој е во процес на стекнување и дистрибуирање на знаење кое не е само таксативно набројување информации туку и анализа на истото заслужува да влезе барем во пошироката дефиниција.

И средното училиште е простор каде младите се себеоткриваат, анализираат тешки дела со политичка позадина, учат за општествени, економски и политички настани и процеси, членуваат во дебатни клубови и почнуваат да развиваат свест за себе и за општеството кое ги опкружува. Имаше време кога македонското општество (намерно или не) произведе и критичка маса во средните школи, деца кои видоа неправда и се спротивставија на истата. Самостојно организираа граѓански протести, правеа бојкот и дигнаа кампови, истовремено соочувајки се со постојани напади и партиски етикетирања од истата онаа партија која сега злоупотребува средношколци за партиски цели.

Да видиме каде лежи разликатa меѓу овие протести и протестите на Средношколскиот пленум. Додека едните самостојно се бореа против професорите да организираат протест и одржат окупација со школото, другите се присилени од истите професори да излезат на протест; кога едните се гордееја на различностите другите повикуваат на етничка омраза. Ваквите разлики се поттикнати од индиректната и директната кампања која влијае на средношколците малолетници. Кога велам индирекна, мислам на дискусијата која се води во медиумскиот простор и пропагандата која се шири за поделба на македонското општество и македонскиот граѓанин на граѓанин од прв и втор ред. Оваа кампања, иако е влијателна никако не е на исто ниво со директната.

Директната манипулација и индоктринација на владеачката партија вклучува: делени сведителства на албански јазик во средното училиште „Јосип Броз – Тито“ (училиште каде наставата со години се одвива на два јазици), ширење на говор на омраза со националистички пароли во средното училиште во Прилеп, преплавени училишта со фиктивни казни од 5.000 евра за секој средношколец кој не го познава албанскиот јазик, активности кои водат кон една цел - манипулирање со средношколците за да се приклучат на партиски протест. Дури и ако ја занемариме содржината на протестот накратко, тоа нема да го промени фактот дека професорите и управата на овие школи вршат индоктринација на средношколци.

Законот за средно образование во членот 109 фино прецизира дека на едно средно училиште може да му се изрече глоба од 3.500 до 4.000 евра во денарска противвредност доколку дозволи организирање и дејствување на политички партии и верски организации во средното училиште, изведува верско образование и се истакнат партиски и верски обележја. Дополнително, согласно истиот Закон на директорот на училиштето кое го направило прекршокот може да му се изрече глоба од 2500 евра, додека пак на средното училиште и на директорот може да се изрече прекршочна санкција привремена забрана за вршење на дејноста во времетрање од една до пет години.

Препоставувајќи дека Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Министерството за образование и наука не живеат и работат во вакуум, досега би требало да остро да реагираат на овие злоупотреби на средношколците, малолетници. Но оваа претпоставка досега многупати нè разочарала и ретко кога некој во ова општество се стекнал со правда изминатава деценија. Но фактот што овие институции се глуви не значи дека треба да се откажеме од истите. Ги охрабрувам учениците и нивните родители да ги пријават злоупотребите во канцеларијата на Народниот Правобранител.

Оваа институција може да биде вашиот застапник во борбата за слободно образование, но истата постапува само во случаи на барање и реакција од страна на засегнати лица. Па затоа реакцијата треба да ја бараме во онаа група која сеуште се надевам дека не го изгубила и она тронка достостоинство што ѝ остана.

Професори разбудете се, режими паѓаат и партии се менуваат, а вашата професија е можеби и најголем сведок на оваа промена. Низ вашите раце поминале генерации деца без разлика дали сте работеле во СФРЈ или во Македонија, вие сте подучиле илјадници млади и со едната и со другата партија на власт и не сте дозволиле да се срушите пред прангите на ниеден систем.

Зачувајте ја онаа тронка достоинство што ви остана и борете се за вашите ученици!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG