Достапни линкови

Декласифицирани доказите за „Тврдина“, но судење никако да почне


Доказите во „Тврдина 2“ се декласифицирани, но судското рочиште одложено. Обвинителката Ристоска не сакаше да коментира за очекувањата од наредниот тек на рочиштето, ниту за случувањата со меѓународната потерница за осомничениот во Труст Сеад Кочан. За адвокатот Никола Додевски, ирелеванто е каде е Кочан и кога ќе се врати.

Специјалното јавно обвинителство доби две решенија за декласификација на поголем дел од доказите во предметот именуван во јавноста како Тврдина 2. Единствено останале класифицирани деловодните книги изјави денеска обвинителката во предметот Ленче Ристоска на денешното рочиште. Таа посочи дека одговорот за декласификацијата го добиле од министерот за внатрешни работи Агим Нихиу, и оригиналите ги достави до Судот. Рочиштето по ова беше одложено затоа што судијката Лидија Петровска задолжена за овој случај е на боледување, па е закажано ново рочиште во мај.

Ристоска во судот истакна дека соработката со УБК и натаму е отежната и дека одбива да ја прими поштата на СЈО, па одговорите на нивните барања ги добиле од министерот.

„Ние успеавме да добиеме Решение за декласификација на голем дел од доказите така што наредното рочиште ќе видиме што ќе се случува, а и натака имаме отежната соработката со УБК, изјави накратко Ристоска.

Со оваа постапка се отстранува и последната пречка за презентирање на доказите и нивна употреба во судска постапка. На претходните подготвителни рочишта судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да побара дозвола од органот што ги создал тие податоци да бидат користени во судска постапка, односно да бидат декласифицирани со степен за употреба во судска постапка.

Тогаш поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски коментираше дека одлуката на судот со која се обврзува СЈО да набави дозвола од УБК за користење на доказите во судска постапка е последен обид за опструкција.

Судењето по првиот обвинителен акт, подготвен од СЈО, го води судијката Лидија Петровска, за која СЈО бараше изземање поради нејзиното спомнување во таканаречените „бомби“ коишто ги објавуваше лидерот на опозицијата Зоран Заев. Кривичниот суд го одби барањето на СЈО со образложение дека нема околности што предизвикуваат сомневање за нејзината непристрасност.

Во овој предмет се обвинети седуммина за уништување на документација поврзана со системите од кои незаконски се прислушувало. Тие се товарат дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите. Првообвинет е тогашниот началник во петта управа Горан Грујовски за фалсификување на службен документ со кој е прикриено уништувањето на системите за следење на комуникациите. Грујовски од друга страна пак е осомничен и во предметот на СЈО „Тврдина“ за незаконско уништување на системите за прислушување.

На денешното закажно рочиште се појави само една од адвокатскиот тим на одбраната, Сања Алексиќ која на прашањето на судијата кого застапува одговори : „Мислам дека сум за седмообвинетата и второбвинетата“.

Инау, Ленче Ристовска не сакаше да коментира за вчерашните случувања околу притворот на првоосомничениот Сеад Кочан во предметот „Труст“. Адвокатот на Кочан, Никола Додевски смета дека не е важно каде е во моментов Кочан, ниту дали до сега контактирал со својот клиент.

„Тотално ирелевантно е каде е господинот Кочан. Тој си ги обавува своите работни активности како слободен граѓанин. Незаконски решението е направено извршно бидејќи ЗКП предвидува дека во оваа ситуација пред правосилност на решението не може да се преземе никакво дејствие, ниту за приведување, ниту за лишување од слобода. Сето тоа што кон Кочан се прави е базирано на таквата незаконитост, вели Додевски.

За Кочан е распишана и меѓународна потерница, а неговиот адвокат претходно изјави дека тој е на службено патување. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата посочуваат дека Кочан ја напуштил земјата неколку часа пред да биде објавено во јавност решението за мерка притвор.

Додевски поднесе и барање до судот за укинување на мерката притвор. Според постапката на ред е Специјалното јавно обвинителство да ја разгледа жалбата на одбраната.

„Денеска до ова Јавно обвинителство беше доставена жалбата од одбраната против решението за определување мерка притвор за едно осомничено лице во случајот „Труст“. Ве известуваме дека во законскиот рок од 24 часа ќе биде поднесен одговор на жалба, “ се вели во писмениот одговор на СЈО.

Во четвртокот Кривичниот суд ја уважи жалбата на СЈО и му одреди 30-дневен притвор на Сеад Кочан, кој е првоосомничен во предметот „Труст“ за злоупотреба на постапката за јавни набавки. Кочан како сопственик на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавна набавка.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG