Достапни линкови

logo-print

СЈО досега со 9 истраги и 2 обвиненија - ќе победи ли правдата?


Во февруари беше презентирана правата истрага на СЈО „Титаник“. По неа следеше Тортура, па Тврдина, Транспортер, ТНТ, Трезор, Топлик, Тендер и последната Таргет, како и двете обвиненија за незаконско уништување на документација од системите за прислушување и за демолирањето на општина Центар.

Девет истраги и две обвиненија. Осомничени десетици лица, а 21 обвинет. Тоа е епилогот од работата на СЈО од формирањето до денес. Сите истраги беа на буквата Т, само обвиненијата кои завршија во Кривичниот суд и за кои се очекуваат судските процеси останаа без име. Јавноста за прв пат ја виде во акција Катица Јанева и обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска во февруари кога беше презентирана и правата истрага „Титаник“. Концепот е секогаш ист. Јанева ја најавува истрагата.

„Во оваа прилика сакам да ја најавам првата акција на Специјалното јавно обвинителствопод името Титаник“, рече тогаш Јанева.

Фетаи ја образложува со доза на театралност по која стана позната во јавноста. Ристоска, пак, трпеливо одговара на прашањата, кои секогаш ги има многу. По Титаник следеше Тортура, потоа Тврдина, Транспортер, ТНТ, како и Трезор, Топлик, Тендер и последната Таргет.

Листата на осомичени е долга од поранешните министри за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, до актуелните, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, градоначалникот на Битола, Владимир Талески, како и актуелни и поранешни вработени во УБК. На тапет на СЈО се најде и до тогаш недопирливиот поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков, како и неговиот братучед - поранешниот премиер Никола Груевски, најпрвин во случајот ТНТ. Тогаш Фетаи порача дека не постои совршен злостор и упати јасна порака.

„Правдата ќе го стигне секој оној кој се огрешил пред законот тоа е наша цврста верба и определба“, порача Фетаи.

Но, токму на последата истрага, пораката на Фетаи, која стана редовна појава на пресовите на СЈО за прв пат не се однесуваше само на осомничените, туку беше упатена кон сите.

„Нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати“, рече таа.

Истрагите на СЈО се однесуваа на местењето избори, апсењето на Љубе Бошкоски, прислушувањето, купувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите, тендерот за превоз на ученици во Битола, уривањето на Космос, како и продажбата на земјиштето за изградба на Сончев град и тендерот за дополнителни работи при изградбата на музејот на ВМРО.

Но, истрагите не би биле комплетни доколку не резултираат со обвиненија. Засега се две. За незаконско уништување на документација од системите за прислушување и за демолирањето на општина Центар, а судските процеси се закажани за после изборите во јануари. Обвинет во еден од случаите е токму Груевски.

Јанева од почетокот се покажа дека е непоколеблива во својата работа. На првата прес-конференција порача дека правдата ќе победи, а на последната беше со уште поцврст став.

„Јавно кажувам дека никој нема да ме обесхрабри ниту може да влиaјe врз исполнувањето на оваа задача што вие граѓаните ми ја дадовте“, изјави Јанева.

СЈО ужива голема поддршка во јавноста, а Јанева е свесна за тоа. Уставот, законите, правдата и вистината како што порачува се на нејзина страна, а дали некој ќе заврши зад решетки ќе покаже времето.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG