Достапни линкови

Државата во криза, бизнисот во грч


Работничка во текстилна фабрика

Стопанството е во грч во исчекување од епилогот на повеќе од двегодишната политичка криза. Ако решението се пролонгира, бизнисот ќе трпи последици.

Одложувањето на решението на политичката, а сега и институционална криза многу негативно ќе влијае на бизнисот, кој веќе ги трпи последиците од долготрајната политичка криза.

Првиот човек на македонската бизнис федерација, Миле Бошков, вели дека компаниите, поради продолжената политичка криза, не можат континуирано да ги извршуваат економските операции, зашто освен меѓу себе, тие соработуваат и со државните институции.

„Притисокот од политичкото нерешавање може само да придонесе и до намален раст, намалени економски проекции и нормално намалување на БДП-то, што повторно може да се одрази негативно на македонската економија, на кредитната способност, на рејтингот итн. Значи, навистина политичката криза влијае директно врз сите социо-економски и општествени процеси во Македонија“, вели тој.

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, неодамна изјави дека стопанството е на машини за реанимација.

Поради нејасната политичка ситуација домашните компании се воздржуваат од нови инвестиции, додека странските инвеститори се уште попретпазливи. Впрочем, тие постојано бараат предвидливост.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека неизвесноста во економијата се продлабочува и поради тоа претпријатијата ги одложуваат деловните одлуки.

„Гледате дека и бизнисот и граѓаните се во еден грч и тоа негативно ќе се одрази на економијата во претстојниот период. Тоа што ние немаме никаков сигнал кога ова би можело да се разреши едноставно ги потиснуваа бизнис одлуките, го потиснуваа потенцијалот на фирмите за раст“, изјави тој на неодамнешната дебата на Асоцијата на менџери.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, во неодамнешно интервју за месечникот „Српска економија“, вели дека добриот економски развој подразбира и поволна политичка клима. Тој вели дека Македонија има добри резултати кај економскиот раст за минатата и предминатата година.

„Верувам дека со ставање крај на политичката криза ќе се забележи уште поголем напредок. Сепак, сигурноста и предвидливоста обезбедуваат поволни инвестиции“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG