Достапни линкови

Гавриловски со „Мугри“ во „Хорска лабораторија на 21 век“


Гоце Гавриловски, музичар

Одбележувајќи две децении од својата авторска дејност, македонскиот композитор Гоце Гавриловски неодамна го објави албумот „Works“ на кој се забележани селектирани дела од неговиот досегашен творечки период. Компакт-дискот е издание на Центарот за култура од Битола, а речиси истовремено во зборникот „Хорска лабораторија на 21 век, музика за детски и младински хорски состави“, на престижниот руски издавач „Композитор“ од Санк Петербург, беше печатена композицијата „Мугри“ со која тој победи на шестиот Меѓународен натпревар што се одржа во 2013 година.

На крајот на минатата 2016-та година и на почетокот од одбележувањето на својата дво-децениска присутност на домашната музичка сцена композиторот Гоце Гавриловски со две убави објави. Најнапред Центарот за култура од Битола го обнароди неговиот албум „Works“, на којшто се забележани селектирани дела од неговиот досегашен творечки период, а речиси истовремено во зборникот „Хорска лабораторија на 21 век, музика за детски и младински хорски состави“, на престижниот руски издавач „Композитор“, беше нотирана композицијата „Мугри“ со која тој, во конкуренција од 190 дела од автори од разни земји ширум светот, победи на шестиот Меѓународен натпревар што се одржа во Санк Петербург во 2013 година.

Колекцијата содржи 10 композиции од најразличен жанр – од дела за соло инструменти, како за соло виолончело, пијано, преку камерни и сè до оркестарски дела. Дела за камерен оркестар и двојното кончертино за кларинет, фагот и гудачки оркетар во изведба на ансамблот на Музичката младина на Македонија.

„Компакт-дискот е резултат на мојата повеќегодишна работа како композитор, всушност еден мал јубилеј - 20 годишнина од мојата творечка дејност и во него се содржани дела од моите студентски исчекори, па сè до ден денес. Композициите се жанровски различни – од обработка на македонски народни фолклорни теми, па се забележуваат и џез елементи и сето тоа преточено со модерните времено изразни средства кои како техники се користат во музиката на 21-от век“, вели Гавриловски.

Гоце Гавриловски, музичар
Гоце Гавриловски, музичар

Она што е особено бележито за него како автор е тоа што тој силно се инспирира од македонскиот музички јазик и нашата богата фолклорна традиција. Посебно од вокалната. Затоа знае да каже дека и покрај големиот број на композиции кои се производ на неговото авторско творештво, сепак и во иднина има многу простор за негово збогатување – дали со развивање на композиторската техника со помош на изразните средства што ги нуди времево во кое битисаме и твориме или со преработки на постојните изворни теми како инспирации за нови дела коишто би го збогатиле фондот токму на вокалното творештво кај нас.

Од друга страна, говорејќи за нотирањето на неговата „Мугри“ во петтата книга на влијателниот зборник „Хорска лабораторија на 21 век, музика за детски и младински хорски состави“ во Санк Петербург, во Русија, Гавриловски знае да каже дека сето тоа може да се смета за еден значаен исчекор којшто може да произведе многу нови моменти во однос на неговото авторско творештво, но и во промовирањето на современата македонска музичка мисла на поширок културен план.

Инаку, ваквиот след на настаните, во пресрет на промотивните активности, ја иницира и потребата од негов голем јубилејен авторски концерт.

„Сиот овој материјал би можел да се употреби за еден голем авторски концерт кој би бил изведен во живо со различни состави. Со делата од компакт-дискот и со некои други дела, на пример хорски композиции кои би биле создадени и премиерно изведени на таквиот за мене јубилејен настан“, вели тој.

Кон ова уште малку фактографија. Роден 1978 година во Охрид, Гоце Гавриловски дипломирал на Факултетот за музичка уметност на отсекот композиција кај м-р Гоце Коларовски, пијано кај Евушка Трпкова Елезовиќ, а оркестрација кај Томислав Зоографски. Неговата диплома е нострифицирана на Факултетот за музичка култура ХАМУ во Прага, по што се здобива со звање магистер по композиција, а последипломските студии по Теорија на оркестрација ги завршил во класата на професор д-р Тома Манчев.

Твори во сите современи музички жанрови, а делата му се изведувани на фестивали како „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Штипско културно лето“, „Споени садови“ и други манифестации.

Гавриловски е и вонреден професор на Музичката академија на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG