Достапни линкови

Го блокираат патот, бараат бесплатна струја


Себран Ибраимовски со децата

Жителите на дивата ромска населба кај обиколницата над Битола го блокираат патот Ресен – Прилеп. Велат немаат пари за струја, но бараат државата да им помогне.

Зимава зачестија блокадите на магистралниот пат А3 од Ресен за Прилеп која минува на обиколницата над Битола. Со блокади од запален смет и стари возила жителите на дивата ромска населба која се наоѓа во близина го изразуваат револтот за тоа што често пати остануваат без струја. Тие бараат непречен доток на електрична енергија, иако не плаќаат за тоа. Дел се и на диво приклучени, па кога ќе дојде струја со повисок напон им горат и куќите. Ако продолжат проблемите, се закануваат дека ќе го рушат и патот.

„Секои два дена нема струја, паѓаат склопки, ладилниците се расипуваат. Секој ден протестираме на магистралниот пат Прилеп –Охрид. Овој пат ќе го рушиме ако продолжат проблемите. На 30 семејства државата не може да им помогне да ја платата струјата. Никој од нас не работи.“

„Од струја јака ми се запали куќата, од машината за перење, ладилникот, облека, документи. Сега останав надвор со две деца и плус бремена.“

„Еднаш ни ја пуштат струјата, еднаш ја гаснат. Иди појака струјата, а ние седиме во ваква ситуација. Цела зима без струја сме, еден ден има два нема. Не плаќаме струја, но се надеваме дека државата може да ни помогне“. се жалат жителите од битолскиот Баир.

За време на блокадите сообраќајот се пренасочува низ градот Битола.

Од ЕВН велат дека тие не им ја исклучуваат струјата, туку од преоптовареност горат осигурувачите, па горниот дел од населбата останува без струја. Воедно нагласуваат дека се работи за диво приклучени потрошувачи кои не плаќаат за потрошената струја.

„Во тој дел од Битола мрежата е целосно реконструирана да поднесе голем товар. Но, не може да го поднесе товарот од дивите приклучувања и неконтролираното трошење струја. И на жителите таму, како на сите други корисници им се дава можност легално да се снабдат со струја и доколку имаат долгово да ја платат на рати, да им помогнеме. Но има многу на диво приклучени“, вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Кражбата на струја е кривично дело за кое покрај парична може да следува и затворска казна. Државата пред три години им ги отпиша долгови за струја на повеќе граѓани од социјален ризик. Но, и натаму повеќето социјалци се соочуваат со проблеми при исплатата на сметките.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG