Достапни линкови

И по средбите со Хан новата влада неизвесна


Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија
Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија

Попладневните одделни средби на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со лидерите на политички партии вечерва не донесоа поголема извесност за формирањето влада. Хан, според изјавите од лидерите, им ја пренел пораката дека се очекува земјава да ги забрза процесите, да се спроведе Договорот од Пржино и што е можно побрзо да се продолжи на патот кон евроатланските интеграции.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски последен се сретна со еврокомесарот. Тој не дозволи снимање инсерти од почетокот на средбата, а беше и единствен од сите лидери кој не даде изјава по разговорите со Хан.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата изјави дека чекаат, како што рече, писмени материјали од СДСM за да свикаат состанок на централното претседателство кој ќе бил подолг поради важноста на одлуката што треба да се донесе за земјата.

„Сакаме материјали на писмено. Без тоа нема потписи од ДУИ. Прво треба да видиме што пишува на тој лист, а потоа ќе се одлучи од страна на органите на ДУИ“, рече Ахмети.

Ова е процес на добивање на мандат, Ахмети не бараше ништо на писмено од Груевски за да влезе во преговори за влада, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев по средбата со еврокомесарот.

„Но ако, за нас зборот е збор, без разлика дали е даден усно или написмено. Немаме проблем со таа работа, правиме се што можеме за побрзо да ги собереме потписите за да добиеме мандат. Тоа значи дека допрва, потоа ќе влеземе во разговори за влада“ рече Заев.

Претходно лидерот на ДПА Мендух Тачи тврдеше дека првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ имале договор за влада нагласувајќи дека и тој досега имал само неформални средби со сите освен со Ахмети.

„ Ги знам играчите од искуство, можеби ќе погрешам, но убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат договор за влада, само не малтретираат. Би било коректно да ни кажат каков е тој договор“, рече Тачи.

За претставниците на Беса и на Алијансата на Албанците пак не е проблем да дадат потписи на СДСМ за да го добие мандатот, но дали тоа ќе значи и влегување во влада ќе зависи од преговорите.

Зијадин Села од Алијансата на Албанците наведе дека Хан им пренел дека тие сакаат што е можно побрзо да се формира политичка влада и заеднички констатирале дека предвремените избори би ја компликувале ситуацијата. Без прифаќање на албанскиот јазик како службен во сите институции на државата нема да има поддршка ниту Заев, ниту кој било друга политичка партија.

„Широката политичка влада не е лоша решение како политичка опција за нас меѓутоа за сите што се покренати обвиненија од СЈО да не бидат дел од власта “ рече Села.

Тоа е условот што го поставува и Беса за евентуално идно коалицирање.

„Доколку мандатарот предложи министри кои се инкриминирани, имаат отворени процеси во Јавното или во Специјалното обвинителство, ние за таква влада нема да гласаме“, рече генералниот секретар на партијата Африм Гаши.

Еврокомесарот денеска пред средбите рече дека можеби резултатот од изборите го изненади некого, но гласачите секогаш биле во право и тоа треба да се почитува. Сега задача на политичарите е да формираат влада, која ќе ја предводи земјата во наредните 4 години, а демократските одлуки треба да ги почитуваат сите партии, рече Хан. Повторно инсистираше новата влада да се формира на солидна и широка основа. За СДСМ таа е прифатлива без ВМРО-ДПМНЕ, а за ДПА пак без ДУИ внатре.

Хан по попладневните средби не даде изјава. Утре се среќава со претседателот Ѓорге Иванов, а потоа во Министерството за внатрешни работи ќе предаде донација од Европската унија каде што се очекува да каже некаков став од денешните средби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG