Достапни линкови

Неделен печат - Тендери, диктатори и соросови платеници


Конститутивна седница на деветиот собраниски состав. Техничкиот премиер и пратеник Емил Димитриев
Конститутивна седница на деветиот собраниски состав. Техничкиот премиер и пратеник Емил Димитриев

Глобус - Имало или немало Влада, важно е капиталот да има обрт

Интеррегнум или меѓувластие и како се користи овој период во кој Македонија се најде откако Никола Груевски доби мандат да составува нова или новостара влада. Што значи тоа? Токму ова го анализира Глобус во најновото електронско издание. И уште во насловот ја кажува поентата: „Имало или немало Влада, важно е капиталот да има обрт“. Вели - „Груевски и неговата камарила влечат корист и од интеррегнумот – увоз на струја, меценство за своите културњаци, изградба на Клинички центар“, па додава: „Во меѓувреме, ДПМНЕ го заостри ’до ѕид‘ отпорот кон постоењето на СЈО, а потенцијалните коалициони партнери останаа да ја бранат оваа институција, со срце или без него, сеедно. Дилема е – дали Ахмети како соло играч ја тера работата кон широка коалициона влада. За горе-долу сè да биде исто“. Глобус потоа потсетува дека Владата која божем е во заминување и која треба по функционирањето да биде техничка, се расфрла со тендери, го арчи буџетот по министерствата и дека по своето користење на ресурсите не се разликува од порано, се задолжува со скапи кредити како земјава одамна да го има решено прашањето со стабилна Влада и нормален Парламент! Глобус наведува дека завршницата ќе биде обвиена со прашалници сè до 29 јануари и дека Груевски, заедно со Ахмети играат на картата купување време со што ќе дадат нова шанса „капиталот да има потребен обрт“.

Фокус - Ќе заврши ли Груевски како Јаја Џаме?

„Ќе заврши ли Груевски како Јаја Џаме?“ – се прашува Фокус во написот што на почетокот ги има фотографиите на Груевски и на диктаторот од Гамбија. Авторот вели дека нема увид во планот „Б“ на Груевски доколку не направи влада со Ахмети, потврдувајќи ја потоа својата сомничавост: „Познавајќи ја неговата манијачно авторитарна и политички-ретардирана природа, речиси сум убеден дека по секоја цена ќе се обиде да спречи влада на СДСМ со партиите на Албанците“. И на Фокус не му е јасно што точно ќе прави мандатарот, но завршува со следниве зборови: „Груевски мора да знае оти сценаријата што ги има в глава можат опасно да ја комплицираат политичката и безбедносната состојба во државата и регионот. А потоа, потоа може да заврши како диктаторот на Гамбија“.

Република - Губитникот признава пораз, насилникот оди в затвор

Оцрнувањето на опозицијата преку споредби со однесувањето на новата власт на Трамп во Америка - „соросоидите“, СДСМ и Заев, СЈО и Катица Јанева, шверцот на нафта пред 20-ина години што го потврдила и ЦИА отворајќи некои документи, ова се темите со кои се занимава Република во најновото издание. Во текстот со наслов: „Губитникот признава пораз, насилникот оди в затвор“, неделникот прави споредба со демонстрациите, како што смета, на „соросовите платеници“ во САД и на тие во Македонија, фалејќи ги американските државни институции, односно полицијата, која немала дилеми да преземе брзи и ефективни мерки за заштита на државата и нејзиниот имот. А кај нас, пишува понатаму Република, „полицијата изигруваше топовско месо за платеничката банда, а не дека не знае да расчисти со толпа хулигани како што знаеше да се справи и со многу посериозни групи како онаа во Диво Насеље“. И на крај, поентата според неделникот: дека разликата била во тоа што вистинскиот владетел во САД живеел во Белата куќа, а не во некоја од амбасадите.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG