Достапни линкови

Можните варијанти за нова влада


Седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

На два дена пред истекот на рокот за формирање влада сите опции се можни - од старо-новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до нова криза и нови избори. Работите може да станат појасни вечер по состанокот во ДУИ на кој се очекува да се разјаснат партиските позиции.

Тајноста во која се држат преговорите за составување нова влада и различните ставови во јавноста на раководството на ДУИ отвораат простор за различни сценарија - од формирање на старо-новата коалиција на Груевски и Ахмети до недела кога истекува уставниот рок, до можни чекори на претседателот Ѓорге Иванов во случај првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ да го врати мандатот.

Старо-нова влада

Неколкуте изјави на челните луѓе од ДУИ дека ќе инсистираат на принципот победник со победник што е прецизиран, како што тврдат, во Мајскиот договор, наведуваат на тоа дека двете страни дефинитивно ќе формираат влада. Политичкиот аналитичар Александар Даштевски е убеден дека тоа ќе се случи, но е дециден дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прави отстапки за мандатот на СЈО.

„Има можност на пример ДУИ да го добие министерството за финансии, на тој начин би било решено контролирањето на финансиите во тие предели каде што живеат Албанци, а има можност за уште измени во законот за јазици каде што се предвидени уште повеќе права за употреба на албанскиот јазик“, вели Даштевски.

Покрај Министерството за финансии се споменува и можноста ДУИ да го добие претседателското место на парламентот.

Пратеници на ДУИ ќе го напуштат Ахмети

Оваа можност ја споменуваат неколку аналитичари кои тврдат дека тројца до четворица пратеници на ДУИ нема да гласаат за влада со Груевски. Тоа би значело дека таа влада нема да биде изгласана, бидејќи двете партии заедно имаат точно колку за мнозинство, односно 61 пратеник. Но, засега е нејасно како ќе постапат двајцата пратеници на ДПА која во целиов процес е молчелива, па отворена е можноста тие да се приклучат во владиното мнозинство.

„Коалицијата Алијанса за Албанците и движењето Беса кои заедно имаат осум пратеници веќе се изјаснија дека нема да прифатат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но ако влезат во истата коалиција тоа би значело во таа влада да нема лица кои се под истрага на СЈО“, вели аналитичарот Џељаљ Незири

Влада без осомничени од СЈО

Опцијата влада без осомничени од СЈО се отвори и по изјавата на портпаролот на ДУИ Бујар Османи кој рече дека максимално ќе инсистирале личностите од ВМРО-ДПМНЕ што се под истрага да не бидат дел од извршната власт. Во таа опција премиер не би бил мандатарот Никола Груевски кој е под истрага на Специјалното јавно обвинителство, а во дел медиуми најчесто се споменува името на министерот за надворешни работи Никола Попоски како иден премиер. Сепак, Незири смета дека другите два субјекта на Албанците, Беса и Алијансата за Албанците тешко дека ќе дадат поддршка и на ваква влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ако и тие немаат свои претставници во извршната власт.

Иванов повторно го дава мандатот на ВМРО-ДПМНЕ

За оваа опција веќе изразија сомнеж во СДСМ. Тоа би значело дека по недела претседателот Ѓорге Иванов мандатот би го доделил на некој друг претставник на ВМРО-ДПМНЕ па партијата би добила уште дваесет дена за формирање влада. Членот 90 во Уставот предвидува „мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата по што Собранието ја избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Овој член експерти кои важат за блиски до власта веќе го толкуваат дека не се предвидува втор или трет мандатар и дека на побединичката партија треба да и се дозволи доволно време за да формира мнозинство.

Нема влада со ВМРО-ДПМНЕ, мандатот кај СДСМ

И додека во тајност се одвиваат преговорите меѓу двете страни, од СДСМ засилено нагласуваат дека очекуваат Груевски да го врати мандатот и тие да формираат Влада. Претседателот на партијата Зоран Заев минатиот четврток се сретна со првиот човек на ДУИ Али Ахмети, а потоа информираа дека во следниот период за очекување е дека ќе продолжат средбите помеѓу двете страни, за што јавноста навреме ќе биде информирана. Но, информации за нови средби нема, а оцените се дека ако Заев го добие мандатот, преговорите со Ахмети би ги отежнало објавувањето на бомбите од опозицијата поврзани со ДУИ за што се смета дека во партијата на Ахмети се револтирани. Ако се договорат на нив ќе им треба уште една партијата на Албанците за да имаат мнозинство.

Широка коалиција или нови избори

Ако пак и СДСМ не успее да формира мнозинство тогаш отворена е опцијата широка коалиција. На тоа според дел аналитичари упатува и заедничката изјава на европратениците и еврокомесарот Јоханес Хан во која апелираа до сите „да најдат, во целосна согласност со крајните законски рокови, заеднички основи за формирање стабилна, цврста и одговорна влада“, а таква коалиција би требало да се собере околу како што пишуваат силниот, инклузивен, реформски консензус и меѓуетничка соработка. Но, поради силните несогласувања, пред се, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се смета дека тоа би одело тешко па се сугерира и на варијанта нови избори. Тие, според некои процени, би можеле да се одржат заедно со редовните локални односно во мај годинава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG