Достапни линкови

Македонија на 95-то место според Индексот на демократија на Економист


Протести во Скопје, мај 2016

Македонија е подолу за 17 позиции во споредба со претходната година. Во Индексот за демократија за 2015 година Македонија беше рангирана на 78 место.

Состојбата со демократијата во Македонија е влошена и државата е оценета како хибриден режим според новиот Индекс на демократија на британски „Економист“. Според Индексот на демократија за 2016-та година, Македонија се наоѓа во друштво на недемократски режими и е рангирана на 95 место од вкупно 165 држави во светот.

Демократскиот ранг на државата опаднал за 17 позиции во споредба со претходната година. Во Индексот за демократија за 2015 година Македонија беше рангирана на 78 место и проценета како проблематична демократија. Во новиот извештај Македонија од проблематична демократија е деградирана во категоријата држави со хибридрни режими, кои се карактеристични по нефер и проблематични избори, проблеми со владеењето на демократијата, притисоци од владеачките партии, непочитување на владеење на правото, притисоци врз новинари и судство, слаба политичка култура, корупција и слаб граѓански сектор.

Во регионот Македонија е само пред Босна, која се наоѓа на 101 место и исто така важи за хибриден режим. Хрватска и Србија се оценети како проблематични демократии и се рангирани на 54-то и 64-то место. Заедно со Македонија во категоријата хибридни режими е и Црна Гора, која е на 85-то место, Украина, Грузија, Киргистан и Пакистан.

Според анализата на „Економист“ состојбата со демократијата во светот се влошува. Иако речиси половина од светските држави важат за некаков вид демократии, сепак генерално гледано порастот на популизмот и политичките случувања од изминатата година им задаваат силен удар на демократиите низ светот. Бројот на држави кои се целосни демократии паднал на 19 во споредба со лани кога бројката беше 20 држави. Соединетите Американски Држави од целосна демократија, сега се рангирани како проблематична демократија поради опаднатата доверба во владата и новоизбраната администрација. Највлошена е ситуацијата во државите од источна Европа.

„’Демократската рецесија’ се влоши во 2016. Ниту еден регион немаше подобрување во просечната оценка. Речиси двојно повеќе држави, 72 држави,имаат опаѓање во нивната општа оценка, отколку што имаат подобрување во нивната оценка- 38 држави“, се вели во извештајот.​

Индекс за демократија 2016, Економист
Индекс за демократија 2016, Економист

​Политичката култура и владеењето на демократијата се на највисоко ниво главно во скандинавските држави. На прво место како целосна демократија е Норвешка, втора е Исланд, на трето место е Шведска, а Данска е на петто место. Во првите 10 земји со најфункционална демократија се и Нов Зеланд, Канада, Ирска, Швајцарија, Финска и Австралија. На дното на листата како авторитарни режими се Русија, Ерменија, Белорусија, Азербејџан, Авганистан, Иран, Таџикистан, Туркменистан и други.

Индексот на „Економист“ ја проценува ситуацијата со демократијата врз основа на пет категории: изборен процес и плурализам, граѓански слбоди, функционирање на власта, политичко учество и политичка култура. Според тоа каква е ситуацијата во овие пет категории државите потоа се рангираат како целосни демократии, проблематични демократии, хибридни и авторитарни режими.

Подготви: Миркица Поповиќ

XS
SM
MD
LG