Достапни линкови

„Артур Дуткиевич трио“ и Жан Мишел Жар за слободно Скопје


Жан Мишел Жар
Жан Мишел Жар

Продолжува ноемвриската концертна атака. Во само два дена, два значајни и големи концерти. В сабота од 20 часот, во Домот на АРМ, „Артур Дуткиевич трио“, една од водечките џез групи во Полска, ќе свири во рамките на Есенски музички свечености, а ден потоа за слободно Скопје, како спектакуларен почеток на 18-от „Таксират“, во ВИП Арена „Борис Трајковски“ од 20:30 часот, со „Electronica“ и своите класици ќе настапи францускиот пионер и футурист Жан Мишел Жар.

Скопје и овој викенд ќе пулсира во ритамот на убавата музика. Ќе ги чествува слободната мисла, импровизацијата и потребата да се се биде свој. Поинаков.

Во два дена – два различни звуковни концепта и исто толку исчекорувања во непознатото во океанот наречен современата звуковност.

Најнапред в сабота од 20 часот, во Домот на АРМ, во рамките на годинaшните Есенски музички свечености, ќе свири „Артур Дуткиевич трио“, една од водечките џез групи во Полска и дружина којашто често настапува на големите интернационални џез фестивали.

Роден 1958 година во Пинцзов, Артур Дуткиевич има репутација на еден од најголемите тамошни џез пијанисти и композитори. Дипломирал со највисоки почести на музичката академија во Катовице, бил финалист на натпреварот „Телониус Монк“ во Вашингтон и благодарение на бројните концертни настапи по светот често можете да го сретнете на сцените не само во Европа и во САД, туку и во Азија, Австралија и Нов Зеланд каде ужива огромна популарност.

Во 2010 година Дуткиевич и неговите музички сомисленици Михал Барански на контрабас и Себастијан Кучински на тапани го снимија албумот „Hendrix Piano“ - првиот џез албум кој ја претставува музиката на ненадминатиот гитарски маг Џими Хендрикс во изведба на една ваква формација. Четири години подоцна триото го обелодени „Prana“ на кој се најдоа авторски композиции на лидерот по што уследија и поканите за учества на извиканите светски џез фестивали како North Sea Jazz Festival во Хаг, канскиот MIDEM, Sziget Festival во Будимпешта, Jazz Plaza Festival во Хавана, Tel Aviv Jazz Festival, Glasgow Jazz Festival, Duesseldorf Jazz Rally и други.

Интересно е и тоа што Артур често свири пијано рецитали. Тој во јули 2011 година настапи на Олимпискиот стадион во Берлин во рамките на Светскиот фестивал на културата. Специјално за оваа прилика, тој аранжираше и отсвири дело за 30 пијана со пијанисти од целиот свет. Концертот, на кој присуствуваа најмалку 35 илјади посетители, беше израз на диверзитетот на културите и силна порака за мир во светот.

Конечно, неговиот последен соло албум „Mazurkas“ (2012) содржи современи композиции инспирирани од полскиот фолклор и музиката на Шопен, Шимановски, Барток, од кои дел ќе бидат изведени и на претстојниот концерт во Скопје.

Од друга страна, почетокот на 18-то издание на Таксират и „превртување на Скопје наопаку“, ќе биде означено со празничното спектакуларното аудио-визуелно шоу на пионерот на електронската музика Жан Мишел Жар. Првото доаѓање на револуционерниот француски уметник во Македонија е во рамките на неговата светска турнеја „Electronica“, проектот во два тома со кој тој, во некоја рака, ја заокружува четвртата деценија присутност на светската музичка сцена. На објавите „Electronica1: Time Machine“ објавен во 2015 година и „Electronica 2: The Heart Of Noise“ ова лето, како гости се јавуваат величини меѓу кои Лори Андерсон, Пит Таузенд, МАСИВ АТАК, ТЕЈНЏЕРИН ДРИМ, Моби, Гери Њумен, ОРБ , ПРАЈМАЛ СКРИМ и одметнатиот американски разузнавач Едвард Сноуден.

Но, наместо понудата да ја базира исклучиво на промотивните активности за објавите, Жар е најавено дека за своите верни приврзаници и новите поклоници на електронската музика ќе посегне по фаворитите од времето документирани на неговите класични изданија како „Oxygenе“ (1976) и „Equinoхе“ (1978), албуми продадени во милионски тиражи, како и по композициите од „Oxygenе 3“, чие обелоденување е предвидено за почетокот на декември.

„Навистина сум горд и почестен што доаѓам во Македонија токму со ова шоу. За мене е тоа навистина исклучително и многу подобро од претходните што ги работев. Ова е сосема ново и поинакво шоу, а ме радува дека се совпаѓа со за мене многу посебниот албум „Electronica“, ќе рече Жан Мишел Жар во видео пораката во пресрет на неговиот концерт во Скопје.

Кон ова уште и констатацијата дека Французинот, покрај несомнените заслуги за етаблирањето и популаризацијата на електронската, амбиенталната и њу-ејџ музиката, е основоположник и на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес. Наедно тој неколкупати го рушеше сопствениот Гинисов рекорд за најголема посетеност на еден концерт на отворен простор, вклучувајќи ги тука оној во Париз на 14 јули 1995 година кога за денот на одбележувањето на 200-годишнината од Француската револуција собра 2,5 милиони посетители или, пак, оној во Москва, на 6 септември две години подоцна, кога за 850-тиот роденден на градот, неговиот спектакл го виделе неверојатни 3,5 милиони гледачи.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG