Достапни линкови

Инсулинот им го загорчува животот


Дел од дијабетичарите од Прилеп се жалат дека инсулинот што го примаат е неквалитетен, а терапијата е скапа. Во градот има околу 2.500 граѓани кои примаат инсулин, а пет до шест илјади пијат апчиња. Состојбата со дијабетот е сериозна и на ниво на држава, велат докторите.

Прилепчанката, Мирјана Димеска има 62 години, а од својата 49 -та живее со шеќерна болест. Со својата скромна пензија од околу 8.000 денари, кога ќе ги купи потребните лекови и за другите хронични болести, вели едвај и остануваат 6.000 денари, кои што не ѝ се доволни за живот. Но, најтешко е и затоа што инсулинот што го прима ѝ создава дополнителни проблеми, наместо да ѝ ја подобри здравствената состојба.

„За лековите не можам ништо позитивно да кажам, затоа што мене многу лошо ми делуваат, подуена сум целата од неквалитетниот инсулин. На почетокот, кога ќе го отворам пенкалото, првите два-три дена гликемијата оди добро. Но, додека да се доистисне, шеќерот постојано ми варира. Апелираме до Комисијата, но Комисијата ниту слуша, ниту гледа. А, игли воопшто нема“, вели Димеска, која е и претседател на прилепското Здружение на граѓани заболени од шеќерна болест.

И Блаже Зисов се жали дека инсулинот што го прима неговата сопруга е со недоволен квалитет.

„По пет до шест години сега откривме дека на сопругата ѝ бил погрешен инсулинот, што го примаше досега. Владата гледа да земе од Европа, сѐ нешто поевтино, понеквалитетно, а лековите се апсолутно скапи, постојано кажуваат за поевтини, а јас досега не знам. По 3.000 до 4.000 денари ни одат само за лекарства“, вели Зисов.

Според статистиката во Прилеп, околу 2.500 граѓани користат редовна инсулинска терапија, а од 5.000 до 6.000 граѓани користат таблетарна терапија. Бројот на новозаболени расте, секој ден медицинска помош бараат најмалку двајца нови дијабетичари.

Но, од кабинетот за лекување на дијабет во прилепската болница „Борка Талески“, велат дека ги има сите услови за лекување на заболените.

„Сите оние коишто почнуваат со инсулин, коишто немаат друга терапија, каде што се исцрпени сите можности, најпрвин ги воведуваме во инсулинот, потоа обука за примање инсулин, обука за исхрана. Така комплетно ги пуштаме пациентите со нови сознанија и научени како да се хранат, колку да се хранат и како да примаат инсулин“, вели интернистот, доктор Златко Савоски, од кабинетот за дијабет во прилепската болница.

Состојбата со дијабетот, како што акцентира доктор Савоски е сериозна и на ниво на држава. Фрапантен е податокот дека 12 отсто, граѓани боледуваат од дијабет, иако официјалните податоци говорат дека од 8,5 – 9 отсто жители живеат со ова заболување. Современиот начин на живот, отсуство на физичка активност, брза и неквалитетна храна, но и наследниот фактот во услови на продолжен стрес се ризик фактори за појава на ова заболување, потенцираат медицинските стручњаци. Според нив овие бројки би биле значително помали, доколку севкупната општествено-политичка и економска состојба во државата биде подобра.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG