Достапни линкови

logo-print

Невладините организации тврдат дека во Македонија има криза за инсулин, а го оспоруваат и квалитетот, додека Министерството за здравство, пак, демантира. Во меѓувреме здруженијата на дијабетичари се закануваат со радикални протести.

Недостатокот на инсулин и неговиот незадоволителен квалитет се главните проблеми на дијабетичарите во Македонија, тврдат дел од здруженијата на хронично болни. Тие се жалат дека во аптеките често се случува да нема инсулин,па бараат на заем од пријатели дијабетичари или заминуваат да купат во соседните држави, затоа што во земјава приватно не може да се купи.

Многу често се случува, барем во последно време е инсулинот што го примаме да не чини, како да примаме вода, а како и зошто тоа се случува најдобро знаат тие што увезуваат инсулинот

Претседателот на Асоцијацијата на детски дијабетис Македонија – Баланс, Цвете Серафимовски обвинува дека Министерството за здравство се води од премисата да плати поевтино не грижејќи се за здравјето на диајбетичарите.

„Многу често се случува, барем во последно време е инсулинот што го примаме да не чини, како да примаме вода, а како и зошто тоа се случува најдобро знаат тие што увезуваат инсулинот. Дополнително проблем е што на луѓето со дијабетис тип 2, на докторите им е наредено да им препишуваат хуман инсулин, тоа е оној инуслин што е постара генерација. Не велам дека не треба да се препишува тој инсулин, но треба да се одреди инсулин кој најдобро му одговара на организмот, а не кој е најефтин,“ рече Серафимовски.

Мајка на четиригодишно дете со дијабетис Наташа Деспотовска, тврди дека државата не обезбедува соодветни пенкала за инсулин кои кај децата ќе ги дозираат и минималните вредности на инсулин, кои се многу важни за да не дојде до високо или ниско ниво на шеќер во крвта.

„Зошто националната комисија не се обиде да набави инсулински канили за децата, затоа што моето дете има развиено бицепс и трицепс од боцкање. Со нив од 150 редовни боцкања на инсулун месечно ќе се намалат на 10.“

Серафимовски се жали дека и мерачите на гликоза во крвта се неквалитетни, односно дека не им покажува точен резултат со што при употребата на терапијата си го загрозуваат животот.

„ Проблемот е што ние треба да го држиме шеќерот под контрола, за да го ставиме под контрола, ние треба да знаеме колку ни е моменталната гликемија. Ако ни е повисок шеќерот ние треба да ставиме инсулин за да го корегираме. Ако глукомерот ви покаже дека е 15 наместо 9 вие нема да ставите 3 единици инуслин туку ќе ставите 6 или 8 или 10 единици и постои можност да паднете во хипергликемија или во хипергликомична кома што е уште полошо, “ објаснува тој.

Здруженијата се закануваат со радикални протести доколку не се решат набрзо нивните проблеми.

Од Mинистерството за здравство ги отфрлаат обвинувањата на здруженијата и тврдат дека постојано се вложува во унапредување на здравствената состојба на лицата со дијабетис. Во нивната неодамнешна реакција е наведено дека здружението „Баланс“ создава неоснована паника кај хронично болните со ширење на лаги.

„Доколку беа вистинити наводите за неквалитетни инсулини и недостаток на инсулини, клиниките и болниците низ Македонија ќе беа полни со пациенти со акутни дијабетични компликации. Но, тоа не само што не е случај, туку бројот на акутните дијабетични компликации во изминатите две-три години се намалува. За жал, очигледно е дека пациентите стануваат жртва во беспоштедната борба за освојување на вредниот инсулински пазар во Република Македонија е наведено во реакцијата на Националната комисија за дијабетес.

Тврдењата дека инсулините што се користат во земјава се несоодветни и неквалитетни е целосна и исклучително опасна невистина се вели во нивната реакцијата.

По излегувањето во јавност на здруженијата, дел од медиумите објавија дека Серефимовски е член и активист на опозициската СДСМ кој наместо интересите на дијабетичарите ги штити интересите на опозицијата.

„ Кога се работи за здравјето не постои ниту една политичка партија, ниту вера што е помила од здравјето. Секој обид на провладините медиуми да ја минимизираат тежината на овој проблем со лепење на етикети од една или од друга страна, воопшто не го намалува проблемот, дополнително само ни ја зголемува решителноста да излеземе и да го решиме овој проблем со радикални мерки ако треба,“ вели Серафимовски.

Во Македонија има околу 180 илјади луѓе кои се боледуваат од дијабетис. Од нив 35 илјади се на редовна инсулунска терапија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG