Достапни линкови

Сегашниот изборен модел не е добар за малите партии


Професор Горан Илиќ од Правниот факултет на Универзитетот Климент Охридски во Битола.

Согласно постоечкиот изборен модел кој ја користи Донтовата формула, дефинитивно нема иднина за малите политички партии, туку тие се принудени да стануваат сателити или да претставуваат мал минорен дел од коалициите кои се формираат, вели професор Горан Илиќ во разговор за Радио Слободна Европа.

Професоре дали по овие избори помалите партии заминуваат во историјата или во Македонија нема место за трета политичка опција?

Во однос на малите политички партии во Македонија може да се каже дека тоа во голема мера е условено и од пресметките на мандатите за во Собранието. Доколку дојде до промена на начинот на пресметување на мандатите за во Собранието на Македонија, може да дојде и до ревитализација на малите партии во државата. Согласно постоечкиот изборен модел кој ја користи Донтовата формула, дефинитивно нема иднина за малите политички партии, туку тие се принудени да стануваат сателити или да претставуваат мал минорен дел од коалициите кои се формираат.

Дали проблемот е во изборниот модел или во понудата, зошто ние имавме ситуации во минатото кога во Парламентот влегуваа со сериозен број гласови и помали партии и беа значаен фактор за изборни коалицирања?

Толку не е изборниот модел, бидејќи изборниот модел подразбира и пропорционални избори, туку спорен е начинот на пресметка на нивните мандатите. Според мене, пропорционалниот изборен модел е најдобар модел, бидејќи на таков начин вие овозможувате претставување на што поголем број сегменти во општеството. Но, проблематичен е начинот на пресметување. Бидејќи според Донтовата формула вие губите многу гласови кои ви остануваат без освоени мандата, а сепак во демократијата не е важна толку математиката, бидејќи секој глас подеднакво вреди.

Како се случи да имаме поинаква ситуација со помалите партии во албанскиот блок кои успешно се наметнаа и им одзедоа гласови на поголемите партии?

Може тоа да го разгледуваме низ повеќе аспекти. Тука во голема мера улога одигрува она што се нарекува гнев кај граѓаните. Можеби тоа е реакција на незадоволниот електорат или дел од електоратот кој е незадоволен и на таков начин одлучи својот глас да го даде за некоја друга политичка опција која досега беше вон парламентарна партија. Тоа не го исклучувам. Но, во голема мера ваквата формула ги обесхрабрува малите политички партии. Значи дозволени се исклучоци во секој случај. Партијата која е дел од естаблишментот, ДУИ, изгуби 10 пратеници во однос на претходните избори, што значи реакција кај дел од албанскиот електорат кој ги поддржувал и сега не ги поддржува и како алтернатива ја пронаоѓа Беса. Во досегашната ситуација во Македонија ова е првпат што се појавува како исклучок и силен индикатор за ДУИ за тоа каде понатаму, земајќи предвид дека во голема мера го губи легитимитетот кај своите гласачи кои претходно и беа верни.

Што се случи со неопределените гласачи на овие избори. Каде отидоа нивните гласови?

На овие избори имавме голема излезност на т.н неопределени. И неопределениот дел од албанскиот електорат го кажа своето во однос на партијата на естаблишментот - ДУИ. Меѓу друго со нивна помош во голема мера беше преполовен бројот на мандати на ДУИ. Во однос на македонските партии интересно, бидејќи тука веќе двете доминантни партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно со нивните коалиции добија скоро изедначен број на мандати во Собранието и може да се каже дека неопределените тука дадоа силен придонес. Може да се заклучи дека поголем дел од гласовите на неопределените можеби заминаа за опозициската коалиција предводена од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG