Достапни линкови

Новата влада да ја осигура работата на СЈО


Марко Трошановски

По изборите може да се оцени дека Пржинскиот договор потфрли во делот на одвојувањето од партијата и државата, а даде резултат со некои парцијални решенија, што беа договорени во т.н. Пржино два, оценува Марко Трошановски од Институтот за демократија во разговор за Радио Слободна Европа. Новата влада прво треба да ја осигура работата на Специјалното јавно обвинителство и да работи на реформите на регулаторните тела, вели тој.

Колку Договорот од Пржино може да се смета за успешен, гледајќи го низ призма на одржаните избори?

Имаме два договорa и зависи од која призма гледаме. Од призма на Пржино еден, од исходот на сите тие преговори, се разбира дека не можеме да го сметаме за реализиран и исполнет Пржинскиот договор, особено во делот на одвојување на државата од партијата и во делот на медиумските реформи. Од аспект на Пржино два и парцијалните решенија кои што се направија, мислам дека надзорното тело во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми пропушти да санкционира сериозни прекршувања на медиумската професионалност и стандардите на новинарско известување, што се случија во предизборниот период, иако мој впечаток е дека ситуацијата, барем во предизборието, значително беше подобрена во делот на тоа како медиумите известуваат за партиите, иако е далеку од добро.

Обезбеди ли Пржинскиот договор пофер и подемократска атмосфера?

Со оглед на тоа како протече изборниот ден, би рекол – ДА, изборите беа мирни и демократски. Што се однесува до предизборието и реториката што беше применувана не би рекол дека беше во најдемократскиот дух, меѓутоа тоа и не беше целта на Пржинскиот договор.

Трошановски, Институтот за демократија беше една од организациите кои го подготвија документот за итни реформи. Што, според вас, останува клучно за идната влада, да спроведе од тие итни реформи, а што останува од Пржинскиот договор?

Се разбира сè што ние вклучивме како итен приоритет во документот, е на некој начин пресликано или операционализарно во извештајот на Прибе, така што повторно ќе се повикам на тој документ и дека реформите нотирани таму се оние што клучно треба да се имплементираат. Првенствено зборувам околу осигурување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и тука треба да видиме како Уставниот суд ќе реагира на претставката до него околу законитоста на законот за Специјалното јавно обвинителство. Се разбира треба да се реформираат и регулаторните тела.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG