Достапни линкови

Зашто младите треба да ги познаваат своите права


Мартин Лазаревски, Младински образовен форум
Мартин Лазаревски, Младински образовен форум

Потребно е да има млади луѓе кои што ќе бидат информирани и ги познаваат своите права, да бидат охрабрени постојано и во секоја пригода да ги практикуваат, како и да бараат почитување и заштита на нивните загарантирани слободи и права, пишува Мартин Лазаревски од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Да се познаваат и практикуваат своите права, не значи автоматски да се има некаква подлога, односно да се биде дел од правното стручно образование, кое би го започнале од средношколските денови и би продолжиле на правни студии на правниот факултет.

Да бидеме активни и одговорни граѓани кои учествуваат во општествениот живот не подразбира само исполнување на своите обврски, туку и остварување на своите права кои се гарантирани со Уставот, а истите тие се универзални, неотуѓиви, неделиви и апсолутни.

Тие права можат да бидат најразлични, почнувајќи од правото на живот, правото на интегритет, право на образование до правото на поднесување на барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, правото на поднесување на претставки и предлози и правото на јавен собир.

Секој средношколец има право да знае дека има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри од средното училиште.

Оценување за постигнатиот труд на средношколците се врши тајно и критериумите по кои се врши тоа оценување мора да му бидат презентирани на ученикот. Доколку ученикот не е задоволен со некои од годишните оценки во рок од три дена од соопштувањето на оценките има право да поднесе приговор до Наставничкиот совет на јавното училиште.

Потоа, секој млад човек има право да знае дека има право на слободно зборување и изразување без цензура или некакво ограничување. Таквата слобода не подразбира само вербален говор, туку и пренесување на информации и идеи.

Секој има право да биде запознаен со информации од јавен карактер, кои, пак, претставуваат секоја информација што ја создал или ја има државен орган, органите на општините јавните институции, јавни претпријатија или друго физичко или право лице кое што врши јавна функција. Како такви на сите нас ни следува слободен пристап до тие информации поднесувајќи барање и право на одговор во 30 дена од поднесувањето на истото.

Исто така, важно е да се знае дека правото на јавно собирање е едно од фундаменталните права кои што се развивани во демократското општество, а истото тоа е уставно и законски гарантирано и регулирано во Република Македонија, а не нешто што се прави против Уставот и законите во нашата држава.

Средношколците и воопшто младите еден ден ќе бидат носители на општеството. За да може во нашето општество да има луѓе кои ќе имаат поголема лична и општествена одговорност, луѓе кои ќе учествуваат во креирањето и водењето на општествениот живот, потребно е да има млади луѓе кои што ќе бидат информирани и ги познаваат своите права, да бидат охрабрени постојано и во секоја пригода да ги практикуваат, како и да бараат почитување и заштита на нивните загарантирани слободи и права.

Да се биде незапознаен со овие, но и со останатите права, младите не би можеле истите да ги остваруваат во насока на подобрување и олеснување како на својот живот, така и во развојот и унапредувањето на демократското општество.

За таа цел и постои програмата „Учиме право“ која што дејствува во рамките на Младински образовен форум и е насочена кон едукација на младите за човековите слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото.

Во рамките на своите активности програмата Учиме право изготви Учебник за граѓански и политички слободи и права во кој се соджрани лекции посветени на правото, демократијата, поделбата на власта и правниот систем во кои се обработуваат содржини посветени на принципот на владеење на правото и јакнење на правната држава.

XS
SM
MD
LG