Достапни линкови

Сексуално образование онлајн?


Ана Поп Стефанија, координатор за комуникации Х.Е.Р.А. Асоцијација за здравствена едукација и истражување
Ана Поп Стефанија, координатор за комуникации Х.Е.Р.А. Асоцијација за здравствена едукација и истражување

Потребно е системско решение, во вид на сеопфатно сексуално образование кое ќе им ги даде точните, потврдените и научно-докажаните информации и факти за да ги припреми младите за живот offline и за да бидат подготвени да носат свесни и обмислени одлуки, а притоа да уживаат во сексуалноста, пишува Ана Поп Стефанија од Х.Е.Р.А во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

душички можно ли е да сум трудна, а да не сврши во мене пишете ми ве молам. имам 18 години и не сум многу информирана околу тоа?... ако го извадил 5 минути пред да сврши ништо работа не си трудна...

За неколку денови започнува уште една учебна година. Според статистиката, околу 275.717 ќе го започнат или продолжат своето формално образование. Од нив, околу 2/3 се на почетокот или веќе се во репродуктивна возраст. А ниту еден од тие ученици нема да добие никаква информација за сексуалното и репродуктивно здравје. Затоа што во македонскиот образовен систем, сексуално образование, едноставно, нема!

Но, затоа постои интернетот! За секое прашање, колку и да изгледа наивно, некој на интернет има одговор. Прашањето е каков е тој одговор? Кој го обезбедува тој одговор? Колку е стручен оној кој го дава одговорот? Се базира ли тој одговор на медицински и научно докажани факти? Во согласност ли е со препораките на водечките светски организации? Затоа не е битно само да се постави прашањето, туку и да се постави вистинското прашање, на вистинското место.

Еден поглед набрзина и веднаш станува јасно не само колку нивото на знаење е ниско, туку и каков е квалитетот на одговорите. Во отсуство на формално, систематизирано и проверено знаење, младите се свртуваат кон она што е најдостапно – интернет форумите. Без разлика на добрата волја, интернет форумот не е место каде се наоѓаат сигурни информации. Затоа што на прашањето: „можно ли е да сум трудна, а да не сврши во мене пишете ми ве молам. имам 18 години и не сум многу информирана околу тоа?...“, одговорот „ако го извадил 5 минути пред да сврши ништо работа не си трудна“ не е точниот одговор. Не само што не е точен, туку е и misleading: чај од камилица за лечење од кандида?

Ако се погледнат самите прашања, повеќе од јасно ни е колку ни е сексуално образование повеќе од потребно: дали редовно мора да се посетува гинеколог после првиот пат? Дали само машкото става кондом, или мора и женското? Дали надворешна ејакулација/прекинат однос е средство за контрацепција? И прашањата одат до недоглед.

Ако ова не е доволно, да се свртиме кон статистиката. Податоците покажуваат дека на секои 36 часа по една малолетничка абортира. Само досега годинава имаше два регистрирани случаи кога девојки беа оставени сами на себе да се справуваат со непосакувана бременост, последниот случај пред неполна недела. Само 13% од учениците учеле за кондом, а 2% за орална контрацепција. Половина од наставниците изјавиле дека главен предизвик во предавањето на наставен материјал од областа на сексуално и репродуктивно здравје им е недостатокот од наставни материјали и ресурси.

Само 1,6% на млади до 29 користат орална контрацепција, а само 12,8% од паровите користат какво било модерно средство за контрацепција (затоа што, нели „ако го извадил на време, нема гајле“ и „поубаво е чувството без кондоми“), со што Македонија е на дното на листата по употреба на контрацепција во Европа. Хламидијата е во постојан пораст и бројките се загрижувачки – од 0,4 во 2004 стапката на морбидитет пораснала на 29,4 во 2014.

Од друга страна, се поставува прашање - кога има недостаток на релевантни информации, од каде на друго место младите би се информирале за сексуалното и репродуктивно здравје? Интернетот, донекаде е и единствената опција. Затоа што ако се погледне во она што го нудат актуелните учебници, ситуацијата станува и повеќе од алармантна. Учебникот по биологија за деветто одделение, вели дека „инфекциите најчесто се јавуваат кај лица кои имаат полови контакти со НЕПОЗНАТИ лица“, бидејќи нели, ако го „познаваш“ лицето, сексуално пренослива инфекција нема да добиеш. Во дел од учебниците за настава е наведено дека лицата со хомосексуална ориентација најчесто се отфрлени од родителите, најчесто пренесуваат ХИВ и дека поради својата сексуална ориентација не се „очовечени“ доволно. И ова се само некои од примерите, кои за жал ги има доста. (Нив, хомосексуалците, ги сметаат за најчести преносители на СИДА. Незадоволни од своите родители кои ги создале, тие наметнуваат друг тип на родителство... За хомосексуалноста треба да се каже дека е застој во психосексуалниот развој на пониско ниво.)

И сето ова недоволно информирање „офлајн“ доведува и до последици „онлајн“. Нивото на говор на омраза, дискриминација и закани онлајн е во постојан пораст и имавме случаи да се прелева и во „реалниот живот“, за жал со последици. Секојпат кога ќе се споменат теми кои малку одат надвор од границите на „општествено прифатеното“ како женски права, род, сексуална ориентација, абортус и слично, заканите со физичко насилство не изостануваат. Само за илустрација, анализата на содржина на видеото за недискриминација, покажа дека „Хитлер“, „смрт“ и „педери“ се едни од најкористените зборови. Најголем дел од коментарите го користат наци кодот 14/88 на белите супрематисти и антисемитите и директно повикуваат на смрт и физичко насилство.

Сите истражувања и резултати се поразувачки. Ако се погледне онлајн, по форумите какви се прашањата и одговорите кои се нудат и офлајн, во вистинскиот живот, ако се погледнат бројките кои алармираат. Потребно е системско решение, во вид на сеопфатно сексуално образование кои ќе им ги даде точните, потврдените и научно-докажаните информации и факти за да ги припреми младите за живот offline и за да бидат подготвени да носат свесни и обмислени одлуки, а притоа да уживаат во сексуалноста. Потребна е сексуална едукација која ќе ги опфати сите аспекти: сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ и сексуално преносливи инфекции), род, насилство, различност, врски и односи, граѓански аспекти и задоволство. Потребно е и системско решение кое ќе им овозможи на младите во пракса да го спроведуваат она што е најдобро за нив од здравствен аспект – достапни и пристапни средства за контрацепција, матични гинеколози во сите општини, едукација и поддршка во сите процеси и низ сите фази од репродуктивниот живот. Нешто што ние, како држава, образовен систем и институционален – го немаме!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG