Достапни линкови

„ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“ премиерно во Кино Култура


Постер за театарската претставa „ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски.
Постер за театарската претставa „ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски.

На 26 ноември, со почеток во 20 часот, во Кино Култура ќе се одржи праизведбата на претставaта „ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски и продукција на Театар на Навигаторот Цветко. Станува збор за вториот дел од трилогијата СОЛУН, ЛЕРИН, СКОПЈЕ кој ги обработува настаните од граѓанската војна во Грција, положбата на македонското население и теророт на кој е изложено.

По нешто повеќе од година и половина од премиерата на „Солун – град на духови“ , претставата инспирирана од истоимената книга на Марко Мазовер во која драматургот Русомир Богдановски и режисерот Слободан Унковски се обидоа да ги истражат историјата на Солун од 1430 година па се до депортацијата и холокаустот на 45 илјади тамошни Евреи во логорот Аушвиц и тоа како од еден главно мултикултурен станал доминантно грчки град, зачнатата трилогија продолжува со „ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“.

Праизведбата на претставата е закажана за оваа сабота, на 26 ноември, со почеток во 20 часот, во Кино Култура, и во неа и овојпат играат младите, но исклучително квалитетни актери Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников и Владимир Петровиќ. Оригиналната музика е на Златко Ориѓански, а костимографка е Розе Трајчевска Ристовска.

Во најавата за овој театарски проект е забележано дека вториот дел од трилогијата СОЛУН, ЛЕРИН, СКОПЈЕ посега и ги обработува настаните од граѓанската војна во Грција, положбата на македонското население и теророт на кој било изложено, особено по битката за Лерин и поразот на Демократската армија на оваа соседна земја во која значајна ролја имале токму македонците.

Имено, граѓанската војна во Грција со овој настан ја има една од најзначајните битки во обидот за завземање на градот Лерин каде големи партизански сили (тринаесет до четиринаесет илјади борци) претрпеле катастрофален пораз по што уследил невиден масакар во кој загинале огромен број на жители од Егејска Македонија.

Од таму, како што ќе биде забележано, „во возбудливиот и потресен ракопис на Русомир Богдановски добиваме нова и силна фрагментарна драма која магично не води низ така блиската историја избришана на некој начин од нашата колективна меморија“.

Ова, пак, подразбира дека низ серија од сцени и сведочења во претставата на Унковски се отвараат значајни прашања за нашата историја, за улогата на Комунистичката партија на Грција во обидот за решавање на македонското национално прашање и за последиците што ги предизвикува до денес за нас овде, поразот на демократска Грција во судир со монархофашизмот во земјата.

„Мислев дека е интересно да направам едно патување од Солун до Скопје преку Лерин. Значи преку Граѓанската војна, преку македонските прашања за време на граѓанската војна во Грција пред тоа и после тоа и да влезам во Скопје кое понатаму ќе го истражуваме. Така да убеден сум дека е добро тој комплекс на македонското прашање на Балканот или во големава Македонија да се истражи, да се испита и да се видат аспектите. Затоа и самиот сум многу љубопитен до каде ќе дојдеме со тоа истражување и што конечно ќе пронајдеме. Во секој случај мислам дека темата заслужува истражување и дека е возбудлива и тоа ме држи радосен бавејќи се со овие теми. Тешкиве теми се разбира“, ќе рече Унковски при промовирањето на оваа театарска трилогија.

Инаку, режисерот во меѓувреме работи и во Приштина каде ја поставува „Наследникот“, претставата работена по текст на Исмаил Кадаре напишан во 2004 година, чија премиера е планирано да биде последниот годинешен проект на Народниот театар на Косово.

Кон ова само уште информацијата дека „ЛЕРИН полиња жито, ридишта крв“ како проект на Кино Култура – Центарот за современи изведувачки уметности и независна култура, е реализирана со финансиска поддршка на Општина Центар, анонимни донатори и Министерството за култура на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG