Достапни линкови

Со кого ќе коалицираат партиите на Албанците?


Избори 2016 - Митинг на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Мала Речица.01.12.2016
Избори 2016 - Митинг на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Мала Речица.01.12.2016

Со кого ќе коалицираат политичките партии од албанскиот блок кои заедно освоија 20 пратеници на предвремените парламентарни избори. Дел од нив велат дека не планираат коалиција да прават со ВМРО-ДПМНЕ.

Која од политичките партии од албанскиот блок ќе биде дел од новата влада не се знае, но се знае дека некои од нив нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Албанските партии заедно освоија 20 мандати, а најмногу 10 пратенички места отидоа во рацете на ДУИ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера порача дека ВМРО-ДПМНЕ не смее да формира Влада и ги повика останатите партии кои освоија мандати на изборите да не помислуваат да ја поништат волјата за промени на граѓаните.

Од ДУИ велат дека се уште не размислуваат за тоа со која партија ќе коалицираат, туку дека најпрвин ќе ги почекаат конечните резултати од гласањето, па потоа ќе донесат одлука. Во интервју За Радио Слободна Европа пред изборите, лидерот на партијата Али Ахмети ја остави отворена опцијата да коалицира со ВМРО- ДПМНЕ.

Орхан Муртезани од БЕСА, која засега освои пет пратенички места, уште еднаш го повтори ставот на неговата партија дека нема воопшто да влезат во преговори за коалицирање со партија, за чии челници постојат сомневања за корупција, злоупотреба на службена должност и сл.

„Не би сакале во ниту еден случај ни да размислуваме дека би коалицирале со партија како ВМРО-ДПМНЕ“, вели Муртезани.

Истото, според Муртезани важи и за ДУИ.

„Значи начелно ако сме против разговори со партии за кои постојат основани сомневања, несомнено дека тука апсолутно влегува и ДУИ. За нас ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се едно и не се разликуваат“, посочува Муртезани.

Алијансата за Албанците и ДПА не беа достапни за коментар. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи исто така во интервју за РСЕ пред изборите, изјави дека е невозможна соработка и коалиција меѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерите на БЕСА и на Алијанса за Албанците вчера имаа средба со албанскиот премиер Еди Рама, а денеска со него ќе разговараат и лидерите на ДУИ и на ДПА. Од БЕСА посочија дека средбата со Рама била од неформален карактер и не може да коментираат што точно се разговарало.

Државната изборна комисија денеска попладне или најдоцна утре на отворена седница за јавноста ќе расправа по приговорите поднесени од политичките партии по гласањето на предвремените парламентарни избори. По осум приговори поднесоа и СДСМ и БЕСА.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG