Достапни линкови

Иста владина коалиција е неодржлива варијанта


Архивска фотографија - собраниска седница.
Архивска фотографија - собраниска седница.

Многу тешко ќе се формира влада во којашто би коалицирале македонска партија и една или неколку албански партии. А тешко ќе се повтори и старата коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, оти интегративците добија јасна порака од гласачите, велат аналитичарите. И двете опции водат кон нови избори.

Старата коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или влада на широка коалиција се двете можни опции за тоа како би изгледала новата влада, прогнозираат политичките аналитичари. Сега откако се знае првичниот сооднос на силите во идниот парламент, аналитичарите велат дека нè очекува тежок и нестабилен политички период.

„Од сегашната ситуација, мислам дека ќе биде многу тешко да се формира влада во којашто би коалицирале македонска партија и една или неколку албански партии. Досегашната традиционална коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе биде многу тешка да се повтори, зошто на овие избори ДУИ ја доби пораката од своите гласачи, а тоа е едно огромно незадоволство од политиките кои ги имплементираа во досегашната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ,“ изјави политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Ако се направи новата влада со веќе познатите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тоа ќе биде влада на криза, перманентно слабеење на позициите и не верувам дека таа ќе биде функционална, вели професорот Алајдин Демири.

„Според резултатите најможна е една влада на широка коалиција или техничка влада, со цел да се стабилизираат односите во Македонија, а стабилизацијата значи овозможување да работи СЈО, менување на законот за избори итн. што би овозможило пак организирање на нови избори“, изјави Демири.

Предуслов на сите албански партии е непреченото функционирање на СЈО, а тоа ќе биде тешко прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ, вели Гаџовски. Она што сега го очекува е апетитите на албанските партии да бидат поголеми, бидејќи тие се значаен фактор за формирање на новата влада.

„Во наредните неколку денови во ДУИ ќе има преиспитување на политиките кои ги воделе и зошто од 19 во овој момент имаат девет пратенички мандати. Очекувам дека ќе биде многу тешка внатрепартиската борба за повторно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ зошто тие се најголемите губитници на овие избори. Но доколку решат да коалицираат, барањата кои ќе ги постават ќе бидат тешко прифатливи дури и за ВМРО-ДПМНЕ,“ заклучува Гаџовски.

Професор Демири не верува дека е можна коалиција на БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА со ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие партии ако останат доследни на своите барања, невозможно е дури и да разговараат за можна коалиција. Зошто нивните барања не соодветствуваат со она што го нуди Груевски, а тоа е цврст национализам и скротување на Албанците“, вели Демири.

Каква и да биде следната влада, таа нема да има јасна перспектива и долг мандат, прогнозираат нашите соговорници според кои, секое од двете можни сценарија води кон распишување на нови парламентарни избори, који најверојатно ќе се случат заедно со локалните на пролет.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG