Достапни линкови

Кампањата го мати умот на неопределените


Гласање на претседателските и вонредните парламентарни избори во Македонија.

Кампањата не го менува ставот на определените гласачи. Мал број луѓе се решаваат кому да го дадат својот глас врз основа на ветувањата на партиите.

Во деновите кога изборната кампања ја достигнува својата кулминација, а политичките ривали не бираат зборови и средства да се нападнат и навредат меѓусебно, дел од граѓаните велат дека ништо не може да го промени нивниот веќе изграден став за партијата на која ќе и ја дадат довербата. Искуството од претходните изборни циклуси ги научило да бидат подготвени на црна кампања, на националистички говори, на горе-долу истите предизборни ветувања.

Размислуваме со своја глава, велат дел од анкетираните, додавајќи дека никој и ништо не може да ги натера да го сменат мислењето за одредена политичка опција.

„Не ги слушам, се едно те исто, само се напаѓаат и толку, веќе се определив и не ми влијае што зборуваат.“

„Не, не ми влијае кампањата, ама грозен е начинот на кој противниците се оцрнуваат меѓусебно“.

„Нема убедување, што ќе ме убедуваат, секој се бори за фотелја, за мотика и лопата не се борат. Јас сум определен уште одамна, не од сега.“

„Мене не можат да ми го сменат мислењето, зашто веќе сум определена и знам за кој ќе гласам. Се друго е веќе видено сценарио“, велат анкетираните граѓани.

Но, меѓу граѓаните има и такви кои признаваат дека после се што слушнале во кампањата на партиите, се чувствуваат збунети и почнале да го преиспитуваат своето мислење за партијата на која и верувале.

„Кампањата некако многу е остра и уште не сме се определиле. Од многу кажувања ни го заматија умот“.

„Размислуваме како и кого, кој го кажува правото, не знаеме кој ја зборува вистината“.

„Нормално дека ако гледам дека има неправда, може да го сменам мислењето, не е исклучено и тоа“, велат дел од анкетираните граѓани.

Социолозите велат дека гласачкото тело е составено од различни категории на граѓани и не е исклучено дека под влијание на се што се слуша и зборува во изборната кампања, можат да се променат и преиспитуваат размислувањето за партијата која им е симпатична.

„Има категорија којашто има изградено цврст став дека ги познава состојбите во државата, дека треба да се одвиваат вака или така и не отстапуваат од својот став. Постои друга категорија којашто е дефинитивно определена да гласа само за една опција и тука никакви изјави и кампањи не можат да ја разнишаат таквата определба, но мислам дека најголем дел од тоа гласачко тело е она кое во текот на кампањата ги менува ставовите од ден во ден и се до крајот на кампањата се бранува според се она што се изнесува во текот на кампањата“, вели професор Ѓорги Тоновски.

Посебно интересна категорија се неопределените гласачи кои според Тоновски сакаат да слушаат и да го определат своето мислење во зависност од сознанијата кои ќе ги стекнат во кампањата.

„Може да има во неопределените од оние кои сакаат постудиозно да ги сослушаат опциите, но има и неопределени кои до моментот на гласањето се двоумат меѓу една или друга политичка опција. И тоа се оние кои дефинитивно својот став го градат на денот на изборите, односно кога тргнуваат кон гласачкото место“, заклучува Тоновски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG