Достапни линкови

СДСМ не коалицира со бандити, ДПА со „забивачи на нож во грб“


Архивска фотографија- Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со Ахмети, Заев, Груевски и Тачи.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на РСЕ на прашањето дали ќе коалицираат со ДУИ, вели дека со криминалци, бандити и националисти не коалицираат. Првиот човек на ДПА Мендух Тачи во интервју што ќе го емитуваме в сабота, пак, вели најважно било сега ДУИ да загуби на изборите.

По десет дена, кога ќе излезат првичните резултати од гласањето на изборите на 11 декември, сè ќе биде појасно за можните постизборни коалиции, но лидерите на опозициските СДСМ и ДПА, во интервјуа за Слободна Европа, начелно ги отфрлаат владејачките партии како можни коалициски партнери.

Моделите на постизборно коалицирање нема да бидат исти, а СДСМ може да добие повеќе гласови од Албанците од ДУИ, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, претседателот на опозициската партија Зоран Заев. Покрај почитувањето на мнозинството гласови од помалите етнички заедници, посебно на албанската како втора по големина, остануваат уште неколку принципи кои мора да се почитуваат нагласува Заев одговорајќи на прашањето дали би коалицирале по изборите со ДУИ.

„Со криминалци и бандити во коалиција нема влегување. Второ- принципот за кои се залагаме во партијата за граѓанско општество мора да бидат вграден и прифатен од која било политичка партија и трето ако продолжат со ваквите национализми, искористувајќи го како полуга за ВМРО-ДПМНЕ, апсолутно ги губат сите шанси воопшто и да разговараме за некакви коалиции, без разлика какво мнозинство би гласало за нив“, вели Заев.

Според претседателот на ДПА Мендух Тачи најважното сега, по сè што се случува во државава, било ДУИ да ги изгуби изборите. Уништувањето на институциите е дело на партиите на Груевски и на Ахмети, тврди Тачи во интервјуто што ќе го емитуваме в сабота. Тој додава и дека ДПА од 2008 година најмногу ножеви во грб добила, како што вели, од ВМРО-ДПМНЕ и речиси било невозможна работа да коалицираат постизборно со таа партија. Со СДСМ, пак, имавме повеќе судири и недоразбирања, но мислам дека поголемиот број од нив се надминати, додава тој.

„Би било добро да се случи целосна промена и изборите не би имале логика ако не се случи таа промена. Мислам дека се разликуваме со СДСМ, затоа што ние сме убедени дека етничките несогласувања треба да се решат со политички договор на главните и легитимни актери на политичкиот живот во Македонија. Нормално дека ова е возможно, но да го почекаме резултатот“, вели Тачи.

Без нови договори, измени на закони или пак на Уставот треба да се работи на подобрување на состојбата со употребата на јазиците, тврди Заев во интервјуто. Според него законот и Уставот даваат можности за реализација на потребите на граѓаните, но треба тие и да се применат. Федерализација и кантонизацијата, тврди тој, се само во главата на Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ најголемиот дел од досегашната кампања ја концентрираше на одбрана на унитарноста на државата и против федерализацијата која што тврдат дека ја заговарал Заев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG