Достапни линкови

Изолација за ВМРО-ДПМНЕ по изборите?


Архивска фотографија- Влада на Република Македонија, Скопје,18 јули 2016 година
Архивска фотографија- Влада на Република Македонија, Скопје,18 јули 2016 година

Неколку вонпарламентарни партии веќе најавија дека постизборно нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, а и од СДСМ отфрлаат таква опција. Аналитичарите велат дека ова не мора да значи многу, затоа што зависно од изборните резултати ВМРО-ДПМНЕ може да коалицира со една партија на Албанците

На околу месец и половина пред изборите се уште не е докрај извесно кој со кого предизборно ќе коалицира, но неколку вонпарламентарни партии веќе најавуваат кои се условите за постизборното коалицирање. Претседателот на Беса, Биљал Касами, во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека постизборно би коалицирале со која било партија што ќе освои најмногу гласови кај македонскиот електорат, но под два услова.

„Да се остави Специјалното јавно обвинителство да ја заврши својата работа како што треба и за сите политичари инкриминирани во какви било незаконски активности да се покаже дали биле виновни или не во процедурите поднесени од СЈО. Кога таквите политички партии би излегле чисти по овие ситуации, ние немаме предрасуди која политичка партија кај Македонците ќе добие за да направиме коалиција“, вели Касами.

На конкретното прашање дали ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, тој вели - да, но само ако се расчистат сите постапки кои се отворени од Специјалното јавно обвинителство кон нејзиното раководство. За неколку лица, пак, од извршниот комитет на владејачката партија, СЈО веќе има отворено постапки, вклучително и за претседателот Никола Груевски. Тој, пак, деновиве рече дека во секој случај ќе биде носител на листа.

Претходно, партијата Левица даде предлог за формирање на експлицитен кордон за изолација на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и побара сите опозициски партии, вклучувајќи ги и тие од албанскиот блок да потпишат заеднички меморандум во кој ќе посочат дека нема да учествуваат во влада во која учествува ВМРО-ДПМНЕ. И Либералната партија соопшти дека услов за соработка со други опозициски партии е јавен договор дека по изборите нема коалиција со Груевски. Од СДСМ на прашањето дали доколку резултатите упатуваат на тесна разлика со ВМРО-ДПМНЕ ќе влезат во заедничка влада категорично одговараат - не.

Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, посочува дека ВМРО-ДПМНЕ зависно од резултатите може да коалицира само со една партија на Албанците и доколу го добие мандатот да формира влада.

„Треба да се има предвид и дека ако им недостигаат неколку пратеници за да имаат мнозинство во Собранието тие со сите средства ќе се обидат да ги добијат тие пратеници на различни начини и со различни методи“, вели Гаџовски.

За предизборните коалиции, пак, се уште се разговара, а особено е нејасна ситуацијата во десничарскиот блок. Таму најверојатно ќе се најдат ВМРО-НП, Демократскиот сојуз, Достоинство, ФРОДЕМ, Обединети за Македонија и неколку други партии од десницата и центарот. Во блокот партии на Албанците, Унитети, Движењето за реформи ДПА и НДП потпишаа договор за предизборна коалиција. Касами, пак, вели дека на изборите ќе настапат со НДП на Фадиљ Зендели и граѓаните.

Според испитувањето на јавното мислење на Институтот за истражување на политики и добро владеење, Беса е втора партија кај албанските гласачи, па на престојните избори на 11 декември таа би освоила 10,2 отсто од гласовите, а ДУИ –13.4 отсто, ДПА – 6.3 проценти, ДР-ДПА – 5 отсто, за НДП – Весел Мемеди – 1.3 отсто, за НДП-Фадил Зендели –1,9, за Унитети – 0,8 отсто и за СДСМ – 4 проценти од испитаниците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG