Достапни линкови

Нови избори, слични ветувања


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Велес. 28.11.2016
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Велес. 28.11.2016

ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма нуди исти решенија како во 2014 година, иако сега надградени и проширени со нови проекти. СДСМ, пак, во новата програма има иста цел, но нуди и нови проекти, а и концептот е сменет и поинаку изведен од пред две години.

Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, иако надградена, е речиси иста како онаа во 2014 година. Поголемиот дел од проектите се препишани и во новата програма само е пролонгиран рокот за нивното остварување. Така на пример, иако првично изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица требало да заврши во 2016, сега рокот е наредната година. Модернизацијата на електронската наплата, иако требало да заврши во 2015, сега е предвидена за 2018. Пругата, пак, Куманово-Бељаковце, наместо во 2016, ќе биде завршена за две години. Но, токму во инфраструктурата има и нови проекти како изградбата на три подземни сообраќајници и реконструкција на уште неколку патишта, а најавени се и нови странски инвестиции.

Кај определените гласачи доминантно е само која е партијата и тие гласаат за партија, вели Никола Дујовски, професор на универзитетот Свети Климент Охридски.

„Јас мислам дека многу мал процент од граѓаните што се определени воопшто читаат програми и воопшто слушаат што политичките партии во предизборитето и сега во овие неколку денови изборна кампања зборуваат. Тоа воопшто не им е важно. Со овие програми можеби повеќе се обраќа внимание кон неопределените и на луѓето кои нема да гласаат. Затоа ВМРО-ДПМНЕ одат со проекти кои ги ветиле пред неколку години, кои што се започнати и делумно реализирани или воопшто не се почнати, а ги има повторно во оваа програма за 2016-2020 година“, смета Дујовски.

Слоганот за изборната програма на СДСМ.
Слоганот за изборната програма на СДСМ.

Како и на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ, програмата за изборите во 2014 година е помала за разлика од новите програми во кои има дополнителни околу 150 страници. Опозициската партија сега наместо три, нуди пет столба, но целта е иста, создавање на бројна и стабилна средна класа. Новина е тоа што СДСМ посочува и проекти за како власта да биде одговорна. Во однос на другите планови програмите се слични. За персоналниот данок на доход и тогаш и сега нудат две стапки за сиромашни и богати. Во однос на инфраструктурата ги имаат истите проекти насловени „Македонија мегалополис“ и „Македонија без кал“. Но сепак концептот на програмата на СДСМ за разлика од владејачката партија е целосно променет и поинаку изведен отколку тој во 2014 година.

„СДСМ од друга страна исто така е сигурна дека нивните гласачи не се многу заинтересирани за тоа што има внатре во програмата, меѓутоа тие на овој начин се обраќаат кон сите и дури кон оние кои би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, особено кон неопределените“, вели Дујовски.

Сепак, според него, кога се носи одлука луѓето по дефиниција се определени кон лево и десно и програмите на партиите воопшто не се атрактивни во овој период и нема да го променат мислењето на гласачите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG