Достапни линкови

Мали плати и традиционални улоги - Жените неактивни во барањето работа


Нермине Мустафа и Севиме Ајдини од Куманово. Тие се дел од проектот за невработени жени кои активно бараат вработување.
Нермине Мустафа и Севиме Ајдини од Куманово. Тие се дел од проектот за невработени жени кои активно бараат вработување.

Жените се пасивни како во посетување обуки, така и во самото барање работа, покажува проектот „Вклучување жени од етнички заедници на пазарот на трудот“. Како причини се наведуваат традиционалните норми и ниското вреднување на женскиот труд.

Педесетина жени од различни етнички заедници и десет отсто од жени Македонки од некоја ранлива категорија, од јануари годинава се вклучени во проектот насловен „Вклучување жени од етнички заедници на пазарот на трудот“, финансиски поддржан од Европската унија, а менаџиран од Секторот за централно финансирање и потпишување договори при Министерството за финансии на Македонија. Проектот го спроведува КЕР од Германија (CARE Deauchland/Luxemburg) и Женската граѓанска иницијатива АНТИКО.

Целта на проектот е обука за невработени жени кои активно бараат вработување и подигање на нивното ниво за полесно доаѓање до работно место на пазарот на трудот. Во рамките на тоа е идентификување на нивните суштински проблеми кои ги попречуваат за вработување.

Она што загрижува кај балканската жена, со тоа и кај жените во Куманово, е нивната пасивност, вели Драган Периќ, проект менаџер од КЕР.

Драган Периќ.
Драган Периќ.

„Тие се пасивни како во посетување обуки, така и во самото барање работа. Има повеќе фактори за тоа, меѓу кои е и бизнис секторот во локалните заедници, вклучувајќи го и Куманово. Тие не нудат соодветни услови поради што жените не сакаат активно да бараат работа, бидејќи едноставно не можат да заработат повеќе отколку што примаат социјален паричен надоместок преку Агенцијата за вработување. Затоа и работодавачите треба да ги подобрат условите за работа на работните места на кои би биле жените“, вели Периќ.

Ако жената од овие простори во однос на активноста се спореди со жената во Германија, или со некоја од другите западноевропски земји нашите жени се на многу ниско ниво.

„Генерално жените на Балканот се многу пасивни во повеќе аспекти на нивниот живот, а тука се вклучува и активно барање работа. Постои една африканска поговорка според која некогаш и малку може да биде многу, како кога ќе се обидете да спиете во соба во која има комарец“, вели Периќ.

Тој појаснува дека и традиционалните норми кои се уште се присутни на Балканот, а според кои се подразбира дека и во ова време најдобрата улога на жената е во домот, во семејството, во улога на домаќинка и мајка. Од друга страна пак, кога ќе се вработат се уште кај нас пониско се вреднува трудот на жената, одошто на мажот, иако сè повеќе жените се образовани, без оглед на нивната етничка или некоја друга припадност.

Кога се работи за вработување некои од запрашаните жени велат дека етничката припадност не е битна.

Севиме Ајдини од Куманово е високообразована млада жена.

„Веќе три години како завршив Педагошки факултет, насекаде барам работа, но ништо од тоа. За сите е тешко без оглед на етничката припадност.“

„И јас не работам. Имам завршено средно медицинско и тригодиншнии студии за висока стручна медицинска сестра. Две години барам работа. Се надевам дека преку вакви обуки полесно ќе дојдам до работа“, вели Нермине Мустафа.

Севиме и Нермине се согласуваат дека најлесно жените се вработуваат преку партии, а и самите тие не доволно се активни во барање работа. Затоа дел од невработените жени кои сакаат да се вработат посетуваат најразновидни обуки.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG