Достапни линкови

Статистичка гимнастика со невработеноста


Иселувањето на младите од земјава, бришењето од списоци на невработени поради ненавремено пријавување во Агенцијата за вработување, партиски вработувања во институции или функционирање на владините проекти за вработување. Кои фактори влијаат врз намалувањето на бројот на невработени?

Постојат три вида лаги: лага, голема лага и статистика, е изрека на британскиот премиер од втората половина на 19 век Бењамин Дизраели која може да се преслика и во денешното македонско општество. Манипулацијата со статистика е методологија што често е употребувана од владите во регионов за за добијат нашминкани податоци со помош на мала интервенција во индикаторите по што се создава лажна слика пред домашната и меѓународната јавност.

Какви вработувања, какви бакрачи, јас не знам кај се луѓево што ги кажуваат дека работат, две илјади, три илјади, пет илјади.
Анкетирана граѓанка.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во второто тримесечје од годинава се намали на 26,8 проценти и споредено со првото тримесечје бележи намалување за половина процент. Во второто тримесечје од годинава во Македонија имало 956 илјади граѓани кои се заведени како активно население од кои речиси 700 илјади се вработени, а 256 илјади луѓе бараат работа.

Илустрација: Центарот за вработување во Куманово.
Илустрација: Центарот за вработување во Куманово.

Премиерот и министрите пред јавноста неколку пати повторува дека успеале од 2006 година до денес да ја симнат невработеноста од 38 отсто на 26,8 отсто, што е огромно намалување и би требало да се почувстува во јавноста и да се есапи за фантастичен резултат и многу поволен тренд. Дел од граѓаните коишто ги анкетиравме велат дека во пракса таквите резултати не се чувствуваат.

Тоа е прво резултат на континуирано намалување во секој квартал од кога е дојдена оваа Владата. Секој квартал, дури и во време на најголемата светска криза во 2008, во 2009, 2010 година, дури и во време на силната европската должничка криза во 2011, 2012, па донекаде и во 2013 година. Дури и во тие времиња секој квартал имавме помали или поголеми намалувања на невработеноста.
Никола Груевски, премиер.

„Врска нема, уште толку невработени има.“

„Катастрофа, нема работа за никого, било да се Македонци, било да се Албанци, за никого нема работа. Само кажуваат дека ќе вработуваат, ама само зборови, а ништо нема во реалноста“, велат анкетираните.

Бројните реформи за намалување на невработеноста почнаа уште од 2006 кога ги намаливме даноците на рамен данок од 10 проценти кој во практиката е 7,4 проценти, со што Македонија има најниски даноци во Европа.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Некои, пак, велат дека, иако во нивното семејство не е зголемен бројот на вработени, сепак веруваат оти мерките на владата даваат резултати и дека навистина е зголемен бројот на вработени, а тие што критикуваат во основа се млади луѓе коишто не сакаат да работат.

„И подобро ќе биде, само младите треба да имаат трпение. Имам син, ама тој не работи, на дијализа е, живееме со мојата пензија, ама во комшилук гледам младите се вработуваат“, вели еден граѓанин.

Според анкетираните граѓани, намалувањето на бројот на невработени е само замајување на јавноста дека работите во земјава се тргнати на подобро.

Сега владата ја користи методологијата што ја применува Државниот завод за статистика, меѓутоа таму за невработени или за лица коишто се вработиле, се користи методологија според која ако во тек на една недела сте работеле два часа се водите како вработени. И затоа јас мислам дека бројката на невработени во Македонија е поголема, но на Владата не и одговара тоа да и го соопшти на јавноста.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Го лажат народот, а ништо не прават. Проекти, проекти, а кај се тие проекти, кај се странските инвестиции, сите избегаа, грчките компании сите се повлекоа, нема ни една бугарска, нема ништо во државава. Треба сите да си бегаме, овој направи геноцид врз македонскиот народ.“

Илустрација.
Илустрација.

„Тоа не функционира во државава, да не има фабрика некоја? Ништо нема. Ова е страшно. Какви вработувања, какви бакрачи, јас не знам кај се луѓево што ги кажуваат дека работат, две илјади, три илјади, пет илјади“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

И онаа гимнастика што ја направија со активно или пасивно барање на вработување во голема мерка влијае. Во секој случај сè помал е бројот на луѓе коишто веруваат дека можат да најдат свое вработување преку Агенцијата, а морам да кажам дека и тоа што голем број на наши што се иселија од Македонија влијае врз вкупната бројка на невработени.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник.

Во меѓувреме, премиерот и министрите излегоа неколку пати во јавноста да потсетат дека ова е рекордно намалување на стапката на невработеност во изминативе 15-тина години. Премиерот Никола Груевски истакна дека невработеноста се намалува поради владините мерки како градење на добра бизнис клима, прилагодување на закони, владини програми за вработување и ангажманот на министрите за привлекување на странски инвестиции.

Илустрација.
Илустрација.

„Тоа е прво резултат на континуирано намалување во секој квартал од кога е дојдена оваа Владата. Секој квартал, дури и во време на најголемата светска криза во 2008, во 2009, 2010 година, дури и во време на силната европската должничка криза во 2011, 2012, па донекаде и во 2013 година. Дури и во тие времиња секој квартал имавме помали или поголеми намалувања на невработеноста“, рече премиерот Груевски.

Така што, Македонија има голем трошок за креирање на таквите луѓе во основно и средно образование и таман кога треба да се искористат овие луѓе да бидат вработени и интегрирани во работни позиции, тие одлучуваат да бегаат надвор од државата и нормално ние ги губиме како работна сила.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Преку проектот „Македонија вработува“ за четири месеци вработени се 5.823 лица од целата држава. Овој проект, дава исклучителни резултати и ќе продолжи во иднина, што, според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ќе продолжи да влијае во намалување на невработеноста во државата.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески потенцира дека невработеноста во Македонија е намалена за една третина и оцени оти тоа е резултат на макотрпна работа на Владата и спроведени бројни реформи. Интенцијата е стапката на невработеноста до крајот на 2017 и почетокот на 2018 да се симне под 22 проценти, вели тој.

Тоа значи дека луѓето коишто работеле на црно или на сиво не биле регистрирани односно не биле пријавени како вработени, поради одредени причини почнуваат да се пријавуваат како вработени или тие самите се пријавуваат и како последици на тоа во анкетата на Државниот завод за статистика, тие самите се изјаснуваат како вработени.
Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.

„Бројните реформи за намалување на невработеноста почнаа уште од 2006 кога ги намаливме даноците на рамен данок од 10 проценти кој во практиката е 7,4 проценти, со што Македонија има најниски даноци во Европа. Стапката на ДДВ е меѓу најниските, но и другите трошоци за фирмите преку регулаторната гилотина, преку помошта тие да може да го откупат земјиштето по поволна цена, некаде по едно евро за квадрат како што е во зоните, и преку решавањето на другите прашања од имотно-правна природа, царините. Сите тие политики помогнаа конечно „да се скрши мразот“ и осетно да се почувствува дека проблемот со невработеноста се решава“, изјави Ставрески.

За опозицијата, ваквите тврдења на власта се нереални и не ја отсликуваат вистинската состојба на работната сила. СДСМ се огласи со остра реакција на фалбите од власта за намалување на невработеноста, велејќи дека бришењето луѓе не значи и намалување на невработеноста. Што е уште пострашно, тоа се прави под оправдание за постигнат приход, дури и ако станува збор само за неколку стотини денари месечно, стоеше во нивното соопштение.

Недоставувањето на информацијата како е намалена стапката на невработеност, односно каде се вработени тие луѓе, отвора сомнеж за тоа дали бројката е вистинска, вели Марјанчо Николов од СДСМ.

„Сега владата ја користи методологијата што ја применува Државниот завод за статистика, меѓутоа таму за невработени или за лица коишто се вработиле, се користи методологија според која ако во тек на една недела сте работеле два часа се водите како вработени. И затоа јас мислам дека бројката на невработени во Македонија е поголема, но на Владата не и одговара тоа да и го соопшти на јавноста“, вели Николов.

Тој додава дека еден од факторите за ваквата владина слика е што во изминативе години голем број на луѓе коишто беа евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување беа избришани доколку навреме не се пријават.

„Дополнително, голем дел, еве и од тие лица коишто се избришани од невработени, а се ставени во вработени, може се вработени во државна администрација, бидејќи знаме дека имаше многу огласи за вработување во државната администрација, 1600 во македонски шуми, па во полиција, па во пожарна и така натаму“, вели тој.

Ако е зголемен бројот на вработени, зошто тогаш за пензии се издвојуваат повеќе пари од буџетот наместо од Фондот за пензиско осигурување кој се полни од придонеси на вработените, прашува Николов, кој смета дека тоа е само дополнителен податок кој укажува на лажната слика на состојбата со невработеноста која ја претставува власта.

За економските аналитичари феноменот со невработеноста преставува само добра статистичка гимнастика, според која македонските политичари се во европскиот врв. Според поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски, во Македонија се сомнителни кои било бројки затоа што не е спроведен попис на населението за да може да бидат веродостојни статистиките кои подоцна се прават. Тој вели дека не е уверен оти стапката на невработеност што ја прикажува Владата е вистинска и дека тоа е само една добра статистичка гимнастика.

„Можеби донекаде придонесуваат дел од странските инвестиции каде што имаме одредено вработување, но тоа е доста проблематично затоа што има големи флуктации при примањето и отпуштањето на работниците. Така што, во овој момент ќе ја земам оваа ставка која ја прикажува Владата со голема резерва, сè до оној момент додека не се изврши попис ние сите статистички податоци во Република Македонија ќе ги имаме со голем знак на прашалник за нивната веродостојност“, вели тој.

Економистот Висар Адеми наведува неколку причини за намалувањето на стапката на невработеност. Како прва причина ја наведува реформата за корисници на субвенции кои сега треба да платат и придонеси, а со тоа и се бришат од листата на невработени. Дополнително, улога играат и креирањето на работни позиции во економските зони.

„Но, тие вработувања се експлоатирани од компаниите кои ги вработуваат, затоа што за нив плаќаат екстремно минимално без никакви бенефиции и со екстремно многу саати на работа, така што мислам дека тие работни позиции од компаниите коишто се креираат не се интегрирани во домашната економија, така што тие работни позиции ќе опстанат додека ги имаш тие компании тука, во моментот кога таквите бенефиции ќе завршат, тие работни позиции ќе бидат затворени“, вели Адеми.

Најдовски смета дека политиката на Агенцијата за вработување со бришење на тие кои поради која било причина не се пријавиле навреме влијае врз намалувањето на невработени.

„И онаа гимнастика што ја направија со активно или пасивно барање на вработување во голема мерка влијае. Во секој случај сè помал е бројот на луѓе коишто веруваат дека можат да најдат свое вработување преку Агенцијата, а морам да кажам дека и тоа што голем број на наши што се иселија од Македонија влијае врз вкупната бројка на невработени“, вели Најдовски.

Адеми како трета причина ја наведува и емиграцијата на младите, со што статистички тие повеќе не се во македонскиот список на невработени. Според Извештајот на Светска банка, Македонија е рангирана на 23-то место во група од 25 земји со најмногу иселеници, во друштво на Западниот Брег и Газа, Самоа, Гранада, Сент Луција, Сао Томе и Принципе. Според податоците на Светска банка, 447 илјади македонски граѓани се иселени од државата, што е 21,9 отсто од вкупното население на Македонија. Од нив, најголем дел се иселени во Европската унија и во САД, односно 180 илјади се во европските држави, а остатокот во САД. Само во последната деценија, официјалните податоци покажуваат дека 56.506 Македонци добиле странско државјанство.

Адеми истакнува дека околу половина милион млади луѓе од Македонија бараат алтернативни решенија во земјите од Западна Европа кои креираат и инвестираат во работни позиции за квалификувани млади луѓе и за млади занаетчии.

„Така што, Македонија има голем трошок за креирање на таквите луѓе во основно и средно образование и таман кога треба да се искористат овие луѓе да бидат вработени и интегрирани во работни позиции, тие одлучуваат да бегаат надвор од државата и нормално ние ги губиме како работна сила“, вели Адеми.

Според податоците на ЕУРОСТАТ за 2011 година, од 28 европски земји опфатени со истражувањето, според стапката на невработени млади луѓе со завршено средно образование, Македонија е последна со 38.5 отсто невработени. Бројот на невработени, пак, со факултетска диплома во Македонија изнесува цели 52 проценти и повторно е убедливо на последното место во Европа. По бројот на дипломирани студенти на техничките науки, Македонија стои најлошо, заедно со Кипар каде што само четири проценти од студентите се определиле и дипломирале на егзактни науки, што јасно ја кажува перспективата дека Македонија нема човечки ресурси, ниту технолошка инфраструктура за фокусирање на својот развој.

Еден од факторите кој влијае врз намалување на невработеноста во Македонија е и вработувањето во јавната администрација со што државата станува најголем работодавец, вели Адеми.

„Тоа го прави да кажеме во спротивност на сите препораки од релевантни институции кои велат дека таа бројка треба да се намали за најмалку два пати. Влегуваме во предизборна година и според мене тој број ќе биде уште поголем пред финалниот двобој на големите партии, така што мислам дека тој број уште повеќе ќе се зголеми и ќе имаме уште повеќе вработувања во јавната администрација“, вели Адеми.

Бројот на вработените во јавна администрација според официјалната статистика, изнесува 17 проценти од вкупно вработени во Македонија, додека стручната јавност укажува дека бројот на вработените во јавната управа преминува 40 проценти од вкупно вработените во државата.

Најдовски додава дека можеби не е голем процентот на луѓе што се вработени во јавна администрација во последните десет години во однос на вкупно вработените луѓе во земјава, но сепак сите фактори кои влијаат врз намалувањето на стапката на невработеност укажуваат дека тоа е само една лажна слика која е неодржлива на долг рок.

Економскиот истражувач и член на Левичарското движење Солидарност, Бранимир Јовановиќ, смета дека вработеноста навистина се зголемила за времето на оваа Влада, но порастот не е ни приближно толкав колку што покажуваат официјалните статистики и тој во неговото истражување кое беше објавено како работен материјал на Народна банка минатата недела, наведува дека намалувањето на стапката на невработеност се должи на преминот од неформална во формална вработеност. Истражување се однесува на период до 2013 година.

Според него, 50 илјади лица кои работеле во 2007, а се изјаснувале како невработени, во 2013 се изјасниле како вработени. Ова може да е последица на тоа што тие лица во 2007 не биле, а во 2013 биле пријавени. Ако се погледне бројот на пријавени вработени од Државниот завод за статистика, порастот помеѓу 2007 и 2013 е токму 50 илјади, од 434 илјади на 483 илјади. Тој додава дека не може со сигурност да каже дека трендот е ист и по 2013 година, но следејќи ги индикаторите, поголеми промени нема.

„Тоа значи дека луѓето коишто работеле на црно или на сиво не биле регистрирани односно не биле пријавени како вработени, поради одредени причини почнуваат да се пријавуваат како вработени или тие самите се пријавуваат и како последици на тоа во анкетата на Државниот завод за статистика, тие самите се изјаснуваат како вработени“, вели тој.

Според резултатите од истражувањето, забележливо е намалување на нерегистрираната економска активност во последните 15 години, односно во 1998 таа изнесувала околу 34 отсто од БДП, додека во 2013 - околу 10 отсто, а со тоа се намалила и нерегистрираната вработеност.

Најголем дел од порастот на официјалната вработеност се должи на премин од неформална во формална вработеност, т.е. на намалувањето на сивата економија. Секако, не е за потценување да се намали сивата економија, но, сепак, ова е различно од отворањето нови работни места, смета Јовановиќ. Тој во една од неговите колумни пишува дека работите треба да се наречат со нивните вистински имиња, па затоа наместо „Македонија вработува“, подобро е да се каже „Македонија префрла“ од неформална во формална вработеност, од шупливо, во празно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG