Достапни линкови

Гитарскиот маг Скот Хендерсон в недела конечно во Скопје


Американскиот џез-фјужн и блуз гитарист Скот Хендерсон

Пожелуван низ годиниве наназад, конечно в недела, на 30 октомври, во Скопје доаѓа еден од најзначајните американски џез-фјужн и блуз гитаристи Скот Хендерсон. Концертот ќе се одржи во Дом на АРМ, во 20 часот, а потписник на ова несекојдневно музичко случување е Баги комуникации.

Израснав свирејќи блуз и тоа изврши најголемо влијание на мене како музичар. Блузот од 1960-те. Слушав најразлични видови музика, но главно од оние типови кои ги нема повеќе. Виртуози како Џими Хендрикс, Алберт Кинг, Алберт Колинс... Тоа се моите омилени блуз музичари. Слушав и џез, но повеќе модерен џез, како оној што го свиреа ВЕДЕР РИПОРТ и Џон Меклафлин. Дури подоцна имав можност да свирам со Џо Завинул во неговиот СИНДИКЕЈТ и можам да кажам дека тој и саксофонистот Вејн Шортер се моите омилени композитори, не само ипровизатори. Исто така, ни Меклафлин не е само гитарист. Тој креираше цел еден голем свет од музики кои со задоволство ги слушам.

Со овие неколку реченици кои честопати знае да ги каже во разговорите со него, Скот Хендерсон, еден од најзначајните американски џез-фјужн и блуз гитаристи, безмалку како да ја исцртал траекторијата на своето делување од децениите наназад, па се до денешни дни.

Роден 1954 година, тој инструменталистички и творечки созревал во ерата на блуз-рок експлозијата. Неговите почетоци се врзани за југот на Флорида каде свирел по клубовите со најразлични формации. Посегале по сето она што им било занимливо, а може да се смести во еден спектар од ЛЕД ЦЕПЕЛИН до Џејмс Браун. Во периодот на откривање на тајните на инструментот покрај Алберт Кинг, неговиот омилен блуз гитарист и Хендрикс, значајно влијание имале и Џими Пејџ, Џеф Бек, та дури и еден Ричи Блекмур.

Разбирливо, тогаш младиот Скот немал никаква намера да остане само во даденото опкружување, да биде само блуз-рок гитарист, та затоа често посегал по современиот џез кој полека го одвел до таму да го изгради сопствениот стил на изведба по кој е славен денес. Едновремено студирал аранжирање и композиција на Атлантик универзитетот во Флорида, за да потем во 1980 замине на Запад – во Лос Анџелес.

Следува период во кој Хендерсон концертрирал и снимал со ЧИК КОРИА ЕЛЕКТРИК БЕНД, потем со фјужн-виолинистот Жан-Лук Понти и имал можност цели четири години да работи со еден од своите музички херои – Џо Завинул од ВЕДЕР РИПОРТ. Со неговиот СИНДИКЕЈТ снимил две албумски објави „The Immigrants“ и „Black Water“, за да потем во 1984 година, со басистот Гери Вилис, го формираат ТРАЈБАЛ ТЕЧ, бендот што ќе потпише дури 10 од критиката со пофалби пречекани изданија.

Ваквиот след на настаните ќе доведе до тоа Скот Хендерсон да биде овенчан со неколку исклучителни признанија. Во 1991 од магазинот „Гитар ворлд“ беше прогласен за најдобар џез гитарист, наредната година ваквото признание му го доделија и читателите на „Гитар плеер“, а во 1994 година месечникот неговиот прв соло албум „Dog Party“ го одбра за најдобар во категоријата на блуз изданија.

Следните две соло објави „Tore Down House“ и „Well to the Bone“ на повидок ја изнесоа неговата исклучително плодна соработка со легендарната пејачка Телма Хјустон, за да уследи период во кој тој се решава да делува во формација на инструментално трио. Ваквите негови стремежи ќе го изнедрат и минатогодишниот „Vibe Station“, кој се смета не само за израз на неговите актуелни творечки немири туку и за најзрело остварување во неговата досегашна кариера како лидер на бенд.

По неговата објава гитаристот, заедно со басистот Тревис Карлтон и тапанарот Алан Херц, тргнува на голема промотивна турнеја во чии рамки досега музицираа во над 50 земји од светот.

Инаку, во меѓувреме тој сними две плочи со ВАЈТАЛ ТЕЧ ТОУНС остварувајќи соработка со прочуениот басист Виктор Вотен и тапанарот на мега-популарните ЏРНИ – Стив Смит, а во 2009 ја помина и земјината топка искачувајќи се на сцена заедно со прочуените Џеф Берлин (бас) и Денис Чемберс (тапани) како ХБЦ-трио, за да во 2012 тие го имаат и своето прво заедничко дискографско остварување.

Кон ова, само уште информацијата дека Хендерсон како и мнозина други големи музичари нималку не се штеди во едуцирањето на младите генерации гитаристи. Тој предава на еден од факултетите на Музичкиот институт во Холивуд каде неговите отворени сесии се меѓу најпопуларните, а познат е и по колумните објавувани не само во влијателниот „Гитар плеер“ туку и во многу други специјализирани публикации.

И, една тривијалност. Скот е македонски, скопски зет. Неговата сопруга Сања Шојлевска Хендерсон е позната класично образована пијанистка која две децении наназад своето знаење им го пренесува на младите Американци. Од таму, прашан што може од неговиот концерт да очекува македонската публика (интервју на Михајло Грбевски објавено во „Нова Македонија“), славниот гитарист ќе рече дека „му е драго што доаѓа во земјава, дека ветува одличен концерт и дека тоа ќе биде една комична претстава во која тој ќе ја соголи душата“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG