Достапни линкови

Поделената десница во корист на власта


Изборниот модел е таков што помалите партии имаат релативно мала можност да постигнат успех на претстојните избори, дури и кога настапуваат здружени во помали блокови.

Местата во изборните листи не беа повод за пропаѓањето на договорите, вели Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, откако стана извесно дека десницата на изборите во декември ќе оди со два блока, Коалицијата за промени и правда од една страна, ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство од друга страна. Тој посочи дека анкетите кои ги нарачале покажале дека граѓаните ќе им дадат поголеми шанси да влезат во Парламентот ако настапат како трета опција и оти тие не прифатиле да се направи блок со партии кои произлегуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не можевме да ги убедиме граѓаните дека овој блок ќе биде самостоен и дека учесниците во овој блок нема повторно да инклинираат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше нашата главна определба зашто сметаме дека треба да одиме како трет блок и да се отвориме кон сите партии чија главна цел да да се урне режимот на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Трајанов.

Дел од аналитичарите наведуваат дека помалите партии имаат релативно мала можност да постигнат успех на претстојните избори, дури и кога настапуваат здружени во помали блокови. Професор Никола Дујовски од Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола вели дека партиите кои ги формираа двата блока од десната страна во изминатиот период имале искуство на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ и оти со нив успевале да обезбедат пратеничко место и одредено влијание во извршната власт. Сепак, како што посочува Дујовски, тоа не се реално нивни гласови туку на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сега кога ќе настапат делумно самостојно и вака расцепкани тие ќе изгубат најмногу. Најмногу ќе се одрази врз бројот на освоени пратенички места и на двата блока во десната страна. Успех на вакви мали партии, во ваков изборен модел, е можен само во широка и голема коалиција, без разлика дали би биле со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ“, вели тој.

И покрај тоа што партиите од десниот блок во јавноста потенцираат дека имаат намера да го урнат режимот на владеачката партија, политикологот Соња Стојадиновиќ се сомнева дека тоа вистина е така. Според нејзините зборови овие партии се на иста страна со владеачката партија зашто се раководени од заедничка идеологија, но уште повеќе од интерес.

„Поделеноста на десницата е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ зашто луѓето во тој блок се стари пријатели и соработници на Груевски. ВМРО-ДПМНЕ ги знае и нивната цена и интереси и тие и да одземат дел од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, лесно може да одат во постизборна коалиција со нив“, вели таа.

Дујовски со став дека поделеноста на десницата нема да предизвика позначајни промени на партиските конта на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тој вели дека дека само некои од новоформираните партии може да однесат мал дела од гласачкото тело од десницата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG