Достапни линкови

Криминалот на изборното мени


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

Наводите за злоупотреби и обвинувањата за криминал се чини дека ќе доминираат во предизборниот период. Сè додека со наводните злоупотреби не се занимаваат судовите, ќе се занимаваат партиите. СЈО сега се префрли на фазата да повика што поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некакви изјави, сведочења или искази под притисок или уцена, изјави на прес конференција Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Очекувано, како што се наближува датумот за избори, сè повеќе се објавуваат информации што содржат индиции за криминал, велат аналитичарите. Реакциите кои ги предизвика поранешниот шеф на УБК, Слободан Богоески, кога го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека на власт дошол со посредство на грчкиот бизнисмен Кондоминас, сè уште не стивнуваат. Таквата атмосфера предизвикува дополнителни обвинувања меѓу двете партии од власта и од опозицијата, продлабочувајќи го судирот кој веќе две години ја одбележува политичката сцена.

Експертите потенцираат дека политичката криза и изборите следеа поради обелоденувањето на прислушуваните материјали кои содржеа индиции за сериозен криминал на високи функционери и бидејќи немаше правна рaзрешница со која граѓаните ќе ја рaсчистea маглата која е пуштена со политичките говори, тие очекуваат криминалните афери да бидат во фокусот на политичката кампања.

„Ќе биде позасилена и активноста на СЈО и реториката на опозицијата ќе биде во насока на потенцирање на криминалите коишто беа индицирaни во „бомбите“. Истражувaчкото новинарство, мислам дека ќе се фокусира врз конкретни случаи преку сметки, документи за финансиски трансакции, да се рaзоткриваат одредени несоодветни работења, пред сè во државната администрација“, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, и додава дека очекува владејачката партија да ги игнорира наводите за криминал преку ад хок реторика и девалвирање на изворите од кои доаѓаат информациите.

Меѓутоа, политичкиот аналитичар Арсим Зеколи вели дека граѓаните се навикнаа на криминал зашто долго време слушаат за злоупотреби кои доаѓаат од врвот на политиката, но наместо некаков епилог или правна разрешница, досега се соочуваат со меѓусебни препукувања на партиите со кои секој сака да си ги измие рацете и да ја пренасочи вината во спротивниот табор.

„Наведување на криминали и пропаганда со објавување на меѓусебни криминали, наликува на мени, но ако тоа не се поткрепи со конкретни заложби и докази дека тоа ќе резултира со санкции за сторителите на тие криминали, тоа нема да предизвика многу интерес. Поради тоа одговорот не може да биде во повторување на таа веќе видена мантра на борба помеѓу власта и опозицијата. Тоа мислам дека сè помалку ќе привлекува внимание на граѓаните и тоа се отсликува низ растечкиот процент на лица кои се неопределени, неутрални и незаинтересирани за избори“, вели Зеколи.

Тој посочува дека ако наводите за криминал кои засега се дел од политичката пропаганда не резултираат со понесување одговорност за сторителите на тие злоупотреби, тоа ќе предизвика по изборите, граѓаните да ги преземат работите во свои раце

„Во сегашните политички гарнитури не можам да насетам каква било надеж дека тоа созревање во модерно општество, базирано на борба против криминалот, навистина има толку јасно изразена искреност. Но, затоа мислам дека во општеството веќе се шири духот на ограда од таа политика на веќе видено и сметам дека допрва нè чека вистинска македонска пролет која овој пат нема да биде диктирана и управувана од партии, туку излив на бес и незадоволство“, вели Зеколи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG