Достапни линкови

ОБСЕ ја започна набљудувачката мисија за изборите

Прес-конференција на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР
Прес-конференција на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР

Во мисијата на ОБСЕ ќе бидат вклучени 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи. Организацијата ќе врши и мониторинг на известувањето на медиумите, а конечниот извештај ќе го објави на почетоткот на следната година.

ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 11 декември. На покана на Владата денеска е отворена канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, составена од тим од 14 експерти, коишто остварија средби со претставници на Министерството за надворешни работи и на Државната изборна комисија.

Од ОБСЕ најавија дека освен со државните органи и локалната самоуправа, во следниот период експертите ќе се среќаваат со кандидатите од политичките партии, со претставници на невладините организации и на медиумите.

„Да ве потсетам дека нашиот мандат е оцена на изборите и на текот на кампањата согласно со обврските превземени од членството во ОБСЕ и од други меѓународни стандарди и согласно националното законодавство“, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ, Тана де Зулуета.

Прес-конференција на шефицата на набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета
Прес-конференција на шефицата на набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета

Следната седмица на организацијата ќе и се приклучат 20 долгорочни набљудувачи од земјите членки на ОБСЕ, кои исто така ќе остварат средби со учесниците во изборниот процес, дополнително ќе бидат испратени и 300 краткорочни набљудувачи за изборите.

Тана де Зулуета истакна дека на денот на изборите ќе им се придружат и претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Организацијата ќе го набљудува и пребројувањето на гласовите и сумирањето на изборите.

„Нашата прелиминарна изјава ќе ја презентираме на денот по изборите на 12 декември. Нашето набљудување ќе го опфати и медиумското известување, а конечниот извештај ќе го објавиме следната година во Скопје, бидејќи е потребен период од осум седмици за да биде подготвен“, рече де Зулуета.

На новинарски прашања, Тана де Зулуета истакна дека бројката од 300 набљудувачи е висока и оти ќе биде доволна за распределбата на набљудувањето на изборите. Во однос на прашањето за можните злоупотреби во изборниот процес, де Зулуета посочи дека ОБСЕ се само неутрални посматрачи и дека ќе забележат доколку се јават некои сериозни прашања, како доведување во прашање на безбедноста на гласачите или на членовите на избирачките органи, но дека обврска на Владата е да ја обезбеди сигурноста на сите кои се вклучени во избирачкиот процес.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

This item is part of
XS
SM
MD
LG