Достапни линкови

Шилегов: Спасов нанесе штета и избега


Петре Шилегов, СДСМ.

Портпаролот на опозициската СДСМ Петре Шилегов го обвини дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов за злоупотреба на службено возило и неодговорно однесување во сообраќајот. Тој на прес конференција изјави дека Спасов пијан со службено возило удрил во неколку возила и избегал.

„Со тоа се покажува врвната неодговорност на кадрите во оваа Влада, којашто така и го почна својот мандат. Со убиство на млад човек,“ рече Шилегов.

Тој праша кој и како му дозволил на Спасов да користи службено возило на Агенцијата за вработување и тоа надвор од работното време.

СДСМ му препорачува на Спасов да се повлече и да не се појавува во јавност, затоа што како што вели Шилегов, нема никаков морален и политички кредибилитет да зборува за грижа за граѓаните, затоа што се види како се грижи - ќе нанесе штета и ќе избега.

Претходно од кабинетот на Спасов беше објавена писмена реакција во која се вели дека со невистините објавени во дел од медиумите се нанесува штета на угледот на дополнителниот заменик министер и дека целта е политичко оцрнување.

Во реакцијата се демантира само дека се случила „тешка сообраќајна незгода“ но не се спомнува ништо поконкретно, односно ниту дали Спасов го возел службениот џип со кој е предизвикана сообраќајната незгода, ниту дали возачот на автомобилот бил во алкохолизирана состојба.

„За овој типичен пример на организиран и координиран напад поттикнат во политички цели против дополнителниот заменик министер во наредните денови не е исклучено и поведување постапки пред надлежните судови за докажување на вистината,“ се вели во реакцијата од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер она Диме Спасов.

XS
SM
MD
LG