Достапни линкови

Касами - Избори на 11 декември се неопходни


Касами - Избори на 11 декември се неопходни
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:11 0:00

Касами - Избори на 11 декември се неопходни

Без разлика на сè ова што се случува, на Македонија ѝ требаат избори на 11 декември за еднаш засекогаш да излеземе од оваа политичка ситуација, од оваа тешка безбедносна криза во која се наоѓа државата, во која се наоѓаат институциите и еднаш засекогаш да се вратиме на патот на интеграциите во ЕУ и во НАТО, вели претседателот на „Беса“, Биљал Касами, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Касами, што се случува со преговорите со СДСМ за евентуална предизборна коалиција?

Со СДСМ сме имале контакти на повеќе нивоа, до највисоко ниво и имаме со нив перманентни контакти. Во моментот ситуацијата е таква што немаме никаков договор за предизборна коалиција. За по изборите нашиот став е дека би коалицирале со која било македонска партија која ќе ги добие изборите, под услов да се остави Специјалното јавно обвинителство да ја заврши својата работа како што треба и ако сите политичари инкриминирани во какви било незаконски активности, нели се покаже дали биле виновни или не во процедурите поднесени од Обвинителството, кога таквите политички партии би излегле чисти после овие ситуации, ние немаме предрасуди која политичка партија кај Македонците ќе добие за да направиме коалиција. Ако ние добиеме кај Албанците и која било од политичките парти од другата страна добие кај Македонците ние би коалицирале само доколку во лидерството на оваа политичка партија нема процедури отворени од Специјалното јавно обвинителство.

Тоа значи дека би коалицирале и со ВМРО-ДПМНЕ?

Доколку нејзиниот лидершип се расчисти од сите досиеја кои се отворени од Специјалното јавно обвинителство.

Господине Касами да се вратиме на изборите што не очекуваат на 11 декември. Стравувате ли дека СДСМ може да ви земе дел од албанскиот електорат со оглед на тоа дека опозициската партија се активира повеќе во албанските средини и вклучи етнички Албанци во своите раководни органи?

Ние би биле среќни кога Македонија не би била поделена по етнички линии, кога сите граѓани би имале можност да ги остваруваат своите права без етнички предзнак. Но, Македонија во оваа ситуација во која е и од овој аспект, за жал, досегашните владејачки политички партии многу лошо менаџираа со политичката ситуација и сме во ситуација кога секој ден, особено во Скопје, се прават меѓуетнички тензии меѓу младите, а институциите, државата, наместо да инвестираат во општествена кохезија, инвестираат како да ги поделат граѓаните по етничка линија и во овој правец да владее со народот, се води од онаа подели па владеј. И затоа ние цениме дека иако СДСМ направи охрабрувачки потег да влезе во лов на албански гласови, но уште не се условите во Македонија да постојат и да успеат граѓанските опции, затоа што Албанците се уште не ги реализираат своите етнички права како етникум. Едно од основните е јазикот, кога уште во Македонија се дискутира дали албанскиот јазик ќе биде официјален, на ниво на државата, ние цениме дека Албанците уште не се подготвени во поголем број да гласаат за македонска политичка партија иако има луѓе кои веќе се зачлениле таму, ние со еден збор не се плашиме дека СДСМ во ваква ситуација ќе ни земе поголем број на албански гласачи.

Господине Касами ќе има ли избори 11 декември со оглед на тоа дека Унитети веќе ја оспори пред Уставниот суд шестата изборна единица поради неизбалансираност на гласачите. Каков е вашиот став во однос на оваа иницијатива и какви се вашите очекувања? Дали изборите закажани за 11 декември ќе се одржат?

Aко се гледа од правен аспект можеби иницијативата е право издржана, но ако пак гледаме од друг аспект, од политички, од државен, од ситуацијата во која се наоѓа Македонија, ова сакам да го поврзам и со изјавата на специјалната јавна обвинителка дека според тоа што е во прислушуваните разговори, сите избори од 2011 до 2014 се со прашалник на легитимноста, тогаш може сериозно да размислиме што понатаму со овие избори. Затоа ние пред правниот аспект го гледаме политичкиот и безбедносниот аспект во кој се наоѓа Македонија, затоа цениме дека изборите на 11 декември се неопходни без разлика на овие законски недоследности кои не случајно ги оставија владејачките политички партии, за да имаат алиби утре ако не сакаат да ги признаат изборите. Затоа ние цениме дека без разлика на сè ова што се случува на Македонија ѝ требаат избори на 11 декември за еднаш засекогаш да излеземе од оваа политичка ситуација, од оваа тешка безбедносна криза во која се наоѓа државата, во која се наоѓаат институциите и еднаш засекогаш да се вратиме на патот на интеграциите во ЕУ и во НАТО.

Целото интервју со претседателот на Беса, Биљал Касами, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG