Достапни линкови

Преговори има, но нови коалиции нема


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Во СДСМ велат дека имаат принципиелна соработка со сите партии кои имаат граѓански концепт, но дека работите би требало да станат појасни по конгресот што партијата ќе го одржи в недела.

На повеќе од два месеци до изборите, извесно е дека опозициските партии преговараат за групирање и заеднички настап, но сè уште не се знае како ќе изгледаат тие коалиции. Пред овие вонредни избори се отвори и темата за меѓуетнички коалиции, па СДСМ во раководните органи вклучи Албанци, а партијата е во контакт и со вонпарламентарни партии на Албанците.

Но, Зијадин Села, претседател на Движење за реформи- ДПА, во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела вели дека сега не е времето за меѓуетнички предизборни коалиции. Тој нагласува и дека со СДСМ немаат никакви контакти.

„Не дека не сакаме да комуницираме меѓутоа сите знаат дека тие што сакаат со нас да влезат во заеднички предизборни листи мора да прифатат Македонија да биде бинационална“, вели Села, кој додава дека имаат и други предуслови за коалицирање, но најважни им биле етничките.

Тој вели и дека преговараат за заеднички настап со речиси сите вонпарламентарни партии на Албанците.

И од СДСМ потврдуваат дека немаат никакви контакти со Села, но додаваат дека имаат принципиелна соработка, со како што вели портпаролот Петре Шилегов, сите партии кои имаат граѓански концепт.

„Меѓутоа таа соработка сè уште не е подигната на ниво со ниту една партија за евентуално предизборно коалицирање или за составување листи“, вели Шилегов.

Портпаролот најавува и дека работите би требало да станат појасни по конгресот што партијата ќе го одржи в недела на кој ќе се утврдат следните чекори поврзани со коалицирањето.

Според аналитичарот Алајдин Демири, партиите на Македонците ќе може да ги привлечат партиите на Албанците за предизборни коалиции кога ќе понудат јасен концепт и конкретна понуда како во иднина ќе се гради мултиетничка држава.

„Ако со таква понуда излезе Заев, па дури и Груевски јас мислам дека ќе се најдат многу партии на Албанците кои би коалицирале и би се избегнало националистичкото поставување како што се поставуваат ДУИ и ДПА сега во албанскиот блок“, вели Демири.

Инаку, покрај партијата на Села, вонпарламентарни партии на Албанците со посериозни амбиции за следните избори се БЕСА и Унитети. Села потврдува дека е во контакти со нив, а според некои информации тие две партии имаат партиска соработка и со СДСМ.

Првиот човек на Движењето за реформи ДПА во неделното интервју оценува и дека Договорот од Пржино, како што вели, бил театар, а условите за избори не биле сменети. Во декември ќе се гласа во темница бидејќи од 16 часот се стемнува, а во ваква ситуација, кога поголемиот дел од лидерите на политичките партии и функционерите се во ризик дека ако ги изгубат изборите ќе завршат во затвор, влегуваат во избори со одбранбен инстинкт, така што тие нема да бидат фер и демократски, оценува Села.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG