Достапни линкови

Имаат ли шанси новите партии против ДУИ и ДПА?


Архивска фотографија: Антивладин протест на албанското политичко движење Беса.
Архивска фотографија: Антивладин протест на албанското политичко движење Беса.

Неизвесно е дали новите партии и луѓето кои најавија заминување од ДУИ ќе успеат да се координираат и да најдат заеднички платформа за да им парираат на двоецот ДУИ и ДПА.

Последните случувања поврзани со формирањето нови парти во албанскиот политички блок најавуваат бурен период на политичката сцена до изборите во април. Публицистот Ибрахим Мехмети вели дека сè ќе зависи од тоа дали новите партии и луѓето кои најавија заминување од ДУИ ќе успеат да се координираат и да најдат заеднички платформа за да им парираат на двоецот ДУИ и ДПА.

Има голема динамика во албанскиот политички камп и за очекување е дека ќе има повеќе партии кои ќе се натпреваруваат за своето место во новиот парламент, но прашање е дали ќе има поголемо групирање на партиите за да ѝ парираат на ДУИ или ќе имаме ситуација каде ДУИ ќе биде ослабена, но сепак ќе освои поголем број гласови.
Ибрахим Мехмети, публицист.

„Има голема динамика во албанскиот политички камп и за очекување е дека ќе има повеќе партии кои ќе се натпреваруваат за своето место во новиот парламент, но прашање е дали ќе има поголемо групирање на партиите за да ѝ парираат на ДУИ или ќе имаме ситуација каде ДУИ ќе биде ослабена, но сепак ќе освои поголем број гласови“, вели тој.

Во изминатиот период јавноста беше сведок на формирањето на новата партија Унитети која произлезе од луѓе од ДУИ, а пратеничката Ермира Мехмети јавно се дистанцираше од партијата. Според публицистот Мехмети, станува збор за отворено несогласување со начинот на водење на политики и начинот на коалицирање со власта. Очигледно е разочарувањето кај истакнати луѓе од ДУИ, како партија која е долгогодишен партнер во власта, вели Мехмети. Тој очекува дека следува фаза на дистанцирање и преиспитување на одредени личности кои не се согласуваат со таа политика. Но, според него, и новите партии треба да понудат јасна програма и да најадат заедничка цел.

„Засега не гледаме многу јасна понуда, туку разногласие во албанската опозиција и ривалство меѓу нив“, вели Мехмети.

Формирањето нови партии во албанскиот политички блок, аналитичарот Владимир Божиновски го оцени како нешто што го имало и порано, но дека тие субјекти немаа видлив успех. Тој вели дека засега неизвесно е колкава поддршка може да се очекува за партијата на Гзим Острени.

„Сè уште нема од другите позвучни имиња кои се најавуваат дека ќе му се приклучат да се приклучат. Има најава дека може внатре во ДУИ ќе се формира фракција. Но, засега мислам дека тоа е повеќе околу кое крило или која група би била подоминантна, пред сè околу самите функции кои ги држат“, вели Божиновски.

Според него, ДУИ нема да може да смета на 150 илјади гласови, како на минатите избори, но рано е да се прогнозира дали може да го загубат стандардното ниво во изминатите 10 години од околу 112 илјади гласови.

Инаку, освен превирањата во ДУИ од каде засега како нов политички субјект произлезе партијата на Гзим Острени, претходно се појавија неколку други партии во албанскиот блок. Тоа се партијата на Зијадин Села, кој беше во ДПА и движењето Беса кое, според познавачите, може да очекува одредена поддршка, особено во Скопје. Во игра останува и НДП, но според аналитичарите, нејасно е колкава поддршка може да очекуваат од гласачите, бидејќи неизвесно е дали ќе се активира Руфи Османи, кој важи за лицето на таа партија, а тој се повлече откако таа партија не постигна поголем резултат на претходните избори.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG