Достапни линкови

Субвенции за домати, но не и за стари градби под заштита


Стари градби во Битола кои се заштитени со закон, но не се реновираат. Зградата на поранешниот британски конзулат.

Во државата се даваат субвенции за разни работи, но не и за стари градби кои се под заштита на државата. Тие се распаѓаат оти сопствениците немаат пари да ги реновираат и реставрираат, а ниту државата не им олеснува многу.

Ако сопственикот одлучи да ги реновира старите градби кои се под заштита, од државата му требаат еден куп дозволи, а субвенции за оваа категорија објекти нема. Се даваат субвенции за живот на село, за компири, кромид и други земјоделски производи, но досега никој не се сетил да ја субвенционира обновата на старите градски објекти кои се оставени на забот на времето.

Во Битола такви ги има многу.

„За прозорец да изменам на фасадата ми бараат дозволи од надлежни институции, бојата на фасадата не смеам да ја променам, а не пак да размислувам за подигање на уште еден кат. Имам само обврски, а никакви олеснување. Воедно, веќе нема ни мајстори кои можат да ја поправат градбата по стар начин, како што треба. Размислувам да се иселам од неа или да ја продадам ако има купувачи“, вели битолчанецот Мирослав Димовски, сопственик на стара куќа во центарот на Битола.

Зоран Алтипармаков, директор на битолскиот Завод и Музеј, институција која е надлежна за заштита на културното наследство, вели дека досега немало предлози за субвенции, туку за даночни олеснувања. Експерти од битолскиот Завод и Музеј, лани, предложиле да се намали ДДВ на градежните материјали за обнова на споменичните целини, но предлогот бил отфрлен оти ќе предизвикал финансиски импликации врз други закони.

„Сметавме дека тоа е најдиректна и најконкретна мерка која ќе биде насочена во интерес на сопствениците. Свесни сме дека сопствениците ваквите објекти ги чувствуваат како товар. Сакавме тие да осетат одредени поволности. До сега имаа поволности само во делот на данокот на имот. Предлагавме данокот на имот да остане, но да се намали ДДВ од 18 на 5 отсто“, вели Алтипармаков.

Со ваквата мерка ќе имаше и експанзија градежните зафати за да се зачуваат и заштитат старите објекти во Битола.

„Со тој намален данок мислевме дека луѓето ќе ги поправеа куќите и дека градбата ќе се интензивираше. Но, ни рекоа дека предизвикува финансиски импликации и дека не би можело да се донесе. Но, и натаму остануваме на тоа како на добар предлог. Да се размисли, ќе им се излезе во пресрет на луѓето и ќе го поддржат. Тогаш ќе имаме активна заштита“, вели Алтипармаков.

Државата досега ги реставрираше само фасадите на објектите на Широк сокак, гимназијата и музичкото училиште, а на Безистенот активностите се во тек. Веќе е изготвен и Законот за заштита на градските јадра, со кој централното градско јадро во Битола ќе опфати 300 објекти, но сопствениците на повеќето од нив сами ќе мораат да платат за нивното одржување иако ќе бидат под заштита. Во моментот од објектите под заштита во многу лоша состојба се поранешните британски и српски конзулат, објектот на подрачното одделение на трудовата инспекција и други.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG