Достапни линкови

Јaвно обвинителство анонимно критикува


Катица Јанева и Марко Зврлевски на отчет во Собранието за извештаите на СЈО и ОЈО, Скопје, 21.09.2016

Јавното обвинителство се вклучи во жестоките критики кон Специјалното обвинителство со вокабулар сличен на владејачката партија. Упатените оценуваат дека зад таквите соопштенија сепак, не стојат цели институции, туку само раководните лица.

Зад соопштенијата испратени во име на институциите кои се вклучија во жестоките критики кон Специјалното јавно обвинителство стојат нивните раководни лица, а не целите организации, велат упатените. Во вчерашното отворено, но непотпишано писмо на јавните обвинители кои ги раководи Марко Зврлевски силните критики за специјалната јавна обвинителка се поврзани, со како што пишуваат, нејзината непрофесионалност, непотизам, непочитување на пресумпицијата на невиност, односно слични работи за кои пишуваат и провладините медиуми, а и ВМРО-ДПМНЕ држи прес конференции.

Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, таа институција работи врз принципот на хиерархија и тоа се почитува.

„Не мислам дека зад соопштението стои целокупното Јавно обвинителство, односно сите вработени во правната служба, носителите на јавно обвинителската функција. Тоа потекнува веројатно од раководството на јавното обвинителство и се поставува прашањето - Дали истомисленици се сите вработени и дали има поткрепа кај сите вработени? Мојот одговор е дека во конкретниот случај тоа сигурно не е така, во тоа сум убеден“„ вели Трпеновски.

Тоа што писмото не е потпишано зборува и дека зад него не стојат повеќето обвинители туку само неколкумина смета и адвокатот Звонко Давидовиќ. Но во меѓувреме не остана се само на јавни преписки туку стигна и информацијата дека Основното јавно обвинителство ќе поведе постапка за истражителот на специјалното кој во петокот ја фотографираше куќата во која наводно живее поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Војната меѓу основното и специјалното јавно обвинителство е почната одамна и тоа се виде и преку реакциите на советот на јавни обвинители, вели Давидовиќ.

„Многу пати се случувало да се фотографира објект и тоа не е посебна истражна мерка. Министерството за внатрешни работи фотографира дури и луѓе, лица, секој ден и без судска наредба. Забораваат дека според законот за кривична постапка јавниот обвинител има право да ги преземе сите овластувања од својата надлежност, но и сите овластувања кои ги има МВР, царинската управа и финансиската полиција”, вели Давидовиќ.

На прашањето пак, до каде може да се разгори војната меѓу основното јавно обвинителство и специјалното, Давидовиќ вели дека треба да се види што ќе се случи со постапката за истражителот и колку таа ќе биде истуркана до крај.

Инаку, на интернет страницата на Јавното обвинителство на Република Македонија и претпладнево ги нема вчерашното писмо на обвинителите, ниту пак информацијата за постапката за истражителот, иако таму досега беа објавувани нивните соопштенија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG