Достапни линкови

Неделен печат – Што ќе биде во фокусот на предизборната кампања?


Тогашниот премиер Никола Груевски зборува на про владин митинг во Скопје на 18 мај 2015 година

Неделникот Глобус смета дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ готви антизападна кампања, Фокус дека владејачката партија се врти кон етничките теми, а Република дека власта бара 63 пратеници за сигурна Македонија.

Глобус - ВМРО-ДПМНЕ готви антизападна кампања

Најновиот он-лајн магазин Глобус со свое видување за тоа со каква кампања ќе оди ВМРО-ДПМНЕ за вонредните избори на 11 декември. „ВМРО-ДПМНЕ готви антизападна кампања како изблик на својот снеможден патриотизам“, гласи насловот во неделникот а веднаш под него е и мотото „Ова е твоја земја ти одлучуваш“. Иако авторот остава простор дека официјално сè уште има некаква резерва, како што пишува, „кон таа очевидно орбановска флоскула која некако прерано ги разголува ситуациите од типот ’ако треба ќе пасеме и трева...‘ Изборот на антизападната логика како свое политичко кредо, продолжува Глобус, за оваа партија е континуитет, некогаш и добро прикриван со посетите на Груевски на Брисел или Вашингтон. „Ако се погледне што сè ни донесе политиката на сегашнава владина коалиција со ДУИ, без оглед на повремените искричења токму околу антизападната политика на ДПМНЕ, во секој поглед се залепивме во место кај сите полиња на комуникациите со светот!“ Можно е секако да се промени она „Ова е твоја земја, ти одлучуваш“, доколку во ДПМНЕ постои некаква двојба или различни мислења по ова прашање иако генерално е тешко да се верува дека во зградата со голем балкон спроти Беко постои смисла за различни мислења, завршува Глобус, додавајќи дека и самата појава на ваква парола е повеќе од индикативна за тоа за каква форма на „патриотизам“ се определува оваа партија и каква иднина ни готви ако остане со кормилото во нејзини раце.

Фокус - Пастирот има уплав од приказните за криминалот на Фамилијата

И во текстот во Фокус се анализира со што би можела да настапи ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања, со таа разлика што авторот на анализата смета дека сега владејачката партија се врти кон етничките теми, на што сугерира и насловот: „Наместо Заев, ’двојазичноста‘ може да го закопа Груевски“ бидејќи, како што вели, „пастирот има уплав од приказните за криминалот на Фамилијата, кој е клучниот аргумент за паѓање на неговиот режим“. Авторот остава резерва дека е голема непозната какво влијание ќе има кампањата на владејачката партија, изборниот натпревар да го прогласи за референдум против воведувањето двојазичност во Македонија, затоа што етничките теми и антиалбанството на Груевски по изборите може да му се вратат како бумеранг, па во ситуација да победи, да биде невозможно формирањето коалициона влада на ДПМНЕ со албанските партнери, предвидува Фокус. Токму од овие причини Груевски побара 63 пратеници, пишува неделникот.

Република - Шеесет и тројца пратеници за сигурна Македонија

Токму за тоа пишува и Република, со таа разлика што барањето да се повторат резултатите од изборите 2011 и 2014 година ќе „значат не само потврда на довербата во политиката на ВМРО-ДПМНЕ, туку и референдумско „да“ за ставање крај на кризата и деструкцијата на СДСМ“. Насловот на уводникот гласи: „Шеесет и тројца пратеници за сигурна Македонија“. Затоа и СДСМ немало да оди на победа, зашто бил свесен дека нема шанси за тоа, туку „ќе игра на карта што е можно помал пораз за по секоја цена да влезе во новата влада, која би била широка или малцинска“, предвидува Република.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG