Достапни линкови

Партиите тргнаа во лов на гласови


Партискиот лидер Никола Груевски на собир на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје
Партискиот лидер Никола Груевски на собир на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје

Уште пред распишувањето на изборите, партиите неофицијално ја започнаа предизборната кампања. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека програмата им е готова, а во фокусот ќе биде подобрување на животот на граѓаните.

Изборната кампања официјално почнува на 21 ноември на 20 дена пред избори, но и власта и опозицијата веќе тргнаа во лов на гласови. Секој со своја програма, а во фокусот она што сакаат да го слушнат граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја имаат најобемната и најголемата програма досега. Според портпаролот на партијата, Иво Котевски, програмата е конкретна со точно предвидени рокови на реализација и буџет за остварување на проектите.

Во фокусот на програмата, како што нагласи тој, ќе биде економијата, како и областите на кои и досега работеле. Се на се ќе биде позитивна кампања, истакнува Котевски за она што им се нуди на граѓаните во наредните четири години и што веќе го најавил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на партискиот собир во неделата.

„Нашата програма е готова и таа е најобемната програма досега. Содржи бројни конкретни проекти и многу позитивни изненадувања за граѓаните, за бизнис заедницата, посебно за малите и средни бизниси, за синдикатите, за земјоделците, за здравствените работници, за студентите, пензионерите, работниците, невработените. Нашата програма содржи мерки, со конкретни буџети, чекори и реформи кои ќе им донесат на нашите граѓани многу нови и позитивни работи, кои ќе им го променат секојдневието, олеснат животот, ќе им отворат нови можности и перспективи и шанси во животот“, рече Груевски.

Toj потенцира дека се што е ветено ќе биде реализирано.

Од СДСМ истакнуваат дека програмата била усвоена на предновогодишниот конгрес на партијата. Примарната битка, според портпаролот на партијата Петре Шилегов ќе биде расчистувањето со криминалот и корупцијата во Македонија и виновните да завршат во затвор и да ги вратат украдените пари. Паралелно со тоа, како што вели Шилегов, ќе понудат и решенија за подобрување на животот и стандардот на граѓаните.

„Во планот наречен 180 - тоа се првите шест месеци од Владата, има сериозен корпус на решенија кои се однесуваат на и на социјалниот статус на определена групација на граѓани и исто така решенија кои се однесуваат на минималната плата чие што зголемување ќе го бараме и овозможиме. Понатаму на решенија кои што ќе доведат до укинување на екстерното образование. Потоа програмата која што ја имаме за младите во Република Македонија со цел на тие млади да им овозможиме во нашата држава да ја гледаат својата иднина“, вели Шилегов.

Тој додава и дека СДСМ многу интензивно ќе работат и на градење на општество составено од рамноправни граѓани, како што е заедничкиот соживот за кој потенцира Шилегов, нема друга алтернатива. Партиите од албанскиот блок не беа достапни за коментар за тоа што ќе им понудат на граѓаните во нивната изборна кампања.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG