Достапни линкови

Вести

МВР ќе се однесува професионално на собирот на „Шарената револуција“

Министерство за внатрешни работи, без оглед кој протестира, треба да го одржува јавниот ред и мир и нормално треба да се почитува правото на протест, а полицијата треба професионално да си ја врши работа, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред утрешниот собир на „Шарената револуција“ во знак на подршка на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

„Јас очекувам дека професионално и до крај посветено ќе си одговорат на задачата сите професионални во МВР кои ќе бидат на обезбедување на овој протест“, рече министерот Спасовски.

Од „Шарената револуција“ на нивниот фејсбук профил најавија собир за в понеделни, во 17 часот пред Собранието на Македонија, за поддршка на СЈО.

види ги сите денешни вести

Герапетритис: Треба строго и цврсто придржување кон Договорот од Преспа

Северна Македонија и Грција, Договорот од Преспа го потпишаа на 17 јуни 2018 година, а стапи на сила на 12 февруари 2019 година, (архивска фотографија)
Северна Македонија и Грција, Договорот од Преспа го потпишаа на 17 јуни 2018 година, а стапи на сила на 12 февруари 2019 година, (архивска фотографија)

Министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис смета дека односите со Северна Македонија се на исклучително задоволително ниво и оти на билатерална основа во последните пет години се развиени многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика. Но, тој упати и порака дека Договорот од Преспа мора да се почитува.

„Мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво“, рече Герапетритис денеска, 26 февруари, одговарајќи на пратеничко прашање во грчкиот парламент, јави дописничката на државната агенција МИА од Атина.

Од грчка страна, остануваат нератификувани три меморандуми за кои шефот на грчката дипломатија доби прашање од пратеничката од опозициската Сириза, Рена Дуру. Но, тој не даде одговор кога тоа ќе биде направено.

„Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“, рече Герапетритис.

Тој уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните и посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето.

Како што пишуваше Радио Слободна Европа (РСЕ), трите меморандуми кои веќе пет години се чуваат во фиока во грчкиот парламент се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.

Покрај меморандумите, грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон Северна Македонија. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите. Дипломатски извори за РСЕ, пак, посочија дека објаснувањето кое доаѓа од грчките институции до нив е дека не можат да им наложат на општинските власти во чија надлежност се дел од патиштата да ги направат промените на сообраќајните патокази.

Зборувајќи за исполнувањето на договорот, Герапетритис од грчкиот парламент се осврна и на патните исправи и меѓународните документи што требаше да ги промени Северна Македонија за што посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“. Тој потсети дека „прилагодувањето е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

„Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија“, рече Герапетритис.

Тој потсети и оти грчките власти ги информирале останатите држави за пасошите од Северна Македонија.

„Грчката Влада и Министерството за надворешни работи ги направија сите неопходни дејствија, токму поради недоволната усогласеност на патните исправи и нивното прилагодување на новото име. Во врска со ова е и формалното и официјално информирање на властите во странство, на грчките дипломатски претставништва, на властите во ЕУ како и државите членки на Европската Унија за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа“, посочи шефот на грчката дипломатија.

Рокот од пет години од стапувањето на сила на договорот за промена на документите за меѓународна употреба од Северна Македонија, истече на 12 февруари, а стотици граѓани останаа заглавени и во неможност доколку имаат потреба да ја напуштат државата поради тоа што немаат пасоши со новото уставно име.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 21 февруари рече дека во пракса на државјаните кои веќе се надвор од државата, другите земји не им прават проблеми при патувањата.

„Во главно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Прво, зашто ние се организиравме во дипломатско-конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови и достава на нив по пошта. Во многу држави и не им ги бараат патните листови. Меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши, не можам и официјално да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е порака – значи повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши“, рече Османи.

Тогаш тој посочи дека од другите земји, единствени што официјално се изјасниле за пасошите и останатите документи се Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име, како и Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.

Соработничка на Навални вели дека тој е убиен додека се постигнувал договор со Западот за негова размена

Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални (архивска фотографија)
Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални (архивска фотографија)

Соработничка на покојниот Алексеј Навални тврди дека размената на затвореници, во која требало да биде вклучен рускиот опозициски лидер, била во завршна фаза пред тој да умре во оддалечен сибирски затвор.

Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални, во видео изјава на Јутјуб на 26 февруари рече дека соработниците на Навални работеле две години за да ги убедат западните официјални лица да преговараат за договор што ќе ги вклучи критичарот на Кремљ и двајца американски државјани држени во руски затвори во замена за Вадим Красиков.

Красиков е поранешен полковник во руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кој беше осуден за атентат на поранешен чеченски борец во Берлин во 2019 година.

Певчик не ги именуваше двајцата државјани на САД кои би биле вклучени во размената. Во руските затвори моментално се наоѓаат неколку Американци, меѓу кои и поранешниот маринец Пол Вилан, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева. Навални би бил вклучен во договорот како дел од „хуманитарната размена“.

„На почетокот на февруари, на Путин му беше понудено да го замени убиецот на ФСБ, Вадим Красиков, кој одлежува казна за убиство во Берлин, за двајца американски државјани и Алексеј Навални. Вечерта на 15 февруари добив потврда дека преговорите се во завршна фаза. На 16 февруари Алексеј беше убиен“, рече Певчик.

„Алексеј Навални можеше да седи овде сега, денес. Тоа не е стилска фигура“, додаде таа.

Изјавите на Певчик допрва треба да бидат потврдени или отфрлени од други извори.

Запрашана на редовната прес-конференција во Берлин на 26 февруари за извештајот, портпаролката на германската влада Кристијане Хофман рече дека не може да коментира.

Претходно овој месец, Путин му рече на американскиот коментатор Такер Карлсон дека „може да се постигне договор“ за ослободување на Гершкович, кој беше уапсен во март 2023 година во Русија под обвинение за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како неосновани.

Путин посочи дека тој може да биде дел од размена за „патриотски“ руски државјанин кој моментално отслужува доживотна затворска казна за убиство во Германија--очигледно мислејќи на Красиков.

Волстрит журнал цитираше тогашни западни функционери дека Путин сакал Красиков да биде ослободен во замена за американските затвореници, вклучително и Гершкович и оти Красиков е централен за секој договор.

Во нејзиното видео, Певчик тврди дека Путин „не би толерирал“ Навални да биде ослободен и наместо да го вклучи во размена, рускиот лидер решил да се „ослободи од преговарачкиот адут“.

Таа не понуди докази за да го поткрепи нејзиното тврдење.

Таа, исто така, рече дека рускиот милијардер Роман Абрамович дејствувал како „неформален преговарач“ меѓу Кремљ и американските и европските претставници.

„Го прашав Роман Абрамович преку заеднички познаници како, кога и под кои околности го направил тоа и што рекол Путин. За жал, Абрамович не одговори на овие прашања, но ниту тој не негираше ништо“, рече Певчик.

Ниту Абрамович ниту Кремљ засега не ги коментираа ваквите тврдења.

Телото на Навални беше предадено на неговото семејство во текот на викендот, една недела откако неговата смрт беше објавена од страна на управата на таканаречениот затвор „Поларен волк“ каде што тој отслужуваше 19-годишна казна поради екстремизам и други обвиненија кои тој и неговите приврзаниците ги отфрлија како политички мотивирани.

Причината за неговата смрт не е наведена.

Мајката на Навални ги обвини руските власти дека и вршеле притисок да има таен погреб за нејзиниот син со цел да се избегне масовен излив на поддршка за еден од најгласните критичари на Путин.

„Погребот сè уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се изврши погребот како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве информираме штом има вести“, рече неговата портпаролка Кира Јармиш на платформата Икс (поранешен Твитер) на 24 февруари.

Во објава на 26 февруари таа додаде дека „бараме сала за јавно збогување со Алексеј. Време: крај на оваа работна недела“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 26 февруари рече дека е „апсурдно“ да се тврди дека врз семејството на Навални се врши притисок.

Србија регистрирала 19 случаи на морбили од почетокот на годинава

Илустративна фотографија - ММР вакцина која се дава против повеќе болести меѓу кои и морбили.
Илустративна фотографија - ММР вакцина која се дава против повеќе болести меѓу кои и морбили.

Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ на 26 февруари објави дека од почетокот на годинава во Србија се регистрирани 19 потврдени случаи на мали сипаници (морбили), меѓу кои и 13 месечно бебе.

Според податоците на Институтот „Батут“, најмногу заболени има во Белград, каде се регистрирани 16 случаи.

„Меѓу заболените има шест деца на возраст од три до пет години, од кои пет биле невакцинирани, како и шест лица над 40 години со непознат статус на вакцинација. Кај тројца од пациентите имало компликации во форма на пневмонија“, наведоа од Институтот за јавно здравје на Србија.

Инаку, првиот потврден случај во Србија беше регистриран на 6 февруари.

Од Институтот „Батут“ претходно за Радио Слободна Европа изјавија дека во Србија не се вакцинирале доволно деца против сипаници за да се создаде колективен имунитет, па постои можност да дојде до избувнување на оваа заразна болест, која се сметаше за искоренета.

За колективен имунитет, неопходно е опфатот со вакцинација да биде најмалку 95 проценти. Инаку, во Србија вакцината против сипаници се дава во две дози - во втора година од животот и во седма година, пред детето да тргне на училиште.

Руското обвинителство бара три години затвор за ветеран во борбата за човекови права

Олег Орлов е обвинет дека ја критикувал руската инвазија на Украина
Олег Орлов е обвинет дека ја критикувал руската инвазија на Украина

Руското обвинителство побара од окружениот суд во Москва да го осуди Олег Орлов, ветеран во борбата за човекови права, на две години и 11 месеци затвор, обвинувајќи го за „постојано дискредитирање“ на руската армија вклучена во инвазијата на Украина.

Орлов е копретседавач на Меморијалот за човекови права, организација која е добитник на Нобеловата награда за мир во 2022 година.

Адвокатот Катерина Тертукина на 26 февруари изјави дека нејзиниот клиент не е виновен, додека Орлов одби да учествува во завршните зборови, нагласувајќи дека ќе ја даде својата завршна изјава пред судот да донесе одлука.

На судењето присуствуваа 15 дипломати од западните земји, додека судницата беше преполна бидејќи десетици активисти дојдоа да му дадат поддршка на 70-годишникот.

Орлов, чие повторно судење започна на 16 февруари, дојде во судницата држејќи примерок од романот „Процес“ на Франц Кафка, кој се однесува за човек кој беше уапсен и суден по обвиненија непознати за него.

Во октомври минатата година, судот го казни Орлов со 150.000 рубљи (1.590 долари) по протестите со кои се осудуваше руската агресија врз Украина и написот што тој го напиша во кој ја критикува руската влада за испраќање војници во Украина, објавен во француското списание Медиапарт.

Во средината на декември, Московскиот градски суд ја поништи таа пресуда и го врати случајот на Орлов кај обвинителите, кои ја обжалија одлуката, велејќи дека казната е премногу блага.

Претходно овој месец, руските власти го додадоа Орлов во регистарот за „странски агент“, а истражителите го ажурираа обвинението против активистот за човекови права, велејќи дека неговите наводни неправилности биле мотивирани од „идеолошко непријателство против традиционалните руски духовни, морални и патриотски вредности“.

Организацијата „Меморијал“ соопшти дека случајот е набрзина повторно истражен, додека Орлов рече дека мисли оти на инспекторите им било наредено брзо да започнат со случајот за да може да започне и ново судење.

„И покрај оваа брзање, јас сум подготвен да ја докажам својата невиност и мојот став во однос на владеењето на Уставот“, изјави претходно Орлов.

Орлов стана познат како еден од водечките активисти за човекови права во Русија откако го основа Меморијалниот центар за човекови права по распадот на Советскиот Сојуз.

Од 2004 до 2006 година, Орлов беше член на Претседателскиот совет за развој на граѓанското општество и институциите за човекови права.

За неговиот придонес за човековите права во Русија, Орлов ја доби наградата Сахаров во 2009 година, меѓународна почесна награда за поединци или групи кои го посветиле својот живот на одбраната на човековите права и слободата на мислата.

Во 2022 година, организацијата ја доби Нобеловата награда за мир за својата долгогодишна „борба за човекови права и демократија“.

Кремљ го отфрли предлогот за мировни разговори во Швајцарија, без Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Русија ја отфрли идејата на Швајцарија за можни разговори во Женева за мировен план за Украина без учество на Москва како „смешна“.

Веста дојде кога вооружените и надмоќни украински сили се повлекоа од втора локација на истокот на земјата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 25 февруари изрази надеж дека во наредните месеци ќе се одржи самит на светски лидери во Швајцарија на кој ќе се разговара за неговата визија за мир, откако претходно швајцарската претседателка Виола Амхерд изјави дека нејзината неутрална земја е подготвена да биде домаќин на мировна конференција на високо ниво.

„Се надевам дека самитот ќе се одржи оваа пролет. Не смееме да ја изгубиме оваа дипломатска иницијатива“, рече Зеленски, додавајќи дека очекува мировната иницијатива да и биде претставена на Москва.

Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 26 февруари оваа идеја ја нарече „бизарна“.

„Колку што разбравме, прашањето на агендата е некоја бизарна таканаречена Женевска платформа - конференција на која ќе се разговара за мировниот план на Зеленски. Постојано кажуваме ова е чуден аранжман, бидејќи се разговара за некои мировни планови без учество на Русија, што само по себе не е сериозно, па дури и смешно“, рече Песков на прес-конференција.

Во меѓувреме, околу 20 западни лидери и високи функционери се собираат во Париз на 26 февруари за да ја зајакнат решеноста на Европа да ја поддржи Украина додека војната влезе во третата година.

„Сакаме да му испратиме на рускиот претседател Владимир Путин многу јасна порака дека нема да победи во Украина“, им рече на новинарите советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за набрзина договорената средба.

„Нашата цел е да ја уништиме оваа идеја, тој сака да веруваме дека некако ќе победи“, рече советникот.

Украинските сили, пак, потврдија дека се повлекле од Ласточкине, село на околу 5 километри северозападно од Авдијевка, кое минатата недела падна во рацете на руските трупи по жестока месечна битка.

„Ова е уредно и компетентно повлекување. Нема потреба од паника. Најважно е да се спасат животите на украинскиот персонал“, изјави воениот портпарол Серхиј Цехотскиј за Радио Слободна Европа.

Исцрпените украински сили страдаат од зголемен недостиг на тешко оружје и муниција бидејќи очајно потребната воена помош на САД останува заглавена во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, кој одбива да го усвои предлог-законот кој вклучува 61 милијарда долари помош за Украина.

Во меѓувреме, најмалку две лица загинаа во руски воздушен напад во североисточниот регион Суми на 26 февруари, кога Русија започна нов бран напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Украина, соопштија регионалните власти и војската.

„Уништена е приватна станбена зграда, уште пет се оштетени во напад во селото Јунакиев. Во нападот загина еден пар“, соопштија регионалните власти на Суми во пораката на Телеграм.

Украинската воздушна одбрана собори девет од 14-те беспилотни летала лансирани од Русија рано на 26 февруари, соопшти војската. Уништени билеи три руски крстосувачки ракети.

Данска ја заврши истрагата за експлозиите на гасоводот Северен тек

илустрација
илустрација

Данска објави дека се откажала од истрагата за експлозиите во 2022 година на гасоводот „Северен тек“ што носи руски гас до Германија. Претходно, на 7 февруари, Шведска објави дека ја завршила истрагата за експлозиите, наведувајќи го како причина прашањето околу јурисдикцијата.

Цевководите „Северен тек 1 и 2“ вредни повеќе милијарди долари кои транспортираат гас под Балтичкото Море беа оштетени од серија експлозии во шведската и данската економска зона во септември 2022 година.

„Истрагата ги доведе властите до заклучок дека имало намерна саботажа на гасоводот. Сепак, оценката е дека нема доволно основи за покренување кривична постапка во Данска“, се вели во соопштението на полицијата во Копенхаген.

Русија и Западот вперуваат прсти еден кон друг поради експлозиите на гасоводот, но двете страни негираат вмешаност и никој не ја презеде одговорноста.

Шведска се откажа од истрагата за експлозиите претходно овој месец, велејќи дека нема јурисдикција во случајот, но им го предала материјалот на германските инспектори, кои допрва треба да ги објават своите наоди.

Данската полиција соопшти дека соработувала со релевантни странски партнери и дека спроведената истрага била „и сложена и сеопфатна“. Оттаму претходно објавија дека гасоводите биле погодени од силни експлозии, додека шведските истражители потврдија дека трагите од експлозивот пронајден на местото укажуваат дека се случила саботажа.

Минатата година Германија му соопшти на Советот за безбедност на ОН дека пронашла траги од подморски експлозив на едрилица што можеби се користела за транспорт на експлозивот и дека обучени нуркачи можеби го прикачиле експлозивот на гасоводите.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков силно го критикуваше затворањето на истрагата на Данска за саботажата на гасоводот Северен тек што ги поврзува Русија и Германија во 2022 година.

„Ситуацијата е блиску до апсурдна. Од една страна, тие препознаваат дека имало намерна саботажа, но од друга страна, не одат напред“, изјави Песков за новинарите.

Русија ги обвини САД, Велика Британија и Украина за експлозиите, кои во голема мера го исклучија рускиот гас од профитабилниот европски пазар. Тие земји негираа вмешаност.

Некои западни претставници рекоа дека руските поморски бродови биле во областа во моментот на експлозиите, но други рекоа дека нема цврсти докази за вмешаност на Москва.

Украинската амбасадорка Дир: Руската агресија не е само војна против Украина, туку и против демократскиот свет

Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024
Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024

Оваа војна на Руската федерација не е само војна против Украина, туку и против демократскиот свет, против земјите на НАТО, порача украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир на денешната конференција „Украина – две години хероизам“, во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода, а по повод две годишнината од неоправданата руска агресија во Украина.

Дир на почетокот од својот говор се осврна на историјата која ги спојува Русија и Украина, истакнувајќи дека „неказнувањето на Кремљ за злосторствата извршени во Буча, Ирпин, Мариупол, Изум и Авдијивка предизвика само дополнителни злосторства“. Дир уште еднаш испрати повик за продолжување на помошта за Украина од страна на меѓународните партнери.

„Украина апелира до партнерите да ја зајакнат одбранбената поддршка, ни треба оружје, заедничко производство на оружје за одбрана. Треба да ги прошириме одбранбените коалиции за да обезбедиме безбедност. Неопходно е да се зајакнат санкциите против руската федерација и да се спроведат, особено, за да нема индиректно финансирање на производството на ракети кои летаат над главите на Украинците и ја палат украинската земја“, нагласи Дир.

Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024
Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024

Покрај Дир, на настанот посветен на војната во Украина свое обраќање имаа и повеќе министри, како и амбасадори во земјава, а претседателот Стево Пендаровски потсети дека позицијата на Северна Македонија не е променета и две години од почетокот на агресијата.

„Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто и е повеќе од потребна, да не се одлага заради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички“, рече Пендаровски.

Покрај Пендаровски свое вклучување преку видео-врска имаше и техничкиот премиер Талат Џафери, а на говорницата зборуваа уште и евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик народниот правобранител Јован Андоновски, како и вицепремерката за добро владеење Славица Грковска.

Покрај тоа што на настанот беа присутни амбасадори на повеќе земји во Северна Македонија, како американската амбасадорка Анџела Агелер и холандскиот амбасадор Оливер Вархеји, присуствуваа и повеќе украински граѓани, како и членови на здружението „Лесја Украинка“.

Токму десетици Украинци, во организација на здружението „Лесја Украинка“, учествуваа на саботниот марш во центарот на Скопје, по повод одбележување на двегодишнината од руската целосна инвазија врз Украина.

На протестот беше запалена фотографија од Путин, а организаторот побара воена помош за земјата зафатена од војна.

Борел: Неуспешни состаноци со Курти и Вучиќ во Минхен

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека одржал „неуспешни“ средби со лидерите на Косово и Србија во врска со ескалацијата на ситуацијата меѓу двете земји.

Во текстот објавен по безбедносната конференција во Минхен во врска со геополитичката агенда на ЕУ, Борел напомена дека на таа средба одделно се сретнал со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Со претседателот на Србија Вучиќ и со премиерот на Косово Курти на одделни состаноци разговарав за деескалација на тензиите, но за жал без успех“, рече Борел.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија од 1 февруари, кога почна да се применува декретот на Централната банка на Косово (ЦБК), со кој се предвидува дека еврото ќе биде единствената валута за готовинско плаќање, со која се забранува употреба на српскиот динар.

Србите од Косово бараат да се поништи одлуката за забрана на динарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:06 0:00

Европската Унија бара ова прашање да се реши со дијалог, додека Косово наведува дека декретот на ЦБК не е предмет на дијалог.

САД бараат од Косово да го одложи спроведувањето на оваа одлука и наведуваат дека таа е донесена без претходна консултација и дека не ги земала предвид негативните влијанија врз српското население на Косово. Србија им доделува милиони евра на Србите во Косово со исплата на плати, пензии и дополнителна помош во динари преку паралелен систем.

По средбата во Минхен, од кабинетот на Курти соопштија дека тој со Борел и со европретставникот Мирослав Лајчак разговарал за изјавите на српските власти за Договорот за патот кон нормализација на односите.

Курти повтори дека е „неопходно“ потпишување на Основниот договор постигнат во Брисел и анексот во Охрид, „како гаранција за нивно целосно почитување и спроведување, кон целосна нормализација на односите меѓу двете земји“.

Европската Унија соопшти дека Договорот за патот кон нормализација на односите, кој беше постигнат минатата година, не почнал да се спроведува.

Во 11-члениот договор, меѓу другото, се предвидува нивото на самоуправа на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а Приштина и Белград се обврзани да ги спроведат сите досегашни договори постигнати за време на дијалогот.

Белгиските земјоделци го блокираа Брисел, грчките преминот Богородица

илустрација
илустрација

Неколку стотици белгиски земјоделци со своите трактори од утрово ги блокираа улиците во т.н. „европски кварт“ на Брисел, каде се сместени институциите на ЕУ, предвидувајќи проблеми и застои во сообраќајот, а дел од нив го запоседнаа и централниот бриселски плоштад Гран Плаз.

Протестот го организираат земјоделски здруженија од јужна Белгија кои најавија дека главниот собир ќе се одржи на плоштадот Шуман, близу зградите на институциите на ЕУ, каде во исто време се одржува заседанието на министерскиот Совет за земјоделство и рибарство на ЕУ на кој главна тема е „потребата од итен и системски одговор на актуелните состојби во земјоделскиот сектор“.

Портпаролката на бриселската полиција Илзе ван де Кере за „Брисел Тајмс“ изјави дека улиците во „европскиот кварт“ веќе се блокирани со околу 300 трактори, а поголем број земјоделски возила се „паркирани“ и на главниот булевар што води кон плоштадот Шуман.

Според неа, регистрирани се и неколку фрлени димни бомби, но состојбата е мирна и нема никакви проблеми или инциденти, освен што е бучно бидејќи земјоделците трубат со сирените на своите трактори.

Полиција уште синоќа предупреди дека блокадите би можеле да траат до доцните попладневни часови и им препорача на жителите на Брисел да не се движат со своите возила во правец на „европски кварт“ на градот и наместо тоа да го користат јавниот превоз.

Бриселското јавно сообраќајно претпријатија СТИБ, меѓутоа, соопшти дека поради протестите, во прекин се неколку трамвајски и автобуски линии, а затворени ќе бидат и двете метро станици во „европскиот кварт“.

Блокада на преминот Богородица од 12 до 16 часот

И грчките земјоделци од северниот дел на земјата денеска го блокираат преминот Евзони (Богородица) кон Северна Македонија за патничкиот и товарниот сообраќај.

На останатите гранични премини Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники преминувањето е нормално и засега нема најави за блокади на тие гранични премини.

На ГП Евзони ќе се одржи земјоделски собир што ќе започне околу 12 часот по македонско време и во периодот додека трае протестот ќе биде блокиран сообраќајот.

Пендаровски: Заедно со сојузниците во НАТО вложуваме напори да не се одлага помошта за Украина

Милутмедијална конференција „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода, 26 феврауари 2024 година
Милутмедијална конференција „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода, 26 феврауари 2024 година

Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите Нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.

Ние, додаде тој, уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци и бевме меѓу првите земји, коишто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, којашот гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

„Нашата позиција не е променета и две години од почетокот на агресијата. Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто и е повеќе од потребна, да не се одлага заради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички“, рече Пендаровски.

Според него, успесите на Украина денес не зависат само од волјата и од потенцијалите на украинската армија, туку и од финансиската, логистичката и, пред сè, воената помош којашто таа мора да ја добива.

„Секоја поинаква калкулација во овој контекст, ќе доведе до уште поголеми страдања, разрушувања во Украина и неизвесност за сите нас“, рече Пендаровски.

Во говорот на конференцијата тој информираше дека за два дена од денес, во Тирана, ќе учествува на самитот „Украина – Југоисточна Европа“, каде што заедно со неговите колеги ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Целта е да се реафирмираме нашата јасна позиција за продолжување на помошта за Украина, поддршка за процесот на обнова на разрушените делови и за носење пред лицето на правдата на сите одговорни за ужасните злосторства со што ќе им дадеме барем малку утеха на најблиските на жртвите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG